5 коментари 2 мин. читање

Македонскиот интернет учи кирилица, но прво МАРНет бара ваши предлози за кириличен домен

МАРнет наскоро преку својот нов национален кириличен домен ќе им овозможи на македонските граѓани да го користат интернетот на македонско кирилично писмо. Но, пред да започнеме да користиме кирилични домени ќе треба да го одбереме најсоодветниот домен.

МАРНет на својот нов сајт marnet.mk, бара од македонските корисниците да предложат кириличен суфикс за новиот македонски домен. Дали да биде .мк, .мак, .мкд, .македонија? Ако се следи примерот на Србија и на другите земји кои претходно го активираа кириличниот домен, гласањето за име на домен е всушност крајна пречка до негово користење.

Процесот на прибирање на предлози од македонската јавност ќе започне на 19.11.2012 година и ќе трае до 03.12.2012 година. МАРНет ќе ги разгледа сите предлози кои ќе се бираат според „низите кои ги задоволуваат пропишаните технички критериуми“. Еден од најважните фактори е низата на карактерите која го означува интернационализираниот врвен домен мора значајно да го претставува името на соодветната земја или територија. За низа која значајно го претставува името на земјата се смета онаа која е на официјалниот јазик на земјата и која го претставува целосното име, дел или некаква кратка форма на името на земјата.

По определувањето на низите кои ќе ги исполнуваат сите критериуми за да станат интернационализиран врвен кириличен домен, ќе бидат ставени на гласање на веб страната на МАРнет. По завршување на процесот на гласање, кој ќе трае 1 месец, а во кој ќе може да се вклучат сите заинтересирани граѓани, здруженија или правни субјекти, предложената низа која ќе освои најголем број на гласови ќе биде ставена во официјалното барање за започнување на процесот за добивање на врвниот кириличен домен за Република Македонија кое ќе биде поднесено до интернационалната организација за имиња на домени ICANN.

Напишано од

Виктор Дано е уредник на IT.mk уште од самите почетоци на порталот. Верува дека новите и традиционалните медиуми треба да соработуваат, и дека е најважно вистинската информација да стигне до публиката. Страствен фан на Liverpool FC и зависник од Discovery и National Geographic.

Коментари

5 коментари

Коментарите се затворени.

Мени
Заедница
Изглед
To top