„Младите размислуваат“ е значаен проект на УСАИД за медиумска писменост. Замислен е да им помогне на младите да се стекнат со знаење и вештини кои се потребни за критичко преиспитување на медиумските содржини. Благодарение на прирачниците, сите наставници можат да организираат часови преку кои ќе можат да им помогнат на учениците од прво до петто одделение да идентификуваат елементи на пропаганда, скриени реклами, говор на омраза, и многу повеќе.
Проектот е спроведен од ИРЕКС и локалните партнери Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Младинскиот образовен форум, а во соработка со Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука.
Независно од избраното одделение, прирачниците, кои се достапни и на македонски и на албански јазик, ги водат наставниците низ темелно разработени часови и со конкретни примери за тоа кои се целите и резултатите од учењето. Секој од предложените часови се одликува со воведен, главен и завршен дел од часот, како и соодветни делови за рефлексија, но и самостојни и заеднички активности.
Како огромни фанови на технологијата, но и на уникатните наставни методи, пријатно се изненадивме од бројните активности, но и од квалитетниот начин на кој се објаснуваат одредени термини и активности. Голем дел од часовите се со посебен осврт на тоа што треба да знае наставникот, како да го одржи часот и како најдобро да реализира одредени работилници. Со оглед на тоа дека медиумската писменост е интегрирана во голем број содржини и активности низ различни наставни предмети, овие прирачници се наша топла препрака за сите наставници кои имаат потреба од користење конкретни примери за реализација на часовите.