Како може да развиете иновативно претприемништво во земја која се чини е секогаш во економска транзиција, каде младите иноватори се жалат дека нема пари, додека инвеститорите велат дека нема тимови кои разбираат бизнис? Се чини дека клучот лежи во истрајноста.
Во своето предавање Мајкл Голдберг, инвеститор и професор на Weatherhead School of Management, што го имаше во Impact Hub Skopje, ја спореди стартап сцената во американскиот град Кливленд како пример што треба да го следи Македонија. Во Кливленд е интересно што има само еден акцелератор за стартапи, додека само во Скопје има пет, но инвестираат повеќе пари во нови компании бидејќи тие пари доаѓаат од државата која ги дистрибуира преку инвестициски фондови. Во Македонија имаме нешто слично преку државниот Фонд за иновации и технолошки развој, и имаме група инвеститори како CEED Macedonia што би вложиле во иновативните проекти.
Но, дури и да имате стотици милиони долари за инвестирање, секогаш постои ризик дека инвестицијата нема да се исплати. „Всушност, шансите се огромни дека нема да ги добиете парите назад!“, вели г. Голдберг. Како тогаш да се развие стартап културата? Според него, треба да се има трпение поради две вистини што треба да ги разбереме:
- Мора да има успешни приказни. „За да функционира моделот на инвестирање од фондови во стартапи, треба да имате успешен пример. Да направите exit кој ќе ги врати парите на инвеститорите, што би ги охрабрило да ги инвестираат пак во други стартапи“, вели г. Голдбер наведувајќи пример на кливлендски фонд Jumpstart кој веќе неколку години инвестира во 60 стартапи, но имале само една успешна приказна. Сепак фондот продолжува да инвестира и да го поддржува развојот на стартап сцената. Во Македонија, каде парите се отепувачка, и каде не постои култура на ризик, каде стартапите гарантираат дека ќе ги потрошат парите пред да вратат едно евро; мора да има успешни приказни кои ќе им ги вратат прво парите на инвеститорите, а потоа и нивната доверба да вложуваат понатаму. Секако, со успешните приказни се мотивираат и другите да работат на својата нова идеја. Но, успешните приказни се ретки, и не се случуваат секоја година.
- Дали воопшто можете да научите некој да биде претприемач? За некој да направи стартап првин треба да има бизнис вештини и знаење како да продава. Треба да има мотивација да ризикува сé, и елан да работи напорно секој ден. Треба да има тим од луѓе кои ќе знаат како да креираат продукт, да го анализираат пазарот за тој продукт и да најдат начини да го продаваат. Треба да имаат ментори кои ќе им помогнат во тоа, треба да имаат инвеститори кои им веруваат. Иако на крај, ако се сеќавате пред неколку реченици погоре, шансите се дека парите ќе бидат потрошени залудно. Но, треба трпение да се истрае. Еден „exit“ ќе ги поправи сите пропаднати инвестиции. Но, факт е дека тоа нема да се случи за една или две години.
Затоа стартапи заборавете на лудите приказни за правење милиони долари за неколку месеци од стартувањето. Дури и најуспешните македонски проекти, како Cavern Tavern што собраа над 107.000 долари, не оставија на случајност, и работеа многу повеќе време на маркетинг отколку што им траеше краудфандинг кампањата.
Затоа инвеститори заборавете на идеалните приказни дека ќе инвестирате неколку илјади евра во македонски стартап кој ќе стане следниот Facebook. Дури и на најдобрите стартапи им требаат повеќе „smart money” отколку инвеститор кој ќе очекува чудо.
Едно прашање?
1. Кои се тие 5 акцелератори?
Би било ПРЕКРАСНО да се набројат и да се види што тие нудат… Секој да може да провери каде најмногу би се нашол.
2. Слушање на предавања од странци кои ќе раскажуваат за некои, некаде, некогаш и не ја познаваат нашата предприемачка реалност, мислам дека е не само контрапродуктивно туку и многу штетно. Ако не сме таму – немаме шанси?
Толку од мене, поздрав и продолжете со прекрасната работа што ја работите…
Impact Hub Skopje, Superfounders Skopje, NewMan’s, YES Incubator (не е акцелератор, но инкубатор), Seavus Incubator, и мислам дека има уште еден во подготовки.
А дали или не ја познава македонската сцена, мислам дека Македонија не е некоја посебна земја со посебни правила за бизнис. Напротив, поголемиот дел од бизнис идеите на луѓето им се препишување од други. Не сме баш посебно иновативни, па да се грижиме дали не разбираат. Тоа што го правиме, веќе надвор од границите веќе е направено.