Македонските средношколци информатичари од Интернационалната олимпијада по информатика во Сингапур освоија три бронзени медали. Тимот составен од Благојче Павлески, Андреј Величковски, Андреј Шеќеров и Тео Китановски, и менторите, м-р Емил Станков и д-р Бојана Котеска од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои три бронзени медали.
Бронзените медали за Македонија ги освоија Благојче Павлески од Прилеп; Андреј Шеќеров од Скопје; и Андреј Величковски од Куманово.
Годинава на Олимпијадата учествуваат вкупно 343 ученици од 87 земји од целиот свет. Официјално настанот се одржи во Сингапур во организација на Националниот универзитет на Сингапур. Во квалификациите за овие натпревари секоја година учествуваат над 400 000 натпреварувачи.
Радосен сум од успехот на нашите ученици, кои се вистински амбасадори на нашата земја. Овој успех покажува дека со несебичното повеќегодишно волонтерско ангажирање на неколкумина професори од Здружението, можно е да се постигнуваат врвни резултати на интернационално ниво, и наместо да сме рангирани некаде кон крајот на одредени листи, можеме да сме далеку повисоко, вели Миле Јованов, претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија.
Од првото учество како независна држава на ИОИ во 1996 година, Македонија има резултати со кои предничи и во однос на земјите со слична големина како и во однос на доста поголеми земји – учеснички на ИОИ: досега се освоени 2 сребрени и 21 бронзен медал. Неодамна и јуниорите освоија бронзен медал на Европската олимпијада по информатика.