Компанијата ИТС Софтвер Центар со седиште во Скопје е преименувана во КОНТРОН ДООЕЛ. Седиштето и портфолиото на компанијата остануваат непроменети, како и посветеноста кон клиентите, обезбедувајќи напредни, сигурни, паметни и безбедни информациски и комуникациски решенија за подобро поврзан свет.
Имено, од 1 октомври 2023 година, компанијата ИТС Софтвер Центар, е преименувана во компанија КОНТРОН ДООЕЛ со седиште во Скопје. Менаџментот на групацијата Kontron AG донесе стратешка одлука од оваа година сите нивни подружници да го носат и името на групата Kontron, со кое претходно настапуваше на западните пазари. Целта на ребрандирањето е консолидирање на позицијата на групацијата како водечки европски добавувач на решенија за IoT. Ние, компанија во сопственост на Kontron d.о.о. (поранешна S&T Iskratel), како член на групацијата Kontron AG, ги следиме дадените насоки.
Истовремено, важно е да се нагласи дека промената на името не ги менува другите лични податоци на компанијата, ниту пак ја менува организациската структура, портфолиото на решенија и услуги, како и односот кон клиенти и партнери. Двајцата главни директори, Роберт Кузмич и Јуре Фир, остануваат на чело на словенечкиот Kontron d.о.о., додека Слободан Јовановски на позиција извршен директор на македонскиот КОНТРОН ДООЕЛ.
„Одамна ни е јасно дека во денешниов напреден свет само една работа е сигурна, а тоа се промените. Успешните компании се одликуваат по својата способност не само за прилагодување туку и за користење на тие промени во полза на клиентите, околината и на основачите. Промената на името и брендот на нашата компанијата нема да влијае на нашиот начин на водење бизнис во досегашните сфери на работа, но се трудиме да ни отвори и други, нови можности. Исто така остануваме длабоко поврзани со нашето окружување и сме општествено одговорни.
Најважното, вработените и нивниот однос кон клиентите, кој се темели на долгогодишната традиција на реномираниот бренд Искрател (кој останува во името на нашите продуктни линии), во комбинација со новиот бренд Контрон, ни дава основа за понатамошен успех и раст на задоволство на нашите клиенти. Нашето придржување до основната задача – брзо, точно и сигурно да одговориме на секое прашање и да го испорачаме најнапредното решение до клиентите е врежано во нас, тоа е нашата ДНК. Од таму произлегува и нашето мото „Квалитетот не е чин, туку навика„, кое не води и натаму“, потенцира Слободан Јовановски.
За Контрон МК (Македонија)
Друштвотo за информациски и комуникациски решенија КОНТРОН ДООЕЛ Скопје, (претходно ИТС Софтвер Центар и ИТС Искрател Телекомуникациски решенија) постои повеќе од 30 години, и во моментов брои 70 вработени.
Како членка на групацијата Kontron AG сме фокусирани на продажба и одржување на Интернет на нештата (IoT – Internet of Things) продукти и решенија. Горди сме на фактот дека нашиот развоен центар од Скопје, е еден од развојните центри на групацијата Kontron AG со фокус на развој на апликации и решенија од подрачјето на IIoT (Industrial IoT – Индустриски IoT), како и од подрачјето на управување на комуникациски мрежи.
И покрај многуте јасни појдовни точки и насоки на сопственикот, нашата матична компанијата (Kontron d.o.o., претходно Iskratel и S&T Iskratel од Словенија), а со тоа и ние како нивна фирма-ќерка (КОНТРОН ДООЕЛ, претходно ИТС Софтвер Центар и ИТС Искрател) се стремиме да ја задржиме сопствената видливост, која со децении ја одржуваме и ја зајакнуваме во очите на клиентите и партнерите, како во сопствените држави и на сопствените традиционални пазари, така и на нови.
Во исто време со преименувањето, се реновираа и ребрендираа и постоечките работни простории кои се наоѓаат во центарот на градот, во деловниот простор на КГ Разловечко Востание (наспроти ГТЦ). Имено, освен океанскиот простор и постоечките конференциски сали се доградија и три мали акустични кабини “phoneboots” (Кокино, Канео, Куклици) кои ги отсликуваат македонските знаменитости, а сепак се дел од нашиот нов корпорациски визуелен идентитет.
Во рамките на ребрендирањето, го промовираме и нашиот нов корпорациски слоган:
»КОНТРОН, доверлив партнер за дигитална иднина«
За матичната компанија Kontron d.o.o., Словенија
Кontron d.o.o., информациски и комуникациски решенија, матичната компанија на групацијата Kontron SI, е водечки европски снабдувач на сеопфатни и високо доверливи решенија за безбедна, паметна и подобро поврзана иднина. Групацијата со своето широко портфолио на информациски, комуникациски и инфраструктурни решенија, во комбинација со прилагодливата и сигурна поддршка, е присутна во повеќе од 50 земји низ светот и постои подолго од 75 години. Со својот пристап, ориентиран кон клиентите, сопствените центри за истражување, развој, производство и со околу 1.000 вработени во 10 држави, групацијата генерираше речиси 160 милиони евра консолидирани приходи во 2022 година. Решенијата на групацијата ги задоволуваат барањата на дигиталните средини кои брзо се развиваат и играат важна улога во развојот на понапредно, поповрзано, одржливо и безбедно општество. Повеќе информации на www.kontron.si .
За Контрон АГ
Групацијата Kontron AG (порано S&T AG) е брзо растечка технолошка групација фокусирана на развој на напредни решенија за IoT за широк опсег на индустрии. Со своите решенија и референци, Kontron AG се рангира меѓу водечките даватели на паметни решенија во областа на автоматизацијата на производството, железничките комуникациски системи, комуникациски решенија и паметни решенија за енергетските системи. Технолошката групација со компании во 32 земји ширум светот, вклучувајќи ја и С. Македонија, со повеќе од 4.300 вработени во 2022 година оствари обрт од 1,48 милијарди евра. Групацијата Kontron AG е со седиште во Аугсбург, Германија и котира на германските берзи TecDAX® и SDAX®. Повеќе информации на www.kontron.ag.







