Од инди студиото Moonana доаѓа исклучително невообичаена JRPG каде ќе имате за задача да се спротиставите на тоталитаристички режим преку пеење. Во случај да сте фанови на механики кои се засновани на ритам, Keylocker | Turn Based Cyberpunk Action ќе ви дозволи да тектонски да го разиграте немиот свет!

Вроден ритам
Keylocker | Turn Based Cyberpunk Action се одвива во мрачен киберпанк свет. Во овој свет многу работи се забранети, особено пеењето. Вие не мислите да се помирите со оваа одлука и, со цел да пркосите на системот, организирате концерт. Нема да можете многу да пеете затоа што сте инстантно фатени од полицијата. Чекајќи да биде реализирана смртната казна, ќе добиете неочекувана помош и нова можност да се изборите за вашата слобода и права.

Кога сме кај борењето, сите битки во Keylocker се засноваат на turn-based системот. Тоа значи дека и вие и непријателите имаат напади и одбрани кои се засноваат на редови, но и на ритам! Имено, вашите и непријателските единици се поставуаат на мрежно бојно поле. Од тука, нападите се изведуваат преку претискање одредени копчиња во вистинското време. На сличен начин, нападите на непријателите ги избегнувате само доколку го претиснете соодветното копче во моментот кога таквото нешто ќе биде побарано од вас. Ова не е лесно.

Дури и откако ќе се навикнете на механиката, сепак е потребно да имате брзи рефлекси и да внимавате да не ја утнете работата. Секоја грешка скапо се плаќа, а вие немате здравје за многу грешки. Дополнително, секој непријател има различни напади. Како резултат често го имате оној момент кога не сте сигурни што и како треба да работите на секое првично запознавање. Во случај да сте ок со ова, ве очекува комплексен систем за битки во кој е одлично вкопена музичката подлога. Со оглед на тоа дека сепак се работи за игра во која ритамот игра голема улога, тимот мајсторски вметнува музика и звучни ефекти за да битките добијат повпечатлив интензитет.

Сево ова е одлично вклопено со приказната. Наспроти ретро графиката, развојниот тим се има потрудено да осмисли детален свет полн со лор, ликови и непредвидливи ситуации. Не само што се става голем акцент на истражување, туку и често ќе стапувате во интеракција со најразличните предмети, а и ќе разговарате со најразлични NPC ликови.
Подоцна во играта, ќе забележите дека не играте само со девојката, туку и ќе добиете помош од друго лице кое специјализира во, пример, отворање пософистицирани врати. Користење на овие алатки е пропратено со мини игри каде е потребно да претиснете одредено копче во одредени моменти, запазувајќи го, подразбирливо, ритамот на самата мини игра. Иако се работи за забавен концепт, се бара од вас да имате брзи рефлекси за да можете да ја остварите целта.

Во зависност од ликот кој го водите, различно се водат одредени разговори и ликовите различно реагираат. Дополнително, приказната се менува и во зависност од класата која ја имате изберено. Обично се работи за суптилни измени во дијалогот, но, понекогаш пријатно сте изненадени со подрастични последици. Ова допринесува до квалитетна атмосфера при играњето, сведочејќи за макотрпна посвета на тимот во најразлични аспекти. Знаете како викаат: капка по капка прави вир, а вакви ситни посвети на детали се забележуваат во сите аспекти од играта, со што, кога се ќе се собере, добивате епска игра.

Надвор од нашето посакување битките да не се до тој степен предизвикувачки, Keylocker | Turn Based Cyberpunk Action е солидна игра, но игра која првенствено се препорачува на оние играчи кои сакаат предизвикувачки turn-based игри засновани на ритам. Искрено, ако не сте во ред со овие механики, ако немате елан за скокање од една до друга битка, учење и прилагодување на слабите и јаките непријателски точки, тогаш Keylocker не е игра во која би можеле максимално да уживате, дури и да ви се допаѓа светот и приказната која се раскажува во него.




Повеќе детали за играта
- Произведува: Moonana
- Издава: Serenity Forge
- Жанр: авантура, стратегија
- Платформа: PC
- Излезе на: 18 септември 2024







