Live Transcribe е експериментална апликација од Google, исклучително корисна за глувите лица, или лица со оштетен слух. Live Transcribe би требало да помогне така што разговорот што се одвива околу лицето, односно во близина на телефонот, инстантно го преточува во текстуална форма. На овој начин, лицата со оштетен слух би можеле во реално време да читаат од телефонот што се зборува во моментот.
Google Transcribe се одликува со над 70 јазици. Во зависност од избраниот јазик, корисникот добива резултати од променлив квалитет. Па така, светските јазици се одликуваат со значително помоќни можности, како приказ на интерпукциски знаци. Послабо распространетите јазици можеби не вршат транскрипција на исто, квалитетно ниво, но сепак не се за потценување. Македонскиот јазик не се наоѓа на листата, но српскиот, хрватскиот, и бугарскиот се достапни и пријатно нè изненадија со високиот степен на препознавање. Додека апликацијата беше наместена на српски, пробавме да зборуваме и на македонски, но резултатот од таквиот подвиг беше со исклучително слаба прецизност. Наместено на бугарски, апликацијата значително подобро го препознаваше македонскиот изговор.
За ефикасна транскрипција, од исклучителна важност е околината во која се наоѓа корисникот. Имено, во гласни средини, со вмешување од бројни аудио извори, Live Transcribe би можел да понуди полоши резултати, отколку во идеални услови, каде или не надвладува врева, или телефонот (кој, патем, има поквалитетен микрофон) е поблиску до устата на говорителот (кој, за возврат, треба да зборува јасно, гласно и со стандардизиран изговор).
За полесно и побрзо покренување на апликацијата, може да се вметне икона во самата трака за навигација, а лесно може и да се одржува двонасочна комуникација каде лицето со оштетен слух може да пишува директно преку апликацијата, па и, во ситуација на светските јазици, напишаното да биде прочитано од Live Transcribe.
[…] ИЗВОР:ИТ.МК […]