Веројатно само времето ќе може да покаже дали идејата на Австралија ќе вроди со плод. Тие се првата држава која во целост ќе го забрани присуството на друштвените мрежи за децата. Според законот, компаниите што нема да ги спроведат ограничувањата може да се соочат со огромни казни од 50 милиони австралиски долари.
Забраната се однесува на сите деца помлади од 16 години и претставува најригорозна мерка досега. Сепак, она што ја прави мерката историска и без преседан, не е што 16 години се највозрасна граница досега. Забраната ќе се однесува на сите. Нема да има никакви заобиколувања со родителска согласност или со замижување пред веќе постоечките корисници. Ниту едно дете помладо од 16 години нема да има пристап до друштвените мрежи.
Законот веќе помина во Сенатот со 34 гласа „за“ и 19 „против“. Сега се враќа во Претставничкиот дом за усогласување на последните амандмани. Со оглед на тоа што владата има мнозинство во Претставничкиот дом, се очекува законот да биде официјално усвоен без дополнителни пречки. Откако ќе биде донесен, платформите имаат најмалку 12 месеци да се подготват за промените. По ова, законот ќе важи за сите друштвени мрежи.
Иако целта на Австралиската влада е јасна – заштита на менталното здравје на младите – имплементацијата на овој закон отвора и посериозни прашања за ефикасноста, етичноста и влијанието врз поширокото општество.
Заштита на младите или нарушување на слободите?
Австралиската влада го оправдува законот како чекор кон заштита на младите од негативните последици од користењето на друштвените мрежи, вклучувајќи анксиозност, депресија и интернет-зависност. Според премиерот Ентони Албанесе, овој закон ќе им овозможи на младите „вистинско детство“, а родителите ќе добијат душевен мир, пренесе BBC.
Сепак, забраната отвора прашања за правата на младите и за потенцијалната повреда на нивната дигитална слобода. Друштвените мрежи, и покрај опасностите и негативните страни, се дел од денешниот начин на комуникација и социјализација. Младите ги користат за поврзување со пријателите, изразување на својата креативност и пристап до едукативни содржини. Законите како овој, можат да предизвикаат чувство на изолација кај младите, спротивно на нивната цел.
Може ли воопшто да се имплементира
Австралиската влада најавува употреба на технологија за верификација на возраста, но останува нејасно колку ова ќе биде ефикасно. Дополнително, и самото спроведување би можело да ги наруши приватните податоци на корисниците. Биометриската идентификација, на пример, може да создаде нови ризици, особено ако се злоупотреби.
Од друга страна, ограничувањата лесно се заобиколуваат преку користење на VPN или лажни податоци за возраста. За ова веќе има и примери од други држави, каде слични закони се покажаа речиси бескорисни. На пример во Франција, која донесе слична мерка, половина од корисниците користат VPN и ја заобиколуваат забраната.

Влијание врз технолошките компании
Законот може значително да го промени односот меѓу владите и технолошките гиганти. Компаниите како Meta, TikTok и Google веќе изразија загриженост за комплексноста и ширината на законот. Секако, отворено е и прашањето дали и колку овие платформи се подготвени да инвестираат во технологија за верификација. Втората опција е повлекување од австралискиот пазар.
Потенцијални долгорочни последици
Едно од најчестите предупредувања од експертите е дека ваквите забрани може да имаат неочекувани последици. Младите би можеле да се префрлат на мрежи кои се потешки за следење и не се регулирани, што може да биде многу поопасно.
Поради ова, наместо целосна забрана, експертите препорачуваат едукација за безбедно користење на интернет и друштвени мрежи како подобра алтернатива. Дополнително, платформите би можеле да бидат задолжени да воведат опции кои ќе го ограничат времето на користење или содржината до која имаат пристап младите.







