За тимот зад Dread Delusion, времето и понатаму стои во 2002 година. Таа година, The Elder Scrolls III: Morrowind успеа да извлече критички-признаен успех и да освои милиони срца. Од секој можен поглед, Dread Delusion е љубовно писмо напишано специјално до легијата фанови на Morrowind. Од таа причина, доколку сакате да започнете носталгично патување во раните години на 2000-те, или пак едноставно да проверите како игрите изгледале и функционирале во тој временски период, од срце ви го препорачуваме чедото на развојното студио Lovely Hellplace.
…конечно надвор од раниот пристап на Steam
Dread Delusion е далеку од sandbox игра, иако на моменти би можело да се чини така. Карактеристично за постарите RPG игри, овде никој не ве држи за рака и фокусот е на истражување и откривање интересни места и плен. Иако светот не е огромен, ни се допадна начинот на кој е дизајниран, со бројни задскриени места кои кријат корисни ресурси кои, подоцна, можете да ги користите за ковачки или алхемиски цели. Покрај стапување во различни интеракции со ликови, ќе навлегувате во битки против најразлични суштества и ќе донесувате одлуки со различни последици.
Во Dread Delusion има одлично изградена приказна, но нејзината цел е само суптилно да ве ограбрува да ги работите работите кои ги споменавме во претходниот параграф. Слично на Morrowind, ќе посетувате најразлични градчиња, кои се расчленети низ различни острови, и ќе тргувате или пак прифаќате најразлични квестови. Нормално, не се сите ситуации решаваат со песната на челикот, и често ќе можете да шармирате одредени ликови или пак да се прикрадувате од една до друга точка.
Morrowind²
Dread Delusion е сѐ што беше Morrowind и дел од она што беа Oblivion и Skyrim. Kако игра која е силно инспирирана од Elder Scrolls серијалот, би ја препорачале само на ретро гејмерите кои наоѓаат посебна убавина во ретро естетиката и поедноставни гејмплеј механики. Нема ништо „фенси“ во играта и, на моменти, ќе се здобиете со чувство дека на насловот му се хирушки отстранети сите модерни предности на кои денешните гејмери се имаат навикнато. Но, доколку сте во ред со ова, и доколку сакате да навлезете во еден магичен свет од едно носталгично доба, тогаш Dread Delusion е игра која би требало да ја заиграте.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Lovely Hellplace
- Издава: DreadXP
- Жанр: RPG
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 14 мaj 2024