Елон Маск конечно ја заврши приказната за Twitter. Сопственикот на Tesla и Space X е нов сопственик на микроблогот. Со ова речиси без сомневање завршува приказната, иако со Елон Маск никогаш не може да сме сигурни.
Цената која Маск ја плати за Twitter е 44 милијарди долари, што е и цената која ја понуди пред да одлучи да се повлече.
Првата одлука која ја донесе како нов сопственик на компанијата, откако влезе со „лавабо“ во канцелариите е да отпушти дел од директорите. Вестите засега се поделени, дел велат дека по доаѓањето на Маск, оставки поднеле директорот на компанијата Параг Агравал и финансискиот директор Нед Сегал, други медиуми пренесуваат дека се отпуштени. Она што изгледа извесно е дека директорката за правна политика, доверба и безбедност Вијаја Гаде е отпуштена од Маск, како и правниот советник Шон Еџет.
Во Twitter, Маск ветува со ветувањето за ограничување на интервенирањето во содржината и поголема слобода на говор. Колку ова навистина ќе се оствари останува да видиме. Критиките веќе започнаа да доаѓаат на „вратата“ на новиот сопственик. Дел од државите во кои слободата на говор не е загарантирана ќе можат да побараат цензурирање и Twitter ќе го овозможи ова. Ова не е официјално потврдено, но Маск веќе објасни дека слободата на говор ја става во контекст на законот. Ова за жал значи дека во дел од државите, платформата едноставно нема да биде отворена за слободно споделување информации.
За сите кои се надеваат дека сега ќе може да објавуваат што сакаат, ова сепак нема да биде случај. Во порака до огласувачите Маск објави дека на платформата нема да може да се објавуваат работи без никакви последици. Она што е поинтересно е дека има најава за избор за начинот за модерирањето на содржина. Ова можеби може да значи дека корисниците ќе можат да го одберат алгоритамот по кој ќе им биде претставувана содржината.
Зделката затворена само еден ден пред започнување на тужбата на Twitter
Договорот за купување на Twitter се заврши само еден ден пред отворање на судскиот спор помеѓу компанијата и Елон Маск.
Спорот започна откако по понудената и прифатена понуда од Маск за 44 милијарди долари, милијардерот се премисли. Причина беше сомневањето на Маск во бројот на бот профили на платформата. На бордот на директори оваа одлука не му се допадна, и започнаа судски спор пред Судот на Делавер.
Голем дел од правните експерти сметаа дека Маск нема да успее да го добие случајот на суд. Веројатно ова и е една од причините поради која само ден пред добивањето на дата за првото судско рочиште Twitter доби нов сопственик.
Последната работа која дел од корисниците очекуваат да ја видат е дали и кога Twitter ќе му овозможи на поранешниот претседател на САД – Доналд Трамп да се врати на платформата.







