Од неодамна, фановите на tower defense игри можат да го проверат уникатното чедо на Split Second Games. Се работи игра од која се цеди шарм, како во поглед на шареноликата графиката, така и во поглед на музичката подлога. Разиграните дизајни и анимации ќе ве вовлечат во предизвикувачки свет каде е потребно да градите и надградувате кули, да регрутирате армии, но и да учите и користите магии.
5 светови за напад на земја, вода или од небо!
По започнување на играта и завршување на туторијалот, ќе можете да навлезете во првиот од петте предвидени светови. Grassland се одликува со разеленени места полни со неискористени потенцијали за имплементирање офанзивни и дефанзивни стратегии. Во Hexguardian почнувате на исклучително мала мапа.
Составена од само неколку хексагонални плочки, мапата прикажува ограничени места од кои непријателската армија би можела да напаѓа, како и ограничени можности за поставување на вашите кули. Но, како поминува времето, ќе можете да „влечете“ и да додавате плочки на мапата. На овој начин, секоја партија е различна од претходната бидејќи нема да знаете каква плочка ќе поставите и дали со плочката ќе се отвори простор за уште еден правец за напад од непријателите. Нормално, поставување на соодветни плочки можат и да затворат извор од непријатели, или пак целосно да го пренасочат кој подолг пат на движење.
Како поминува времето, така Hexguardian зазема се попредизвикувачка димензија и константно се бара од вас да жонглирате неколку топки од еднаш. Каде се изворите на непријателите, дали да пробате да ги затворите или пак стратешки да позиционирате кули таму? Ако за една страна ги потрошите ресурсите, што ќе правите за другата страна? Дали се кулите доволно разноврсни, односно можат ли соодветно да се справат и со непријателите на вода и со непријателите во воздух? Како здодевни муви, ова се прашањата кои константно ќе ви бучат во глава и ќе ве принудуваат да размислувате и да имплементирате различни стратегии.
За справување со константната потреба за ресурси, како и со предизвикувачките бранови од непријатели, можете да градите најразлични чуда. Секое од понудените чуда се одликува со уникатни и моќни способности кои значително можат да помогнат при рановите. Паралелно со ова, можете и да градите одредени структури кои немаат воена моќ, туку економска. Па така, одредени пазари и ветерници ви помагаат побргу да спечалите злато.
Кога ќе се земе се во предвид, Hexguardian знае да биде забавен и крајно непредвидлив наслов кој е како меч со две острици. На почеток ве интригира со шареноликиот свет и едноставните битки кои се целосно под ваша контрола. Но, подоцна, со секое ширење на мапата, играта станува непредвидлив хаос кој лесно може да ги исфрустрира помалку трпеливите. Во случај да не сте сигурни дали е ова наслов за вас, дефинитивно проверете го бесплатното демо првин.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Split Second Games
- Издава: Yogscast Games
- Жанр: Tower Defense
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 2 мaj 2024