Зошто да ја играте?
- Фанови сте на уникатни sandbox искуства поврзани со филмската индустрија
- Сакате да се запознаете во бројните процеси кои се поврзани со правење филмови
- Едноставен концепт, комплексна изведба со висока вредност на преигрување и феноменална звучна подлога
The Executive – Movie Industry Tycoon ве фрла во турболентниот свет на Холивуд, нудејќи длабока симулација каде управувате со филмско студио. Играта нуди уникатно sandbox искуство каде поминувате низ кинематографската историја, ковајќи ваш личен пат до уметнички престиж и доминација на бокс-офисот.

Стратешка длабочина, креативна слобода и реална симулација
Во оваа сложена симулација на филмска продукција, вие имате детална контрола над секоја фаза, од концептуализација до дистрибуција. Ќе избирате жанрови, теми и целни рејтинзи, потоа ќе се нурнете во развој на сценариото, кастинг на совршени актери (од ѕвезди во подем до докажани актери).
Од главното мени можете да одберете една од две понудени индустрии: Hollywood или Chinawood, при што талентите, дистрибутерите и конкуренцијата ќе бидат инспирирани или од Hollywood или од кинескиот пазар. Паралелно со ова, имате на располагање четири различни тежини. Секоја тежина ви дава одредена флексибилност во поглед на финансиите и операциите. Со оглед на уникатната природа на играта, наш совет е да почнете на најлесната тежина со овозможен туторијал. Во моментот кога ќе научите како се влечат конците во оваа брутална индустрија, би можеле да започнете нова игра со поголем предизвик.

Откако го именувате вашето студио и извршен директот, време е да ги засукате ракавите и да започнете со продукцијата. Имајте во предвид дека, како филмски продуцент што почнува во оваа индустрија имате големи сништа, но ограничен буџет, принудувајќи ве да сте особено внимателни при одбирање и управување со таленти. Патот до вашето филмско царство, како што ќе забележите набргу, е полн со трнливи стази.
Со тешко спечалените пари, потребно е да работите на зголемување на вашиот престиж. Што поголем престиж има вашата компанија, толку подобар пристап ќе имате до клучните играчи од индустријата. Но, за висок престиж ви се потребни квалитетни филмови кои ќе првивлечат позитивни рецензии од критичарите. По одреден степен, престижот ќе почне да опаѓа, принудувајќи ве никогаш да не се премногу опуштате и константно да сте во лов на наредниот хит.
Покрај престиж, ќе работите и на собирање поени за истражување. Како што кажува името, овие поени ви дозволуваат да отклучувате нови способности преку менито за истражување. Во вашата мисија за освојување на филмската индустрија, ќе наидувате и на најразлични цели кои, доколку се завршат, ќе ве наградат на најразлични начини. Имајте во предвид, меѓутоа, дека овие цели може да бидат, но и не мора да се изборни, како и временско-ограничени. Неуспех да завршите одредени цели може да ви наметне одредени пенали во работата.
Како и да е, време е да го направиме нашиот прв филм….

На почетокот, ќе можете да правите само помали филмски изданија, но, подоцна, како вашите вработени се здобиваат со повеќе искуство, ќе се отклучат можности за правење вистински блокбастери. Штом го одберете буџетот, ќе биде потребно да одберете кој да биде дел од вашиот тим, имајќи во предвид какви се вештини се потребни за да се истурка до самиот крај. Корисничкиот интерфејс е одлично реализиран и нуди прекрасни можности за сите што сакале поинтимно да создават филмови, да одредуваат режисери, да наметнуваат главни и споредни улоги, да се посветуваат на одредени жанрови и да се справуваат со сите позитивни и негативни работи кои произлегуваат од целиот процес.
Играта паметно ја нагласува меѓусебната поврзаност на бројните избори; лошо избран главен актер може да уништи ветувачко сценарио, а раскошен буџет никако не гарантира хит.
Во создавање на вашиот филм, ќе биде потребно да одберете одредени теми кои ќе се покриваат, како магија, киберпанк, зомби, див запад и слично, како и жанрови како комедија, хорор, акција, и слично, не заборавајќи и да одредите за која возрасна група е филмот. Штом ги средите овие работи, потребно е да одберете режисер, главна и споредна улога. За секој талент ќе добиете пристап до корисни податоци, како дали резонираат повеќе со домашната или меѓународната публика, како се оценети нивните дела од критичарите, колку се идеални за сценариото и, нормално, колку пари сакаат да им исплатите. Изборот помеѓу овие таленти е скромен, но, како што напоменавме, престижот ќе се погрижи да се отклучат покреативни луѓе со понатамошното играње.

Штом дадете зелено светло за проектот, извршниот директно ќе започне со работа низ најразлични фази на продукцијата, нешто што наликува на поедноставна верзија на The Sims игрите – го гледате лицето како работи пред компјутер, поминувајќи низ најразлични временски периоди. Низ бројните фази, ќе биде потребно да давате напатствија во какви правци да се развива филмот, односно колку да се трошат пари на приказната, колку на костими и шминка, а колку на околината. Штом се комплетира таа фаза, друга ќе ви дозволи да инверстирате во специјални ефекти, аудио дизајн или уредување.
Вклучувањето на “продукциски инциденти”, како што се пречекорувања на буџетот, несреќи на снимање и дури и актерски скандали, додава слој на неочекуван предизвик.
Во зависност од тоа какви филмови правите (жанрови), такви соодветни опции ќе се отклучуваат низ кампањата, дозволувајќи ви подетално пренасочување на средствата во дополнителни подкатегории. По завршување на снимањето, кое, како и сите други аспекти, се изведува во позадина, ќе работите на соодветна дистрибуција.

Секој од овие аспекти има позитивни и негативни страни, пружајќи навидум непресушни можности за експериментирање, како би извлекле финални производи со најразлични успеси. Штета што многу од аспектите не можете директно да ги гледате како се развиваат, туку се се сведува на пасивно гледање како се работи и читање извештаи. Исто така, посакувавме да има подетални повратни информации за филмските критики и приемот на публиката, обезбедувајќи појасни сознанија за бројните креативни одлуки. Независно од ова, sandbox природата на песочната кутија на играта, во комбинација со непредвидливата природа на продукциските инциденти и пазарните флуктуации, обезбедува секое наредно преигрување да е поразлично и да ве забави со поразлична нарација.

The Executive – Movie Industry Tycoon е убедлива и длабоко ангажирачка симулација која нуди уникатна перспектива за внатрешното функционирање на Холивуд. Во играта ќе наидете на богато и наградувачко искуство, независно од тоа дали сте љубител на филмови, стратешки ентузијаст или едноставно некој кој ужива во градење и управување со виртуелни империи. Комбинацијата од стратешка длабочина, креативна слобода и реална симулација ја истакнува играта како извонреден наслов во жанрот на деловна симулација.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Aniki Games
- Издава: Goblinz Publishing, Maple Whispe
- Жанр: симулација
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 11 февруари 2025







