Во Amazon започнува нова ера. Човекот кој го основа Amazon, и веројатно првата асоцијација кога најголемата онлајн продавница е во прашање, Џеф Безос, до крајот на оваа година ќе ја напушти положбата на извршен директор. Г. Безос не заминува во целост од компанијата. Tој и натаму ќе остане на челото на бордот на директори.
Официјално транзицијата завршува во третото тримесечје на 2021. Дотогаш подготовките за замена ќе бидат во тек, но официјално директор на компанијата е г. Безос.
Причината за повлекувањето не е замор, туку желбата на г. Безос да се посвети на нови проекти и нови компании. Во иднина ќе се фокусира на филантропија и на неколку фондации и компании. Day 1 Fund, the Bezos Earth Fund, Blue Origin, The Washington Post, се само дел од проектите кои ќе го окупираат г. Безос по заминувањето од директорското место.
„Како директор на бордот на директори, останувам вклучен во важните иницијативи на Amazon, но ќе имам и време и енергија кои ми се потребни да се фокусирам на Day 1 Fund, the Bezos Earth Fund, Blue Origin, The Washington Post и на другите страсти. Никогаш не сум имал повеќе енергија, ова не е пензионирање. Супер возбуден сум за влијанието кое мислам дека ќе го имаат овие организации“, вели Џеф Безос во имејл до вработените.
Кој е Енди Џеси
Нов директор на Amazon ќе биде Eнди Џеси, актуелен директор на Amazon Web Services. Тој е еден од првите вработени во компанијата и неговата работа во Amazon е цврсто поврзана со AWS. Г. Џеси има значителна улога во развојот на Amazon Web Services.
Енди Џеси е роден на 13 јануари 1968 година. Високото образование го заврши на Харвард, а во Amazon е од 1997 година. Во Amazon започна како маркетинг менаџер. Г. Џеси 2003 со тим од 57 вработени ги основа Amazon Web Services. На директорското место во AWS е од 2016 година. Надвор од Amazon, тој е еден од сопствениците на хокеј тимот Seattle Kraken кој се натпреварува во NHL.
Засега е непознато кој ќе го заземе неговото место во AWS, а се шпекулира со неколку имиња. Питер Десантис, заменик директор на секторот за глобална AWS инфраструктура и Мет Герман, заменик директор на одделот за продажба и маркетинг се дел од потенцијалните кандидати.