Длабоко во сржтта на секој амбициозен ум лежи паразитската потреба да се искачи на највисокиот врв, да се откријат најдлабоките делови во окејанот… и да се отиде на најдалечните места во универзумот. Желбата да се надминат когнитивните граници лежи длабоко во човечката природа. Ова е желбата и на остроумниот биолог Јасна. Ако нешто сака таа, тоа е да ја види друга страна на непознатото, независно од цената која треба да се плати….
“Hide behind the dark woods, while we're running barefoot You will rise again tomorrow, make the morning dew glow…”
Според сите показатели, The Invincible припаѓа на Walking Simulator жанрот каде клучниот гејмплеј се состои од, па, одење, водење (внатрешни) разговори, присетување на претходни настани и тежнеење кон одредена цел каде не чека одредено еуфорично откритие. Според сите показатели, The Invincible е многу повеќе од Walking Simulator и да се класифицира како игра која припаѓа само во овој жанр би било исклучително нефер према талентираното развојно студио Starward Industries.
The Invincible е футуристичка авантура со огромна имерзивна вредност. Од графиката и анимациите, преку hard sci-fi приказната во која донесувате тешки одлуки, па се до феноменалната глума и звучни ефекти; апсолутно се во The Invincible асоцира на ААА остварување кое е направено со многу внимание, труд и, пред сѐ, знаење. Нема здодевен момент во The Invincible и, од првите пет минути па сѐ до последните, ќе се трудите да го направите надоброто што можете, за вас и за вашиот тим.
Играјќи како Јасна, ќе се најдете сами на неистражената планета Regis III. Со огромни дупки во сеќавањето, ќе пробате да се ориентирате во непознатиот простор и да ги најдете останатите членови од вашиот тим. Ова воошто нема да биде лесно. Regis III делува како безопасна планета, но крие безброј опасности. Секој ваш напрвен чекор ве води поблиску до целта, но и поблиску до бројни одлуки кои морате да ги донесете, особено кога се работи за начинот на кој пристапувате кон решавање на бројните препреки.
The Invincible е игра која преповеда за самотијата и ултимативната беспомошност на човечкиот род. Изолирани и опколени од море безизлезни ситуации, Јасна, а и вие како играч, не можете, а да не ја преиспитувате смислата на животот. Преку паметно дизајнирани, но ретки моменти на јаснотија, ќе се присетувате на клучни моменти од минатото и потсвесно ќе навлегувате во длабоко филозофско размислување за амбициите на човечкиот ум и контрадикторната едноставност на брилијантната самоеволуција.
The Invincible е заснована на истоимената книга на Станислав Лем
Играта The Invincible е заснована на популарната книга на полскиот писател Станислав Лем, по првпат објавена во 1964 година.Ова е една од првите книги кои ги истражува идеите за микророботи, паметна прашина и вештачка интелигенција во форма на рој. Ова е, исто така, и првата книга во која се предложува терминот некроеволуција, односно еволуција на неживата материја.
Во 1991 година, шведскиот автор Керстин Екман создаде образовна игра која е базирана на книгата на Лем, а во 2019 година, се објави и првиот стрип кој верно ја прикажува оригиналната визија на Лем.
Она што најмногу ќе правите во The Invincible е одење. Но, во сето тоа одење ќе наоѓате и корисни алатки кои ќе ви помогнат да полесно да дојдете до исчезнатите членови од вашиот тим, како и полесно да се справите во огромниот идиличен простор. Покрај вашиот тим, ќе наидете и на роботи, како и различни суштества кои се домаќини на планетата. Од вас зависи како ќе им пристапите, но она што ние никако не можевме да претпоставиме е дали одреден одлука ќе има позитивна, или негативна последица, со што тензијата се издигнуваше до тоа ниво, да лесно можеше со нож да се сече.
“Legs become too heavy, hands become too weary Down you go, oh, bright sun, night is not that scary…”
Во случај да сакате наративни интерактивни дела, тогаш The Invincible е следниот еволутивен чекор и одлично преточување на една од најдобрите книги во hard sci-fi жанрот. Јасна е комплексна личност со уникатен поглед кон универзумот и ни беше вистинско задоволство да ја водиме низ мистериите на Regis III, да ги слушаме нејзините размислувања и разговори со нејзиниот тим, па дури и да уживаме во малите работи, како нејзиното рецитирање песна која смирувачки делуваше и на неа, и на нас. Доколку одамна не сте одиграле еден Walking Simulator, а имате потреба да видите до кој степен овој жанр се има променето и во какви други поджанрови има пуштено корени, тогаш The Invincible е страшна, длабоко-вознемирувачка, но апсолутно препорачана дестинација!
Повеќе детали за играта
- Произведува: Starward Industries
- Издава: 11 bit studios
- Жанр: Авантура
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 6 ноември 2023
Оценка
- Вкупна оценка: 9.75
- Приказна: 10
- Гејмплеј: 9
- Графика: 10
- Звук и музика: 10