Две години откако во 2020 ја купи Neverware, Google го претстави новиот оперативен систем Chrome OS Flex. Neverware беше автор на CloudReady – оперативен систем на кој се базира и Flex. CloudReady кој се базираше на Chromium, постоечките PC или Mac компјутери ги „претвораше“ во Chromebook. Токму ова го прави и новиот оперативен систем.
Chrome OS Flex e значително „полесен“ од Windows и macOS и со тоа ќе обезбедува уредите да продолжат да работат иако се постари. Најголем дел од функционалностите доаѓаат од облакот. Ова овозможува негово користење на компјутери кои се многу постари. Оперативниот систем ќе го продолжи животот на куп стари компјутери кои постојат во училиштата и компаниите. Со ова би им се овозможило на училиштата и компаниите да имаат опрема, а истовремено со продолжување на работниот век на компјутерите, ќе се намали и загадувањето со електроника.
Изгледот на оперативниот систем е конзистентен со она што може да го видиме и на Chrome OS, а дел од функционалностите како Google Assistant, прелистувачот, Android алатки, ќе бидат достапни и на овој оперативен систем. Веројатно поважно, Google ќе издава редовни надградби и за оваа верзија на Chrome OS.
Chrome OS Flex ќе може да се користи на Mac и Windows компјутери кои се стари и 10 години. Потребен е x86 процесор од Intel или AMD, a нема да работи на ARM. Корисникот ќе може да го инсталира преку интернет или од USB стик, а Chrome OS Flex може да се подигне и од USB.
Google веќе ја сподели и минималната конфигурација која ќе биде потребна за да може да се користи оперативниот систем. За функционирање на оперативниот систем ќе биде неопходен: Intel или AMD x86 64-битен процесор; 4GB RAM; 16 GB диск; можност за подигање од USB; администраторски BIOS пристап. Chrome OS Flex можеби ќе функционира и на компјутери постари од 2010, но перформансите ќе бидат полоши.
Сепак оперативниот систем нема да биде без никаков проблем. На пример Chrome OS Flex на PC и Mac ќе има различни шорткати, а далеку посериозно е што драјверите за дел од хардверот не се компатибилни со Flex. На пример камерите на некои модели на Mac нема да функционираат.
Поради тоа што хардверот и софтверот се „распар“ Chrome OS Flex нема да биде безбеден како Chromebook. Сепак оперативниот систем и вака е побезбеден од PC, вели Томас Риедл од Google во интервју за Gizmodo.
Веројатно најголема придобивка за Google ќе биде што ќе успее корисниците кои не користат Chrome OS да ги донесе на својата платформа. Дополнително кога ќе размислуваат за нов хардвер веќе ќе бидат запознаени со Chrome OS.
Chrome OS Flex е достапен во рана тест фаза, а финалната верзија ќе биде достапна подоцна. Google потсетува дека верзијата е наменета за тестови, и не е наменета за користење во продукција.