На годинешното собрание Асоцијацијата за е-трговија на Македонија претстави дел од своите активности во годината која помина. Најкорисната платформа која оваа година им е достапна на е-трговците, но и на купувачите е Регистарот на е-трговци од Македонија.
Регистарот е „библиотека“ на трговци кои продаваат онлајн во Македонија. Регистрираните е-трговци можат да постават беџ во своите продавници, кој покажува дека ги исполнуваат сите законски барања за онлајн наплата. Беџот на купувачите многу едноставно им покажува кои од продавниците се регистрирани субјекти, а кои можеби се дел од сивата економија.
Во период кога купувачите сѐ повеќе купуваат онлајн потребата за одделување на регистрираните и нерегистрираните трговци е една од главните причини за креирање на беџот за верификација. Досега со беџот се стекнаа над 50 е-трговци, а има и 120 активни барања за верификација.
Листата на трговци кои се пријавени во една од петте банки и имаат можности за е-плаќање, и листата на продавници кои имаат беџ може да ја пронајдете на на платформата eCommerce4All – објавена во текот на 2020-та година од страна на АЕТМ каде што има повеќе информации за е-трговијата во земјата.
Беџот е визуелна ознака која се поставува на веб-страниците на домашните е-продавници. Преку визуелизација им помага на купувачите полесно да проценат дека станува збор за регистриран правен субјект кој во периодот на проверка пред издавање на беџот за верификација ги исполнувал основните законски услови за обавување на дејноста е-трговија согласно правилата предвидени со овој Правилник, велат од AETM.
Информациите за напредокот на регистарот за е-трговци, како и дополнителни активности на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија доаѓаат од годишното собрание на Асоцијацијата. Собранието се одржа на 8 април, а во фокусот беа резултатите постигнати оваа година. Поради состојбата со пандемијата собранието оваа година се одржа онлајн.
„Потребата, значењето, придонесот и улогата на Асоцијацијата за е-трговија уште повеќе дојдоа до израз со почетокот на пандемијата. Во текот на 2020 година го лансиравме сеопфатниот проект “Е-трговија за сите” на кој работевме од 2019 година, со поддршка на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем. Достигнавме 100 членови и уште повеќе ја зајакнавме позицијата и гласот на е-трговијата во земјава. Будно го следиме пазарот, предизвиците и потребите на членовите и секоја активност која ја преземаме е резултат на анализа. Препораките кои се дел од објавените сеопфатни анализи во 2018 и неодамна објавената во 2020, претставуваат основа за нашите следни чекори и делувања. Заедно постигнавме значаен напредок и раст, кој беше и забрзан поради пандемијата изминатава година, но имаме уште долг пат и многу работа. Потребен е холистички пристап, добра соработка и вклученост од сите засегнати страни за да го забрзаме растот и трансформацијата кон дигитално општество” – истакна Нина Ангеловска, претседателка на АЕТМ.
Во 2020 година Асоцијацијата креираше и бесплатна едукативна веб платформа www.ecommerce4all.mk која на едно место ги содржи сите неопходни информации за започнување и водење на еден бизнис со е-трговија. Покрај ова, директно помогна на 40 мали и средни претпријатија да отворат свој дополнителен продажен канал – онлајн продавница и да ги зголемат своите дигитални вештини кои се неопходни во работењето со е-трговија.
[…] […]