Google X е основан во 2010 година со мисија да се справи со најтешките проблеми во светот. Сместен подалеку од главниот кампус на Google за да го поттикне независното размислување, X поттикнува смели ризици, брзо експериментирање, па дури и прославување на неуспехот како знак на висока цел.
За да се квалификува некој проект како „Moonshot“, потребно е проектот да реши голем проблем, да искористи пробивна технологија и да предложи радикално, речиси лудо решение.
Практично, X претставува хаб на Alphabet за футуристички проекти и им дава предност на долгорочните иновации пред моменталниот профит.
X гледа на неуспесите како чекор кон иновацијата, а во продолжение 4-те неуспешни проекти на Google X.
Project Foghorn: Создавање чисто гориво од морска вода
Предизвикот на проектот Foghorn беше тоа што речиси 97% од емисиите на стакленички гасови поврзани со транспортот доаѓаат од согорувањето на фосилните горива.
Проектот имаше за цел радикално да ги намали емисиите со екстракција на јаглерод и водород од морската вода за да произведе нов тип на јаглеродно неутрално гориво. Меѓутоа, за да биде практична алтернатива на традиционалните горива, мораше да се натпреварува со бензинот. Ова беше и главната пречка зошто овој проект не успеа.
Во јануари 2016 година, по две години работа, тимот одлучи да го прекине проектот. Оперативните трошоци беа премногу високи. Поради тогашната и проектираната цена на водородот, горивото со морска вода едноставно не се исплатеше.
Makani: Искористување на ветрната енергија со летечки уреди и создавање на обновлива електрична енергија
Предизвикот на проектот Makani беше фактот што ветерот може да обезбеди електрична енергија за целиот свет дури и за 100 пати повеќе од потребната, но само 5% од електричната енергија во светот е создадена од ветерот.
Makani имаше за цел да го прошири глобалниот пристап до чиста и достапна ветерна енергија преку развивање на енергетски “змејови” (летечки уреди кои што создаваат електрична енергија) – технологија за енергија на ветерот во воздухот што користеше крило врзано за земјена станица за ефикасно да ја фати ветерната енергија.
Со замена на тешките челични кули на традиционалните турбини на ветер со лесен хардвер и напреден софтвер, Makani се обиде да ги искористи ресурсите на ветерот кои беа премногу скапи или непрактични за традиционалните технологии на ветер.
По 13 години проектот Makani заврши во 2020 година и зад себе остави куп документи, технички извештаи и документарен филм.
Loon: Проширување на достапноста на интернетот со стратосферски балони
Предизвикот на проектот Loon е тоа што милиони луѓе на светот сѐ уште немаат стабилна врска до интернет.
Loon презеде доста радикален пристап кон проширување на пристапот до интернет преку распоредување на мрежа од балони наместо традиционалната копнена инфраструктура како што се оптичките кабли или мобилните кули. Овие балони на висока надморска височина патуваа во близина на работ на вселената за да ја прошират поврзаноста со руралните региони, да ги пополнат празнините во покриеноста и да ја подобрат отпорноста на мрежата за време на катастрофи.
Проектот траеше 9 години и беше еден од позначајните проекти на Google X. Но, и покрај извонредните технички достигнувања на Loon, патот до комерцијалната одржливост се покажа подолг и поризичен од очекуваното, што доведе до затворање на проектот во 2021 година.
За да ги поддржи понатамошните стратосферски истражувања и иновации, тимот ја објави The Loon Collection – сеопфатен каталог на техничките, оперативните и научните сознанија на Loon.
Оваа збирка вклучува податоци за летовите од сите 2.100 летови на Loon, со податоци од сензори и електрични мерења, вредни за научни и климатски истражувања.
The Everyday Robot Project: Роботи кои ќе функционираат во иста средина со луѓето
Создавањето роботи кои можат автономно да се движат и да извршуваат задачи во непредвидливи човечки средини, како што се домови или канцеларии, е доста голем предизвик и за сега нерешен проблем. Потребно е да се надминат значајните хардверски и софтверски пречки во роботиката.
Тимот на Everyday Robots се фокусираше на развој на разновиден робот за учење способен да работи независно во овие неструктурирани средини. Нивната цел беше да изградат нова генерација на роботи кои на крајот би можеле да им помагаат на луѓето во секојдневните задачи, приспособувајќи се и учат додека се во функција.
После осум и пол години, Google X го запре овој проект, кој што важеше за најголемата инвестиција во роботиката, подетално за овој проект IT.mk пишуваше пред само неколку недели.