0 коментари 11 мин. читање 20 февруари, 2025

Гејминг преглед на претстојните Memory Lost, Nested Lands и Yasha: Legends of the Demon Blade

Неделава ја имавме ексклузивна можност да провериме три претстојни наслови, Nested Lands, Memory Lost и Yasha: Legends of the Demon Blade. Беше вистинско задоволство на кратко да навлеземе во нивните уникатни светови и да ги провериме иновативните механики со кои се истакнуваат.

“Nested Lands” нѐ импресионира со својот безмилосен средновековен RPG пристап. Со длабоко градење на села, обемно социјално управување и брутални борби, оваа игра нуди предизвикувачко и впечатливо искуство. Бидете спремни на помагање на луѓе, градење населба, усовршување на вештини, и преживување, само или во онлајн кооперативна игра!

Од друга страна, “Memory Lost” нѐ вовлече во својата мистериозна атмосфера и уникатна механика. Оваа акциона пукачка игра не не премногу импресионира со приказната, но ни остави силен впечаток со битките, особено со механиката поврзана со заробување на умот и преместување во телото на непријателот.

Memory Lost: Хранење на сеќавања

Memory Lost e возбудлива пукачка игра во киберпанк стил, со поглед од птичја перспектива. Вашата задача е да навлезете што е можно подлабоко во мрачните улици на Детраксис, дистописки метрополис каде што технолошките чуда се испреплетени со безмилосните корпоративни војни.

Низ играта собирате таканаречени memory shards – сеќавање на луѓе, податоци за предмети, и слично – валута која подоцна се користи за тренирање, односно надградба на способностите. Во кој било момент, можете да навлезете во системот со вештините и да ги надградувате вашите способности во поглед на брзина, одбрана, оштетување со ладни и огнени оружја, и обнова на ултимативната моќ. Овие способности се врзани едни со други и за да отклучите некоја подалечна способност, потребно е да ги отклучите сите претходни првин. За жал, се работи за стандарден систем од статистички подобрувања, како Х проценти побрз, поиздржлив или посмртоносен, ништо посебно.

Она што би можело да ве импресионира е борбениот систем каде што вашиот лик може да се телепортира на кратки далечини за да избегнува удари, како и да имплементира лесни или тешки напади со огнени или ладни оружја. Најдобриот момент е тоа што можете да го поседувате нивниот ум, а, со тоа, и нивното тело. Иако можете да ги поседнете скоро сите противници, имате мал временски прозорец, доколку инстантно не ја искористите можноста, телото исчезнува, оставајќи ве да си ја пробате среќата со некое друго. Секое префрлување во нечијо тело е како активирање привремен штит или целосна регенерација на здравјето. Скокањето од едно до друго тело е брзо, флуидно и забавно, дозволувајќи ви да издржите на бојното поле значително повеќе. Со огнено оружје, преносот е уште по интересен бидејќи ја имате можноста да скокате значително поголема далечина.

Телата не можете да ги користите неограничено и, по одредено оштетување, принудени сте да се вратите во вашето тело. Паралелно со оваа имате и скала за ултимативна моќ. Штом се исполни скалата можете инстантно да скокате од едно до друго тело, зашеметувајќи ги и убивајќи ги сите домаќини во кои ќе скокнете се додека не се испразни скалата. Телата на босовите, на пример, нема да можете да ги преземете, но одредени „специјални“ противници кои се некаде помеѓу стандардните непријатели и босовите, се исклучително забавни за користење. Потешки се за елиминирање, но се двојно позабавни за контролирање, дозволувајќи ви да го пеплосате бојното поле за секунда. Кога ќе се земе се во предвид, прилично сме задоволни од делот на битките, но мора да признаеме дека ориентирањето и движењето на ликот знае да биде трапаво на моменти, не дозволувајќи ни секогаш да го нападнеме или да го поседнеме саканиот непријател.

Како напредувате низ играта така отклучувате се поголем арсенал од оружја и уникатни противници за преземање

Покрај противниците, посебно внимание е посветено на дизајнирање на локации, нудејќи најразлични и невообичаени места за пресметки. Структурата на мапите е премногу мала за да пружи задоволителен простор за истражување, сведувајќи ги постапокалиптичните простири за еден вид мини арени каде често се спротивставувате со завидна бројка од непријатели пред да прошетате малку и да го повторите истото.

Иако ни се допаѓаат локациите и борбените механики, не би можеле премногу да ја пофалиме приказната и глумата. Се е некако набрзинка скоцкано и неверодостојно одглумено, оставајќи впечаток дека се наративниот аспект не е примарен фокус на студиото. Музиката, од друга страна, е лудница, во најдобра смисла на зборот. Феноменални траки кои го креваат и одржуваат адреналинот, со, на моменти, интересни вокални реализации кои креативно скокаат помеѓу неколку музички стилови, нудејќи свежа и егзотична изведба.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Magic Hazard
  • Издава: ESDigital Games
  • Жанр: hack and slash
  • Платформа: Microsoft Windows
  • Излезе на:  непознато

Nested Lands: Мазохистички маки

Чедото на 1M Bits Horde – Nested Lands се истакнува како потенцијално импресивен додаток на жанрот на средновековни RPG-и за преживување, нагласувајќи спој на стратешко управување со населба и застрашувачки предизвици за преживување. Јачината на играта лежи во нејзиното длабоко управување со населбата; не само што имате значителна контрола врз еволуцијата на вашето село, туку и можете да доделувате улоги на селаните, насочувајќи ги кон стекнувањето на ресурси. Експанзивниот систем за изработка и надградливите структури нудат значителен степен на персонализација, овозможувајќи ви да ги прилагодите вашите населби според вашиот стил на играње.

Кога врне – истура

Играта се одликува со предизвикувачко survival искуство. Nested Lands нема да размисли двапати да ви ја искомплицира работата со закани од чума, разбојници и сурови временски услови. Динамичниот свет, испреплетен со случајни настани, воведува елемент на сурова непредвидливост, каде што никогаш не сте сигурни на какво зло ќе наидете. За среќа, маките ќе можете да си ги споделите благодарение на онлајн кооперативен режим. Од она што успејавме да забележиме, за тимот е особено важно да овозможат на играчите да ги споделат товарите и триумфите на преживувањето со пријателите, засилувајќи ја социјалната димензија на играта. Една од најсилните точки е мрачната средновековна средина која е безмилосно разрушена од чумата, создавајќи поразителна, но потопувачка атмосфера.

Од сево ова, јасно е дека нагласокот на играта е на сурово преживување, нешто што може да претстави стрмна крива на учење за некои играчи. Балансирањето на предизвикот со пристапноста и успешното интегрирање на елементите за управување со населбата и битките се од клучно значење. Од она што видовме, тимот е на добар пат да обезбедувањето овие аспекти од играта да се привлечни и добро избалансирани.

Nested Lands зрачи со значителен потенцијал за длабок и предизвикувачки средновековен survival RPG. Фокусот на детално управување со населба, ригорозни механики за преживување и кооперативно играње ја одделува од многу други наслови во жанрот. Ако програмерите можат ефикасно да ја реализираат својата визија, Nested Lands има потенцијал да стане извонреден наслов. Комбинацијата на играта на градење градови, преживување и RPG елементи може да донесе многу привлечно и уникатно искуство.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: 1M Bits Horde
  • ИздаваMETA Publishing
  • Жанр:survival
  • Платформа: Microsoft Windows
  • Излезе на:  непознато

Бонус игра што проверивме: Yasha: Legends of the Demon Blade

Yasha: Legends of the Demon Blade ветува да биде занимлив додаток на жанрот на roguelite акциони RPG, вешто спојувајќи динамична борба со волшебен фантастичен свет кој е инспириран од јапонската култура. Приказната е сместена во ерата на Едо и се одликува со демонски пресврт, вовлекувајќи ве во невообичаен свет на конфликти и интриги. Акцентот на течната, комбо-ориентирана борба, заедно со разновидните “Демонски сечила” и различните стилови на трите ликови нуди задоволувачко борбено искуство.

Најсилната точка во Yasha: Legends of the Demon Blade се чини дека лежи во нејзината roguelite формула. Секое играње ветува уникатно искуство, охрабрувајќи ги играчите да експериментираат со различни стратегии. Визуелниот и наративниот дизајн на играта ефикасно ја доловува ерата на Едо, надополнувајќи ја и со фантастични елементи. Комплексниот систем за прогресија им овозможува на играчите да ги прилагодат своите билдови за да ефикасно се справат со различните предизвици. Како да ова не е доволно, вклучувањето на скриени фази и демонски фестивали додава дополнителна длабочина на играта.

Додека поставката и премисата се интригантни, длабочината на нарацијата и развојот на ликовите на крајот ќе ја одредат долгорочната привлечност на играта. Разновидноста на типовите на непријатели и средини, исто така, ќе игра значајна улога во одржувањето на вашиот интерес, нешто што воопшто нема да е тешко затоа што секој противник се одликува со различни забавни предизвици. Генерално, Yasha: Legends of the Demon Blade има потенцијал да стане извонреден наслов во својот жанр, нудејќи привлечна мешавина од течна борба, roguelite повторливост и волшебна културна средина.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: 7QUARK
  • Издава7QUARKGame Source Entertainment
  • Жанр: акција, roguelite
  • Платформа: Microsoft Windows
  • Ќе излезе на:  24 април 2025
Avatar photo
Напишано од

Мартин Јованчевски

Мартин Јованчевски е автор соработник на IT.mk. Долгогодишен рецензент на игри, програми и на сè што се осмелува да оди рака-под-рака со дигиталното.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
Изглед
To top