Група истражувачи од Цирих со помош на вештачка интелигенција успеаја да ја решат Google CAPTCHАv2. Оваа заштита се користи за да може да се направи разлика помеѓу луѓето и ботовите кои посетуваат некоја страница.
Како кратко потсетување, v2 верзијата на Captcha доаѓа со слики на кои корисникот треба да пронајде различни објекти, на пример семафори, велосипеди, пешачки премин и слично. Последните неколку години тоа е актуелната заштита која се користи, а досега се сметаше дека луѓето подобро ги решаваат овие загатки од машините. Со помош на вештачка интелигенција тимот од Цирих успеал да ги реши сите Captcha. Она што е поинтересно е дека успеале да го направат ова во сличен број обиди како и луѓето.

Ова веројатно и не е преголемо изненадување, со оглед на тоа дека веќе неколку години вештачката интелигенција е се подобра во препознавање на објекти на слики. Беше единствено прашање на време пред машините да започнат да препознаваат објекти подеднакво добро како и луѓето. Претходните модели ги решаваа овие загатки со 68 до 71 отсто точност. Резултатите од истражувањето се објавени на 13 септември.
Процесот кој го користеа истражувачите имаше интеракција со луѓе, па не беше целосно автоматизиран. Се чини дека е само прашање на време пред да видиме целосно автоматизирани ботови.
„Тоа е огромен проблем за огласувачите и луѓето кои работат со услуги ако не знаат дали 50% од нивните корисници се реални“, вели професорот па компјутерски науки Метју Грин за Decrypt. „Измамата беше голем проблем и кога требаше да ангажирате луѓе да го прават тоа, уште полош проблем сега е што можете да ја натерате вештачката интелигенција да ја направи измамата наместо вас“.
CAPTCHA (Completely Automated Public Turing test to tell Computers and Humans Apart) е безбедносна технологија која се користи за да утврди дали корисникот на одредена веб-страница е човек или компјутерски бот. Оваа технологија создава загатки. На пример пронаоѓање објекти на слики, внесување на искривени букви или броеви, или решавање на едноставни математички задачи. Овие задачи се лесни за луѓето, но тешки за ботовите.

Целта на CAPTCHA е да спречи злоупотреба на веб-страниците од автоматизирани ботови кои можат да извршуваат задачи како што се спамирање, креирање лажни кориснички сметки, собирање податоци без дозвола и вештачко генерирање на сообраќај.
Алтернативи на CAPTCHAv2
Веќе постојат повеќе алтернативи на CAPTCHAv2 кои ќе може да ја заменат ако биде потребно. Уште од 2018 година Google ја издаде третата генерација на reCAPTCHA.
ReCAPTCHA v3 е понапредна верзија на CAPTCHA која не бара од корисниците да решаваат проблеми. Наместо тоа, го анализира однесувањето на корисникот додека ја користи веб-страницата и врз основа на тоа одредува дали е човек или бот. Временско ограничување е метод кој следи колку време корисникот користи за да пополни форма. Ботовите обично го прават тоа премногу брзо или премногу бавно, додека луѓето имаат природен временски интервал за пополнување форми.
Honeypot е техника која користи скриени полиња во веб-формите кои луѓето не можат да ги видат, а ботовите ги пополнуваат автоматски. Ако скриеното поле е пополнето, системот веднаш го идентификува корисникот како бот.
Малку поздодевни и проблематични за користење се проверка со двојна автентикација (2FA). Ова е метода која бара од корисниците да внесат код што го добиваат преку SMS, е-пошта или автентикациски апликации, што додава уште еден слој на безбедност и ја спречува автоматизацијата на ботовите. Тука се и биометриските системи кои користат отпечаток од прст, препознавање на лице или ирис како начин за автентикација. Ова е посигурен начин за верификација на луѓе, но бара специфична хардверска поддршка и е речиси бескорисна за најголем дел од страниците.
Покомплексни загатки
Еден од начините за надминување на проблемите е креирање на покомплексни загатки за решавање. Ова ќе им ја отежни работата на ботовите и ќе ги спречи. Клучно е да се пронајде баланс. Решението треба да биде доволно комплексно да ги спречи ботовите, но не и да ги одврати луѓето. Предолгото решавање на овие проблеми може да предизвика дел од корисниците да се откажат и да ја напуштат страницата.







