Македонски анонимуси? Не нè смејте, такво нешто не постои

4 коментари 2 мин. читање

Од никаде, вниманието на политичките препукувања за #бомбата го привлече видео на YouTube кое ветуваше своја бомба против претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Видеото, кое се заканува дека ќе ја открие „правата вистина“, е потпишано од таканаречените „македонски Анонимуси“, алудирајќи на хактивистите Anonymous кои се светски познати по своите контроверзни сајбер напади.

Медиумите се закачија на мамката, ја пренесоа пораката, некои пак дури и цитираа „вистински анонимуси“ кои демантираа дека стојат зад видеото што има над 39.000 прегледи. Но, сето тоа е само фарса. Зошто?

Затоа што ако во Македонија постојат членови на Anonymous тогаш до сега ќе знаевме за нив. Почетоците на Anonymous се на контроверзниот форум 4chan уште во 2003-та година, станаа екстремно популарни од 2008-ма година со нападите против скиентолозите. Во последниве шест години нема ниту еден случај во Македонија во кој се вмешани Anonymous.

Да не заборавиме дека идеологијата на Anonymous е малку поблагодарна од тоа што се „продава“ со лажното видео. Anonymous се познати како хактивисти кои се борат за слободата на говор. Во Македонија слободата на говор е заменета со пропагандата, и ако постојат Anonymous тогаш тие до сега ќе стартуваа битки за да ја исправат неправдата. Барем така се прославија – со сајбер напади врз влади кои угнетуваат, со објавување на доверливи документи кои откриваат корупција, со битки за слободата на говор итн. Чудно е што одеднаш Anonymous во критичен момент за власта започнува битка против опозицијата, иако Anonymous, како сајбер активисти, по default се опозиција. Групата хакери се бори против злоупотребата на моќ, и до сега нема забележан случај каде тие ги бранат властите да не ја изгубат таа моќ.

Интересно YouTube стана главен канал за обелоденување на корупцијата во Maкедонија, и „откривање на вистината“, но тоа не треба да се прави во име на Anonymous. Ок, сите можат да бидат Anonymous. Идејата зад децентрилизираната група е дека „Aко верувате во Anonymous, и ако се нарекувате Anonymous, тогаш вие сте Anonymous“. И властите можат да бидат Anonymous ако веруваат во нив, и нивниот идеал. Па ако им се верува и на некои медиуми и претставниците на МВР може да бидат Anonymous. Може и Зоран Заев да биде Anonymous. Сите можат да бидат Anonymous. Но, барем да го направеа видеото доследно со хактивистите, да ја објавеа онаа позната порака дека „ние сме легија, ние не забораваме, ние нема да опростиме“. Во секој случај не ја заборавиле препознатливата маска на Гај Фокс, која е анти-капиталистички симбол за протест против политичарите. Сите политичари.

Напишано од

Виктор Дано е уредник на IT.mk уште од самите почетоци на порталот. Верува дека новите и традиционалните медиуми треба да соработуваат, и дека е најважно вистинската информација да стигне до публиката. Страствен фан на Liverpool FC и зависник од Discovery и National Geographic.

Коментари

4 коментари

Коментарите се затворени.

Мени
Заедница
Изглед
To top