Mесецов за жал медиумите многу повеќе пишуваа за отпуштањата од Twitter отколку за луѓето кои решиле да останат, за нови вработувања или пак за некои нови функционалности кои платформата ги лансираше. Неделава, благодарение на едно познато име во ИТ индустријата кое се пријави за дванаесет неделна пракса во Twitter, текот на вестите за Twitter барем малку се промени.
Џорџ Френсис Хоц (George Francis Hotz) е хакер, претприемач и софтверски инженер. Покрај ова, тој е основач на стартапот за машинско учење кој се фокусира на креирање на систем за автономни возила – Comma.ai. Од оваа недела Џорџ како практикант му се приклучи на Елон Маск во Twitter откако самиот се пријави и го предизвика Елон Маск на Twitter.

Во Twitter Хоц ќе работи на унапредување на пребарувањето. Според најавата, тој ќе треба да овозможи олеснување на пронаоѓање на напредните модификатори во пребарувањето и да го направи истото помалку зависно од пишувањето на точниот текст кој сакаме да го пронајдеме.
Маск и Хоц имаат и претходна историја и не секогаш биле во пријателски однос. Во 2015-та година Хоц требаше да работи во Tesla како дел од тимот кој работи на технологијата за автономно управување. Но, Маск тогаш ја повлекол понудата, а Хоц тогаш започна да работи на својот стартап Comma.ai.
Биографијата на Џорџ Хоц
Џорџ Френсис Хоц има 33 години, роден е во Глен Рок, Њу Џерси на 2 октомври 1989. Завршил Академија за инженеринг и дизајн во Bergen County Academies. Тој е основач на неколку стартапи, но веројатно и денес е најлесно препознатлив по своите хакерски подвизи.
Попознат е под своето онлајн име Geohot и пробивањето на заштитата (jailbreak) на iOS, PlayStation 3 и основањето на Comma.ai – стартап кој треба да овозможи автономно управување за сите возила.
Финалист на ISEF
Во 2004-та година уште како дете, Џорџ Хоц учествуваше на Меѓународниот саем за наука и технологија кој се одржа во Портланд. Меѓународниот саем за наука и технологија (Intel International Science and Engineering Fair) е натпревар во научни области за учениците од средните училишта. Хоц таму беше финалист на натпреварот со проектот „The Mapping Robot“. Проектот подразбираше дека роботот мапира соби и по мапирањето требаше да помине низ собите и да ги исчисти. Хоц успеал со роботот да ја мапира вентилацијата во своето училиште.
Следната 2005-та година Хоц повторно беше финалист на натпреварот овој пат со роботот „The Googler“.

https://www.intel.com/pressroom/archive/photos/isef_2005_photos.htm
Во 2007-ма година на седумнаесет годишна возраст Џорџ Хоц со проектот „I want a Holodeck“ освои Intel ISEF Best of Category во категоријата Електротехника и машинство. „I want a holodeck“ е проект за креирање на 3Д слики.
Првиот отклучен iPhone (август 2007)
Наградите и проектите на ISEF иако супер интересни не му ја донесоа „славата“ колку неговото пробивање на iPhone. Во август 2007 сѐ уште на 17 години Џорџ Хоц беше првиот кој успеа да отстрани SIM lock од еден iPhone. Џорџ Хоц како претплатник на T-Mobile, сакал iPhone, но истиот бил заклучен само на мрежата на AT&T. За да не ја менува мрежата, а да може да го користи иновативниот уред, тој решава да ја пробие SIM заштитата на телефонот. По подолго истражување онлајн, отворање на телефонот и репрограмирање, на крај успеал да направи неговиот телефон да функционира на секој телеком оператор.
Следното утро, Хоц застана во кујната на неговите родители и притиснал „Record“ на видео камера поставена наспроти него. Имаше неправилни локни, едвај порасната брада и проговори со чист акцент од Њуџерси. „Здраво, на сите, јас сум geohot“, рече тој, мислејќи на неговиот онлајн псевдони. Потоа извади iPhone од џебот и проговори. „Ова е првиот отклучен iPhone во светот, пренесе NewYorker.
Вториот отклучен iPhone Џорџ го заменил за Nissan 350Z и три нови 8GB модели на iPhone. Во октомври 2009-та Хоц го претстави blackra1n софтвер за jailbreak кој функционираше за iOS 3.2, 3.1.1 и 3.1.2.
“Top 10 overachivers under 21”
Дел од медиумите речиси веднаш го прогласија за херој. Седумнаесет годишно момче кое успеа да го победи Apple. PC World во 2008 го прогласи за еден од 10 најуспешни луѓе помлади од 21 година.
Хакирање на PlayStation 3
Во декември 2009 Џорџ Хоц објави дека ќе се обиде да ја пробие заштитата на најавуваната непробојна конзола на Sony – PlayStation 3. Следниот месец објави дека успеал да добие read write пристап до системската меморија на конзолата и се здобил со „hypervisor“ пристап до процесорот.
На 26-ти јануари пробивањето беше јавно достапно. На Sony му беа потребни 2 месеци да издаде firmware надградба со која ќе биде отстранета OtherOS функционалноста.
Во јануари 2011-та година Хоц на неговата веб-страница објави копија од приватниот клуч за PlayStation 3. Ова беше доволна причина Sony да започне судски спор против него. Sony побара листа на IP адреси кои пристапиле до неговата страница, друштвените мрежи, вклучувајќи го и YouTube, а судот дури дозволи во спорот и пристап до PayPal сметката на Geohot.
Android – Samsung Galaxy 5 јуни 2014
Во јуни 2014 Хоц објави алатка за пробивање на заштитата (rootkit) на Samsung Galaxy S5. Оригинално алатката беше објавена за Samsung Galaxy 5 на Verizon, но наскоро беше прилагодена за сите останати Android уреди.
Надградба на оперативниот систем го затвори пропустот, а со тоа ја направи и алатката бескорисна.
Comma.ai
Во 2015 година 26-годишниот Џорц Хоц, започна да работи на нов проект – автономно возило. Возилото на кое работеше беше модифицирана Acura ILX, на која и додаде ласерски радар, џојстик, 21,5-инчен екран и куп електроника. Според него сѐ што инсталирал во возилото може да се пронајде и во продавница. Оперативниот систем зад системот за автономно управување е Linux. Цената на сите компоненти со кои работеше не надмина 1000 долари.
Технологијата овозможува системот да се користи за сите возила, без разлика колку се прилагодени. За разлика од останатите системи кои користат пре-програмирани правила, автомобилот на Хоц, учеше од неговото возење. Поради ова тој најави дека неколку месеци ќе вози Uber за да може да го тренира системот. Од овој проект подоцна произлезе стартапот Comma.ai.
Twitter – ноември 2022
Од овој месец, во следните 12 недели Џорџ Хоц ќе биде дел од Twitter. Според најавата ќе работи на пребарувањето и неговото подобрување.