Креаторите на Raspberry Pi, најавија дека компанијата наскоро ќе излезе на берза. Првичните планови беа компанијата да излезе на берза во 2021 година. Неповолните услови на берзата и глобалниот недостаток на полуспроводници, кои негативно влијаеа на цената, беа причини за повлекување. Денес вредноста на компанијата се проценува на над 500 милиони фунти, вели Guardian.
„Кога во 2012 го претставивме нашиот прв производ наша цел беше да обезбедиме компјутер кој ќе биде доволно евтин за младите да можат да го користат и да истражуваат без страв…
За Фондацијата Raspberry Pi, која е трпелив акционер и ја поддржува работата на компанијата, ова излегување на берза овозможува да ја зацврсти својата извонредна работа и да им овозможи на младите луѓе да го остварат својот потенцијал преку моќта на компјутерите.
Во овој сè поповрзан свет, пазарот за Raspberry Pi платформите со високи перформанси и ниска цена продолжува да се шири. Имаме технолошки пат кој ни овозможува да имаме сè позначајна улога и возбудени сме да започнеме со следната фаза од нашиот раст“, вели Ибен Аптон, извршен директор на Raspberry Pi Foundation.
Компанијата последните десетина години ги посвети на развој и дизајн на евтин мини компјутер кој ќе биде достапен за сите. Целта на Raspberry Pi е да им овозможи на најмладите да имаат пристап до компјутер со кој ќе се запознаат со основите на програмирањето и информатичката технологија. Без никакво сомневање во целост ја остварија оваа цел. Дел од компјутерите се продаваа за 15 долари, а овозможуваа развој и креирање на неверојатни проекти.

Првите компјутери започнаа да ги продаваат во 2012 година и оттогаш до сега имаат продадено над 60 милиони компјутери. Подоцна, покрај стандардниот миникомпјутер Raspberry Pi го претставија и Raspberry Pi Zero и Raspberry Pi Pico. Иако во суштина беа и се изработени за едукација, многу хобисти започнаа да го користат за развој на сопствена електроника или IoT уреди.
Излегувањето на берза ќе му овозможат на креаторот на Raspberry Pi да го прошири својот тим, и да продолжи да работи на нови производи. Покрај ова Raspberry Pi се надева дека ќе успее да започнат самите со дизајн на дел од полуспроводниците. Новиот капитал ќе и овозможи на компанијата да понуди и подобри и поскапи модели.
Raspberry Pi е компанија во сопственост на фондацијата Raspberry Pi. Фондацијата е добротворна организација за едукација за компјутерски науки и без разлика на понудата на берза ќе остане мнозински сопственик во компанијата.







