Топ три примарни програмски јазици кај македонските програмери и девелопери се JavaScript, Java и C#. Оваа статистика ја потврдува мапирањето на ИТ индустријата – издание 2022, во кое 22.41% од интервјуираните ИТ професионалци (1.785 валидни одговори за ова прашање) во сегментот програмирање/девелопмент го избраа JavaScript како примарен програмски јазик, додека за 14.45% од нив изборот беше C#, а на трето место со 13.89% е Java.
50% од македонските програмери работат во JavaScript, C# или Java
Споредбено со мапирањето од 2019-та година, кај JavaScript и Java се забележува пад од неколку проценти, додека кај C# има спротивна слика – овој програмски јазик бележи пораст од скоро 2%.

На што се должат овие трендови ги прашавме Бојан Гавровски – софтвер инженер и сопственик на ИТ компанијата BeyondBasics и платформата Oblax.io, Марјан Николовски од ИТ компанијата Emit Knowledge која стои зад продуктот Envoice.in, како и Елена Стојанова, сениор софтвер инженер која работи фриленс.
JavaScript

И во 2019, а и во 2022, JavaScript е најкористен програмски јазик… на што се должи големата популарност на JS изминативе години?
Бојан: “JavaScript е јазик во кој буквално можете да изработите скоро сè. Тргнувајќи од веб апликации, мобилни, десктоп, па сè до софтвер за мали системи како Raspberry Pi. Иако не е совршен, доволно е лесен и достапен за секој кој е спремен да го научи. Понудите за работа се постојани, како за искусните така и за помладите програмери. Online курсевите, материјалите за учење и корисничките групи ги има многу и се подостапни од било кога, а тоа се можеби најрелевантните фактори за неговата популарност.”
Во однос на 2019, JavaScript бележи пад од 6%. Кое е твоето мислење за причината за овој пад?
Бојан: “Зголемената популарност на јазици кои ги покриваат слабостите на JavaScript прави поискусните JS програмери да мигрираат кон TypeScript, Go, Rust, или пак C#. Иако во моментов гледаме благ пад, мислам дека новите генерации на JavaScript програмери ќе ја пополнат оваа “празнина” и сосема е возможно наредната година резултатите да бидат во “полза” на JavaScript.”

JavaScript останува како јазик кој и junior и senior програмери сакаат повеќе да го совладаат или применуваат во иднина. Дали очекуваш JavaScript и следните 2-3 години да “владее”?
Бојан: “JavaScript е скоро неизбежен како јазик ако работите веб програмирање, а денес мноштвото од апликации се на еден или друг начин веб базирани. Имајќи го ова предвид, наредните години JavaScript би требало без никаква мака да опстои на првото место. Точно е дека на повидок се технологии, како WebAssembly, кои може да грицнат дел од JS колачот, но тие се прилично далеку од масовно прифаќање и примена. Сè додека JS го држи монополот кај прелистувачите, ќе го гледаме на врвот.
Споредбено со 2019, забележлив е порастот на плати кај JavaScript девелоперите, скоро 50%. На што сметаш дека се должи ова и дали очекуваш да продолжи како тренд?
Бојан: “Понуда и побарувачка. Ковид донесе нови предизвици кои сега пробуваме да ги решиме преку користење и создавање на нови технологии и процеси. JavaScript е оружјето кое е достапно до сите и е чест избор при изработка на софтверски решенија. Самото тоа што JavaScript нуди вистински full-stack програмери, прави нивната популарност да порасне, а со тоа растат и цените, а во пренос и платите на програмерите.”
C# и C++

C# и C++ бележат раст во однос на 2019 во изборот за примарен програмски јазик, но бележат и голем пораст како јазик кој програмери би сакале да го изучуваат и применуваат во иднина. Кое е твоето мислење за ова?
Марјан: “Со појавата на NodeJS започна нов бран кој се базираше на “get things done fast” мантрата. Со ова се разви своевидна култура на софтверски развој која им овозможи на програмерите да го избегнат тврдокорниот и традиционален сетап на проектите кои го наметнуваа C#/C++. Со цел да се зголеми интересот и да се приближи до таа култура, тимот на Microsoft, со новите верзии на C#, овозможи сличен пристап на работење. Желбата да се изучува како програмски јазик верувам дека доаѓа од фактот што добар дел од решенијата кои се работат кај нас (LOB и Enterprise решенија), сè уште се пишуваат во C# и Java како примарни јазици.”
За кој програмски јазик може да се каже дека е најдиректен конкурент на C++?
Марјан: “Во следниот период ќе гледаме сè поголем раст на Rust и Golang на сметка на C++. Сепак, сè зависи од типот на проблеми кои се решаваат, аналогно на тоа, и програмските јазици како директни конкуренти на C++.”

И кај C# и кај C++ има пораст на платите, но не толку голем како кај JavaScript девелоперите на пример. Што мислиш дека е причината за разликата?
Марјан: “Постојат две причини, првата е понуда и побарувачка, втората е урамнотежување на цената на трудот. Пред појавата на модерните развојни рамки како React, Vue, Angular, Svelte или пак нивните претходни генерации (jQuery, па сè до KnockoutJS), развојот на front-end беше поприлично хаотичен. Паметам еден период (2009-2012) каде што секоја недела излегуваше нова развојна рамка, па се шегувавме со: “JavaScript framework за секое дете”. Третманот кон изгледот и корисничкото искуство најчесто беа занемарени или минимално третирани. Напред кон периодот 2013 – 2022, корисниците и нивните очекувања драматично пораснаа и со тоа и потребата на конкретна експертиза за front-end. Затоа денес “full-stack”, за мене, е неприфатлив термин бидејќи потребите за да се постигне соодветно ниво на експертиза, продуктивност и истото да се надградува е тешко остварливо.”
Java
Кај популарноста на Java гледаме пад од околу 3% споредбено со 2019 година… на што сметаш дека се должи тоа?
Елена: “Java е програмски јазик којшто, заедно со својот еко-систем од библиотеки, е главно популарен за имплементација на поголеми корпоративни/enterprise системи и системи кои што во основа имаат подолг рок на траење и потреба да балансираат помеѓу одржливост од програмски аспект и runtime перформанси. Иако има свои адути и на тие полиња, Јава генерално не е толку популарен избор при изработка на MVP решенија присутни кај стартапите, а исто така каска и зад Python во библиотеките за анализа на податоци. Затоа би претпоставила дека падот се должи токму на сè поголемата распространетост на тој вид на апликации каде што Јава не е традиционално прв избор.”

Според мапирањето, оние што програмираат во JavaScript сакаат следно да научат Node.js и Typescript, а Java програмерите пак следно сакаат да работат во Python и JavaScript. Која е логиката според тебе зад ова?
Елена: “Од аспект на веб програмирање што мислам дека е доминантен облик кај нас, мислам дека овие податоци го покажуваат стремежот на програмерите кон таканаречен full-stack девелопмент или барем заокружување на познавањата за изработка на целосни веб решенија. Со тоа што, JavaScript програмерите имаат опции да го користат JavaScript како основа и за backend програмирање, па оттаму нивниорт избор, додека Јava програмерите коишто во основа се backend програмери, немаат опција да користат Јava на frontend за веб апликации – таму доминира JavaScript, па оттаму и потребата да се научи. Исто така, доста логичен избор за backend програмер е и префрлањето кон анализа/обработка на податоци, па оттаму веројатно доаѓа и желбата на Java програмерите за изучување на Python.”
Во 2019 Java програмерите беа платени 10.000 ден. повеќе од оние што работат во JavaScript. Во 2022, забележуваме израмнување на платата кај овие два програмски јазици. Дали сметаш дека ова е моментален и реален тренд или пак дека програмирањето во Java има поголема одговорност и треба да е поплатено споредбено со JS?
Елена: “Одговорноста која што ја сноси еден програмер при работата зависи од проектот, неговата позиција во тимот и индустријата за која е наменет софтверот – не гледам основа за споредба на одговорности според програмски јазик. Исто така, според мене, на платата не треба да се гледа како на меритократска категорија – на отворен пазар на трудот таа е најмногу зависна од односот побарувачка / понуда. Од тој аспект би рекла дека овој тренд е реален, дали е моментален или ќе потрае е тешко да се предвиди. Сите треба да сме задоволни што платите растат, затоа што побарувачката за IT кадар во светот е огромна и тоа треба да се рефлектира и на нашиот пазар – малите флуктуации помеѓу програмските јазици се неважни.”

Општо за мапирањето
Дали сметаш дека резултатите од анкетата се релевантни и блиски до праксата? Кое е твоето мислење за мапирањето во целина?
Бојан: “Секако. Резултатите од анкетата на ИТ.мк се во линија со резултати од истражувања на други фирми и организации. ИТ индустријата во Македонија најчесто ги следи светските трендови така што релевантноста е несомнена. Нормално, постојат помали разлики во одредени резултати, но тие се прилично мали за да би предизвикале било каков сомнеж во резултатите. Одличен проект кој ја врамува сликата на ИТ индустријата во Македонија. Ваквиот тип на мапирања/анкети придонесуваат да може да се прати историски растот или падот на индустријата. Резултатите покажуваат кои се нашите слаби точки, но и каде сме јаки во споредба со светските трендови, каде треба да инвестираме и каде да се подобруваме. Со оглед на тоа дека оние кои не ја познаваат историјата се осудени да ја повторуваат, мапирањето ни дозволува да учиме од грешките.”
Марјан: “Мапирањето на индустријата е здраво за да се надмине проблемот со асинхроноста на пазарните информации. Во апсолутни бројки, секако дека анкетата е релевантна. Анкетата би им помогнала на компаниите и кадарот да видат со што располага пазарот, дали има потреба од некаква корекција, подобро позиционирање и идентификување на пазарните исклучоци. Независно од анкетата, но директно поврзан проблем е градацијата на титулите. Сметам дека секоја компанија има различно толкување на искуството и соодветно на градацијата/титулите. Секако ова влијае на квалитетот на анкетата и нејзиното толкување, бидејќи пробуваме да хармонизираме информации кои можеби не се за во ист кош. Сè на сè, супер е што ја имаме и верувам дека е од помош за секој што сака да сеинформира. Ви благодарам на трудот што ја реализиравте анкетата!”
Елена: “Од тоа што успеав да го разгледам, и од лимитираните информации што како индивидуа ги поседувам, мислам дека се релевантни, да. За поздравување е целата иницијатива. Како индивидуалци треба да имаме доволно податоци да носиме квалитетни одлуки при кариерните избори што ги правиме, а исто така и да бидеме помалку подложни на манипулации во нечиј туѓ интерес – сметам дека мапирањето е одличен извор на информации во секој случај, за било кого. Од технички аспект можеби фокусот треба да биде помалку на програмските јазици, а повеќе на некои генерални аспекти на развојот на софтвер, но тоа е само мое лично мислење.”
Сакаш да дознаеш повеќе за ИТ индустријата во Македонија?
Провери го најновото Мапирање на ИТ индустријата во .мк – издание 2022








c# == .Net