Речиси извесно е дека Сенатот на САД ќе гласа против донесувањето на CISPA, пишува US News повикувајќи се на извор во Сенатот. Покрај Сенатот, ниту претседателот на САД, Барак Обама, нема намера да го потпише Законот за сајбер криминал каков што е во моментов. Забелешките кои ги имаат сенаторите се поради недоволната заштита на приватноста, а сенаторите работат на нов предлог-закон кој ќе ја зацврсти сајбер безбедноста, истовремено не нарушувајќи го правото на приватност.
„Донесувањето на CISPA беше важно, но заштитата на приватност не беше доволно добра.“, вели сенаторот Џеј Рокфелер.
Донесувањето на CISPA (Cyber Intellegence Sharing and Protect Act) ќе значеше дека друштвените мрежи како Facebook, Twitter и Google Plus, заедно со телефонските оператори, ќе мораа да ги споделуваат корисничките податоци со владините агенции без објаснување за каква потреба имаат од овие податоци. Дел од податоците кои би биле достапни за споделување се имејл пораки, СМС, но и документи зачувани во „облакот“.
Ова е добра вест за борците за човекови права кои го нарекоа предлог-законот „убиец на приватноста“ и кршење на четврттиот амандман на САД. Како протест против законот околу 200 веб сајтови во САД се затемнија.







