Хардвер од минатата недела Quest 3S VR, Orion VR, Samsung таблет компјутери

Avatar img-thumbnail img-circle

во Хардвер

Најинтересните хардвер вести оваа недела доаѓаат од Meta. Супер нови очила за виртуелна и проширена реалност, поевтин Quest 3S VR и нови VR игри. Ова веројатно е сѐ што некогаш сме сакале да слушнеме за виртуелната реалност. Плус имаше уште некоја вест, таблет компјутери од Samsung и расклопување на новиот iPhone.

iPhone 16 со батерија која најлесно се менува

На 20 септември официјално започна да се продава новиот iPhone 16. Веќе знаевме добар дел од работите за телефонот, но сепак беше супер интересно да ѕирнеме внатре. Секако ова најдобро го прави iFixit кој повторно со одлично видео ни овозможи да видиме што сѐ има во новиот телефон.

Иако Apple направи повеќе надградби на телефонот, се чини дека интересна промена има и кај отворањето на уредот. Благодарение на лепило кое се одлепува кога низ него тече слаба електрична струја промената на некои делови на телефонот се полесни од било кога. Ова ја прави промената на батеријата супер едноставна.

Телефонот доби оценка за сервисирање 7 од 10 што ако добро се сеќаваме е највисока оценка која ја добил некој iPhone досега. Само за споредба, претходниот модел iPhone 15 имаше оценка 4.

Samsung и TSMC ќе градат фабрики во OAE

Две големи компании за производство на чипови, Taiwan Semiconductor Manufacturing Co. (TSMC) и Samsung, размислуваат за изградба на големи фабрики во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ). Овие проекти би можеле да ја трансформираат индустријата и да станат клучен дел од инвестициите во вештачка интелигенција (AI) во Блискиот Исток. Разговорите сѐ уште се во рана фаза и се соочуваат со технички и политички предизвици. Проектите би биле финансирани од ОАЕ, а би учествувала и компанијата Mubadala, која има портфолио вредно 300 милијарди долари.

Mubadala e инвестициски фонд од Обединетите Арапски Емирати, со седиште во Абу Даби. Овој фонд управува со значителни средства на владата на ОАЕ и инвестира во различни сектори ширум светот, со цел да го диверзифицира економскиот раст на државата, надвор од зависноста од нафтата и природниот гас.

Двете компании имаат неколку причини да бидат заинтересирани за градење на производни центри во OAE, веројатно најголема е финансиската помомош. Фондот би помогнал со финансирање на фабриките кои може да чинат и 100 милијарди долари. Дополнително, отворањето на фабрика во ОАЕ ќе овозможи и креирање на операции надвор од традиционалните региони САД, Азија и Европа.

Дубаи, ОАЕ / Фотограф: Nick Fewings on Unsplash

Дополнителна улога во интересот на двете компании може да игра и технолошката визија на лидерите на ОАЕ кои сакаат Емиратите да станат технолошки центар. Поради ова веќе инвестираат во вештачка интелигенција и технологии.

Покрај предностите, градењето на фабрика во реон кој традиционално нема искуство со производство на чипови не е без предизвици. Така, недостатокот на локален кадар барем во прво време ќе биде предизвик, а и географски недостатокот на прочистена вода ќе биде предизвик кој ќе треба да се надмине пред да се официјализираат договорите.

Samsung S10 Ultra

Таблетот Samsung Galaxy Tab S10 Ultra е помоќниот од двата таблет компјутери кои Samsung ги претстави неделава. Ова е уред од висока класа со 14,6-инчен Dynamic AMOLED 2X дисплеј со refresh од 120 Hz; процесор MediaTek Dimensity 9300+; 12 GB или 16 GB RAM. Samsung ветува одлични перформанси со алатки за вештачка интелигенција како што се Circle to Search и Handwriting Assist. Уредот доаѓа со S Pen кое поддржува Air Command, па корисниците ќе имаат пристап до сите функционалности без да пребаруваат по менијата. Според производителот Tab S10 Ultra има одлични камери (13MP + 8MP главна  и 12MP предна камера). Доаѓа со  IP68 заштита и поддржува 5G, Wi-Fi 7 и Bluetooth 5.3. Достапен е во две бои кои Samsung ги нарече Moonstone Grey и Platinum Silver. Цената на основниот модел со 256GB простор e 1 200 американски долари.

Не само што може да се користи како таблет компјутер Ultra моделот може да се користи и за управување со паметниот дом.

Samsung S10+

Таблет компјутерот Samsung S10+ е помал и поевтин од двата компјутери кои производителот  ги претстави оваа недела. Доаѓа со 12,4-инчен Dynamic AMOLED 2X дисплеј со refresh од 120 Hz. Хардверот е сличен како и кај S10 Ultra, вклучувајќи ги и процесор MediaTek Dimensity 9300+, 12 GB RAM и пакет за вештачка интелигенција.

Моделот доаѓа со електронско пенкало S Pen. Таблетот има ултра-широка предна камера од 12 MP, батерија од 10 090 mAh и ги нуди истите опции за поврзување и складирање. Цената на основниот модел со 256 GB простор е 999 американски долари. Galaxy Tab S10+ е достапен во Moonstone Grey и Platinum Silver.

Meta претстави нови уреди за проширена и виртуелна реалност

На настан кој се одржа на 25 септември, Meta претстави неколку нови уреди за проширена реалност, заедно со куп импресивни функционалности.

Orion AR

Иако компанијата претстави и нов Meta Quest 3S сет веројатно најинтересен дел од настанот беа новите Orion AR. Закерберг кој го водеше настанот вели дека ова се „Најнапредните очила кои светот ги видел досега“. Основачот на Facebook вели дека ова се „целосно холографски“ очила за проширена реалност. „Помошник“ во презентацијата беше Џен-Хсун Хуанг, извршен директор на Nvidia кој беше импресиониран од Orion.

„Ова е важна работа. Следењето на положбата на главата е добро, осветленоста е добра, контрастот на боите е добар, ширината на поглед е одлична.“, рече Хуанг, додека ги носеше очилата.

Очилата имаат куп напредни функции како следење на очите, гласовна контрола, вештачка интелигенција и навигација со помош гестови преку нервен интерфејс (neural interface). Командите кои се даваат преку интерфејсот се следат преку алка на раката на корисникот. За жал на презентацијата не ни открија како функционира управувањето.

За да ги видиме во продажба очилата Orion, веројатно ќе треба да помине време. Прототипот на Meta го покажува нивниот напредок. Со помош на минијатурни проектори и леќи од силициум карбид, овие очила создаваат живописен проширен свет пред корисникот, поместувајќи ги границите на преносните компјутери. Импресивен е и нивниот дизајн, кој вклучува безжична плочка за обработка и нараквица за контрола на гестови, што ги прави полесни за користење од претходните AR уреди.

Ако се израдувавте и едвај чекате да ги пробате, за жал ќе мора да ве разочараме. Orion очилата нема да бидат достапни барем уште неколку години. Засега на нив работат тимови на Meta и одбрани партнери, кои ќе продолжат да ги тестираат за да ја усовршат технологијата и да ги намалат трошоците. Првата потрошувачка верзија би можела да пристигне најрано во 2027 година.

Очилата за проширена реалност имаат возбудлив потенцијал за интеграција со вештачка интелигенција. Со помош на контекстуална вештачка интелигенција, корисниците може да побараат информации од очилата, да се јавуваат, или само да го отворат фрижидерот, да погледнат и да добијат предлози за рецепти врз основа на тоа што го гледаат во фрижидерот. Во овој момент на развој,  најголеми предизвици се удобноста и приватноста.

Покрај удобноста и приватноста, Orion мора да надминат уште една огромна пречка пред да бидат комерцијално достапни. Во моментов се шпекулира за цена од 10 000 долари. Ова секако ќе биде сериозна пречка за сите заинтересирани.

Quest 3S VR – виртуелна реалност за 300 долари

Meta сериозно се приближува до цена за очила за виртуелна реалност со која ќе заинтересира голем број на корисници. Откако ги претстави Quest 3 VR очилата кои се продаваа за 650 долари, компанијата сега претстави нов, нешто послаб модел достапен за само 300 долари. Цената е за основниот модел со 128GB простор, за моделот со 256GB корисниците ќе треба да доплатат уште 100 долари.

Уредот доаѓа со истиот Qualcomm Snapdragon XR2 Gen2 процесор и 8GB RAM, со што нема да има никакви проблеми за библиотеката игри кои се достапни. Екранот на Quest 3s VR е со динамички рефреш помеѓу 90 и 120Hz. Сличностите не завршуваат тука. Двата уреди имаат и исти или барем речиси исти сензори и камери.

Ако се уредите речиси идентични, тогаш зошто некој би ги купил поскапите очила? Одговорот е во недостатокот на „pancakes“-леќи. Поради ова уредот мора да биде поголем, а 3S нема ниту поддршка за 4K содржини. Дополнително и аголот на гледање и помал.

Да не бидат само лоши вести. Со новите очила може да играме два и пол часа наместо 2,2 часа. Најавениот ексклузивен наслов Batman: Arkham Shadow кој излегува следниот месец ќе може да се игра и на 3S.

Со претставувањето на новиот модел Meta ја намали цената на постоечките уреди. Цената на Quest 3 од 650 долари ја намалија на 500 долари. За жал компанијата објави дека Quest 2 повеќе нема да се произведува.

Quest 3S VR е достапен во претпродажба, а официјално ќе биде достапен од 15 октомври.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk