Кралевите на македонскиот спам

во ИТ.МК, Статии

Како човек кој веќе подолго време активно „живее“ во дигиталниот свет и повеќе од навикнат сум и-мејловите да ми бидат пренатрупани со спам пораки… најчесто тоа се оние измамнички пораки од „пријателите“ во Нигерија, кои во последно време почнаа да зборуваат и македонски, ако не се африканците, тогаш пораката е во вид на „зголемете си го егото“; и сл. За жал, и покрај тоа што спамот е криминално дело, неможам ништо повеќе да преземам во врска со ваквите спамери освен да ги пријавам на провајдерите или во организациите кои ја водат борбата против спамот.

Поводот за пишување на овој текст е тоа што од пред неколку недели започнав да добивам спам пораки од македонски компании. И тоа не на мојата @it.com.mk и-мејл адреса, каде што со оглед на тоа дека сум уредник на ИТ портал и каде што може да се појасни праќањето со тоа дека ете, ме држат известен за понудите… туку спам и-мејловите пристигаат или на главната адреса на нашата компанија @iwmnetwork.com, или на мојата лична адреса таму.

На почеток имаше само два три мејлови во текот на неделата, па немаше толкава потреба да се реагира… но пред неколку денови и-мејловите зачестија, започнаа да пристигаат и по 2-3 непосакувани и-мејлови на ден. Тоа ми беше јасен показател дека нешто треба да се преземе, па така се решив да ги контактирам компаниите и да видам каква ќе им биде реакцијата кога ќе им се посочи дека прекршуваат закони.

Целта ми беше да дознам две работи:

  • од каде им е мојата и-мејл адреса и како собираат други и-мејл адреси.
  • да видам дали компаниите воопшто имаат претстава каков сериозен прекршок прават, регулиран и во нашата држава со Законот за електронски комуникации. Предвидените казни за ваков престап се 4 до 7% од вкупниот годишен приход за правни лица, плус глоба во износ од 1500 до 8000 евра за одговорното физичко лице.

Реагирав на три конкретни случаи со активно телефонско јавување и објаснување… секој случај е детално објаснет подолу…

ДУНА КОМПЈУТЕРИ

Несаканата комуникација од Дуна Компјутери, компанија со 15 годишно искуство и помеѓу другото увозник на Apple во Македонија, се однесуваше на нивната понуда за HP Compaq 610. И-мејл кој го добив на 19.11.2009, испратен од [email protected] со едноставен наслов „HP Compaq 610". Дури најдолу постоеше и опцијата "Доколку не сакате да добивате повеќе newsletter од Дуна Компјутери, Ве молиме пратете е-маил на…".

Ги контактирав и електронски и телефонски… на почеток ми појаснија дека досега немаат чуено за Законот за електронски комуникации и дека мојот и-мејл им е земен од Златна Книга, без моја или дозвола на ЗК… пристапот им беше онака: не сум јас задолжен и сл.. но на крај се сведе на едно формално извинување:

Ова беше првиот случај на кој реагирав и сосема очекуван беше ваков пристап. Очигледно беше дека формите и регулативите на интернет маркетингот, особено законските регулативи поврзани со таквите активности не им беа познати на маркетинг одделот на Дуна Компјутери. Беше фер од нивна страна што се извинија и признаа за грешката и се надевам дека понатаму ќе се информираат подобро и ќе ги почитуваат законските норми и правата на интернет корисниците.

КРОАЦИА ОСИГУРУВАЊЕ

Во ист ден кога добив и-мејл од Дуна компјутери, добив и од Кроациа Осигурување, и тоа плус означен како и-мејл со висок приоритет… овојпат покрај тоа што добивам небарана комуникација, беше изоставена опцијата за прекинување на понатамошната комуникација, што е спротивно на член 117 ставка 3 од Законот за електронски комуникации кој гласи:

„Се забранува испраќање на електронска пошта со цел за непосреден маркетинг со сокривање или прикривање на идентитетот на испраќачот на пораката, или пак без валидна адреса на која примателот на пораката може да испрати барање за прекин на таквите комуникации."

Откако им пишав дека треба да ми ја избришат адресата и им посочив дека го прекршуваат законот, конкретно листајќи и цитирајќи ги членовите … добив многу едноставен одговор:

се решив дополнително телефонски да контактирам со задолженото лице и да му појаснам дека прекршува закони со кои може неговата компанија да добие казна во вредност од 4 или 7% од годишниот приход во претходната фискална година, но добив само реакции од видот „ОК", „Бркај си работа" па дури и телефонот ми беше спуштен.. а понатамошната директна и-мејл комуникација (иницирана од моја страна) во која му се извинив за тоа што му го потрошив времето се сведе на следново:

Дополнително и посочив на секретарката да ги замоли надлежните менаџери да ме контактираат и оставив број… но никаде ги немаше…

ГЕНЕЛ

Додека
вртев телефони на АЕК, Дирекцијата за заштита на лични податоци, како и компаниите кои спамираат, ми пристигна уште една спам порака… овојпат од официјалниот увозник на Canon за Македонија, Генел.

Како и претходните случаи, се јавив преку телефон и разговарав со лицето кое им работи маркетинг. Смирено и детално објаснив за какво прекршување на законот се работи, но испадна дека маркетинг одделот немал појма дека денеска е испратен таков и-мејл, второ ми кажаа дека Генел испраќал такви и-мејлови само на своите корисници (никогаш не сум бил нивен корисник)… првичниот разговор се сведе на тоа дека откако ќе се провери за што се работи со другите оддели ќе ми се јават. Подоцна се јавија, но само да ми кажат дека се работело за понуда а не за рекламирање и да ми кажат дека мојата и-мејл адреса се нашла во листата… и тоа по грешка!

Веројатно и „по грешка" заборавиле да го внесат делот за тоа што треба да направите или каде да испратите и-мејл за да го прекинете понатамошното спамирање.

Заклучок

Ова се само неколку конкретни примери и тоа од реномирани македонски компании за тоа како нашите компании собираат лични податоци, спамираат и прекршуваат закони без око да им трепне. Изненаден бев за тоа колку пасивно и арогантно ми реагираа затоа што се побунив. Дури ладнокрвно реагираа и тогаш кога им посочив дека со ова можат на државата да и платат казна во вредност до 7% од годишниот приход…

Искрено се надевам дека овој текст ќе им биде јасен показател на компаниите дека не треба да си играат со работи кои не ги разбираат и дека треба мора поголемо внимание да посветат на интернет маркетингот и начинот на кој тој функционира, особено и-мејл комуникацијата.

Иаку македонските „спам кралеви" се доста активни и се присутни подолго време, за жал досега во Македонија не е поднесена ниту една жалба против спамирање или небарана комуникација. Овој факт ни беше потврден од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) кои се задолжени за спроведување на нормите во законот за електронски комуникации.

Повеќе:

Добивај известувања
Извести ме за
guest
5 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
@coacheragroup
10 years ago

доста корисен блог

Ванчо Орданоски

Welcome to the club! http://instantekspert.blogspot.com/2010/10/blog-p… :)

Иако е добро што сте почнале со "едукација" на подобро познати компании, загрижувачки е што има голем број на мали и анонимни.
На овие првиве барем има каде да им се јавиш, и со кој да се скараш :) , а понекои дури имаат и доблест да ти се извинат. Ситнава боранија, меѓутоа …

Aleksandar Ninevski
10 years ago

Јас добив една порака во која на крајот пишуваше:
Ова не е "спам". Поракава е испратена на Вашата e-mail адреса објавена на интернет.
Во случајов точно е дека адресата е објавена на нашата веб-страна, но дали ова е така според законот?

azder
azder
10 years ago

Што не им пиша „ова Е спам” со точна официјална дефиниција ?

Андреј
Андреј
10 years ago

Скоро редовно добивав спамови од Marketing Palenzo и уште некои нивни „ограноци“, но откако им испратив еден мејл каде што им ги наведов баш овие работи, престанаа..

Ниедна фирма во Македонија не ги знае законите, а и тие што ги знаат, ги боли уво.. Според моето искуство, мејловите ги наоѓаат од Златна Книга и од регистрарот на Марнет.. А и неофицијално, има пар луѓе во градов кои што продаваат листи со македонски адреси..

Ова ќе трае дур некоја фирма не ќари прописна казна, и тоа не биде на јавно и широко расправано по весници..