„Тајната на љубовта е поголема од мистеријата на смртта.“ – Оскар Вајлд
The Last Time I Saw You е аниме инспирирана авантура на развојното студио Maboroshi Artworks и издавачите Chorus Worldwide Games. Дејството е сместено во 1980-те години, во Јапонија. Како дводимензионална игра која раскажува емоционална приказна преку рачно нацртани цртежи и суптилни анимации, Last Time I Saw You ќе ви дозволи да истражувате преубави места, да решавате загатки, па дури и да се впуштите во лесни акциски моменти, иако, напоменуваме, примарната цел на играта е да понуди пријатно и релаксирачко искуство.

Прва љубов… и грозна клетва
The Last Time I Saw You е игра која ви дозволува да навлезете во запрепастувачки добра приказна. Преку запознавање харизматични ликови, ќе навлезете во комплексен свет и, полека, но сигурно, ќе откриете дека некои слоеви на реалноста лесно може да се одлепат. Она што ќе се види зад нив, меѓутоа, може засекогаш да го промени светот во кој се наоѓате.
Ајуми не може, а да не престане да сонува за девојката. Иако никогаш не ја запознал, нешто во тие соништа длабоко го вознемирува, особено невозможноста да ја достигне; колку и да се труди, девојката е секогаш еден чекор пред него. Низа извонредни ситуации ќе создадат идеални можности за спојување на реалниот свет со тој од соништата, дозволувајќи им на парот со заеднички сили да навлезат во незаборавна авантура полна со убавини, но и опасности!




The Last Time I Saw You е авантура, но, на моменти, знае да биде многу повеќе од тоа. Да, ќе истражувате најразлични места и ќе разговарате со интересни ликови, учејќи многу за јапонската митологија. Во одредени моменти, меѓутоа, играта пружа одлично можности за платформирање, како и за едноставна, но добра акција. Во тие моменти, The Last Time I Saw You зазема подинамична форма и дава посебна димензија на светот во кој се наоѓате и за приказната која се раскажува.
Второстепената причина поради која квалитетот на приказната е исклучително висок е презентацијата. Благодарение на чистите цртежи и суптилните, но веродостојни анимации, играчот лесно е вовлечен во преубавиот свет. Иако се работи за дводимензионална игра, често пати нема да можете, а да не бидете импресионирани од малите детали, како продирањето на сончевите зранци, срамежливиот танц на облаците, задевачкото вртење на опашката на залутаната мачка, клукањето на птиците… а тука се и звуците на светот, како и релаксирачката музика. Комбинацијата од сите овие елементи допринесува секоја сцена да е како интерактивен уметнички прозорев во јапонското општество од едно поразлично време.

Носталгично патување и вечната потрага по љубов и прифаќање
Last Time I Saw You е топла препорака за играње во мали дози, особено по напоред ден на училиште, или работа. Со огромно задоволство и се навраќавме на играта деновиве, истражувајќи различни локации, зборувајќи со интересни луѓе, решавајќи загатки, борејќи се со духови, па дури и наоѓајќи време за споредни квестови. Нема ништо премногу тешко или премногу предизвикувачко, но константното навраќање на едни исти мапи, без ефикасен систем за брзо патување, знаеше да биде на моменти исцрпувачко. Надвор од ова, малото развојно студио се има потрудено да понуди несекојдневна и емоционална авантура која се одликува со прекрасни можности за имерзивно потопување.





Повеќе детали за играта
- Произведува: Maboroshi Artworks
- Издава: Chorus Worldwide Games
- Жанр: авантура
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 10 октомври 2024







