Ричард Сталман го посвети поголемиот дел од предавањето објаснувајќи како софтверот со рестриктивни лиценци е лош, како го повредува корисникот одземајќи му ги правата да го модифицира софтверот, да го користи како што сака и да го споделува со други. Зборувајќи за разните обиди на индустријата да го ограничи корисникот во еден момент тој рече „таквите компании треба да ги уништиме“. Сигурно 90 отсто од над 250 посетители на предавањето се почувствуваа како негови воини, ма не 90 туку сите!, вклучувајќи ме и мене, бидејќи сите ние сме „слободни дистрибутери“ или пирати на софтвер, музика и филмови. Авторските права за кои г-дин. Сталман го држеше предавањето не функционираат во Македонија. Copyright? Во Македонија никој не троши пари на софтвер, ниту филм ниту музика, туку трошат пари на гигабајти. Кога тој рече „треба да споделуваме“ сигурно сите си помислија „па ја тоа го правам секој ден“ бидејќи секоја програма можеме да ја добиеме од нашите пријатели.
Да, тој зборува за слободен софтвер. И да, со „слободно“ не се мисли само на бесплатното, туку се мисли на отвореност на тој софтвер, на достапноста, се мисли на слободата тој да се модифицира, да се размножува, споделува, да функционира на сите платформи итн. Тоа е јасно, но не може да ја игнорираме вредноста. Токму поради вредноста и тој се најде во густо пред македонската публика. Токму поради вредноста имаше само две аукции за GNU-то и парите кои требаше да се донираат на Слободен софтвер фондацијата, на крај ги даде член на Слободен софтвер Македонија.
Нудејќи го GNU на аукција г-дин. Сталман рече „Знам дека 20 евра или 1.300 денари се многу за вас тука, но не можам да спуштам подолу бидејќи ќе сум во загуба.“. Интересно ми е како промоторот на слободно зборува за губење профит, игнорирајќи дека можеби и музичката индустрија размислува за губење профит. Можеби DRM и други методи за заштита на содржина произлегуваат од макијавелското – целта ги оправдува средствата? Да го оставеше дваесет евра вредното GNU на масата во првата прилика на негово невнимание ќе му го здиплев, како што го правам тоа и со софтверот на Microsoft, ЕА и другите „неслободни“ компании, бидејќи за мене, македонскиот корисник, се е слободно. Г-дин. Сталман ќе беше во загуба и следниот пат ќе имаше две очи врз своите продукти.
Идеите на г-дин. Сталман воопшто не се луди, но тешко е да се реализираат во свет каде функционира конкурентност, каде продуктите имаат вредност, и каде понекогаш грижата за слободата често се гази од алчноста за пари на големите и „зли“, или пак се игнорира од незаинтересираните корисници.
Но, интересно, Македонија е перфектно место каде тие идеи можат да функционираат.
Во Македонија не постојат строги авторски права. Тие постојат во Законот, но во пракса ги нема, нема контрола ниту се применуваат, ниту има етика при „споделувањето“. Пиратската култура е нешто најнормално. Токму поради тие две работи македонските корисниците се комплетно свесни за како изгледа слободата.
На таа свест додадете го тоа дека во Македонија постои моќно движење за слободниот софтвер, тоа се гледа не само од посетеноста на предавањето туку и од активностите на корисниците. Се спрема Национална стратегија за слободен софтвер. Да не ги заборавиме и идните генерации. Проектот „Компјутер за секое дете“ стави по еден Edubuntu на секоја маса во училиштата. Ако постарите генерации изразената со Windows-от како познат ОС без идеја за друго, тогаш помладите имаат одличен избор. Тие ќе го разберат слободното, бидејќи ќе ги разбираат и платформите на слободното. Toa e и предноста на слободниот софтвер, тој се развива така што многуте корисници допринесуваат со што тој софтвер станува достапен за сите, подобар и покорисен за општеството. Иако тука е прашањето, колку од вас допринеле кон подобрување на некој софтвер, а колку од вас сте пиратирале или сте купиле подобар софтвер?
Во секој случај во Македонија е правото време и место да се припремат нови функционални авторски права кои ќе го одговараат на денешнава технологија и ќе го овозможат слободното. Да се кова додека железото е жешко.
Видео од предавањето ќе најдете на komunikacii.net. А доколку сте за дискусија, на форум има тема наменета за дискусија на слободниот софтвер.

Коментари
44 коментари
Коментарите се затворени.