ИТ Кариера профил е серијал преку кој ќе ја претставиме ИТ заедницата, начинот на работење, функционирање и динамиката на луѓето во ИТ секторот.
1. Што работиш моментално и кои се твоите одговорности?
Моментално работам на еден до два интересни проекти во кои сум одговорен за развојот на апликациите и одржување на базите на податоци. Сите проекти кои се одлучувам да ги работам имаат како основа .net framework и sql server како база на податоци. Моите одговорности се подобрување на софтверот, комуникација со customer support во врска со feedback од корисници, поправање на багови, оптимизација на базата кај што се чуваат податоците и ред други секојдневни обврски. Имам работено на преку 65 проекти во мојата досегашна кариера од 2007 па наваму преку oDesk, Elance и сега последно UpWork.
2. Кои се најголемите предизвици при фриленс работењето и од каде најчесто работиш?
Пред да започнам со full time фриленсинг во 2011 година веќе имав искуство од канцелариско работење, 1 година во Холандија и 4 години во САД. Има доста разлики во работењето канцелариски и како фриленсер. Најчесто работам од дома, но фриленс работењето е доста флексибилно и како вљубеник во патувањата, не сум ограничен да работам постојано од едно место, туку мојата канцеларија си ја носам во мојот ранец :). Кога патувам гледам опција да изберам и некој coworking простор барем неколку дена да бидам дел од канцелариско работење. Сум работел во coworking простор во Њујорк, Сан Франциско, Чикаго, Лос Ангелес и Лондон. Но исто така, преку летото знам да работам и од плажите во Грција. Преку моето хоби, маратонското трчање досега имам посетено доста места низ светот (последно бев во Сингапур и Токио, а следно е маратонот во Бостон во Април), во секое место кај што одам 8-10 часа во денот се резервирани за работа, а останатото е за разгледување на градот. За сите кои што ќе се одлучат да запливат во фриленс водите, треба да бидат спремни на само дисциплина, постојана комуникација со клиентите и константно учење. Само дисциплина е потребна бидејќи клиентот може да биде пример на друг континент и нема директен контакт, туку само по електронски пат, не знае што правиш и само од тебе зависи дали ќе ги испорачаш бараните промени. Постојат рокови за завршување на некоја задача и треба да се запазат тие рокови. Често, почетниците ставаат приоритет на некои други цели и ги оставаат задачите за последниот ден од рокот, надевајќи се дека сепак клиентот ќе има разбирање. Тоа е најчеста причина за добивање на лош фидбек кој кога еднаш ќе биде видлив на платформата може да ги откаже другите потенцијални клиенти да соработуваат со вас. Постојана комуникација е потребна бидејќи се случува од време на време некоја задача да земе повеќе време од планираното. Треба да се информира клиентот дека за таа одредена задача ќе ви биде потребно малку повеќе време, добро е да бидат информирани за напредокот на задачата и кога тоа не оди подмачкано, наместо да им се кажува дека се оди според планираното за кога ќе дојде последниот ден да ги информирате дека се соочувате со проблеми и дека нема да можете да го испорачате барањето на време. Константно учење е потребно бидејќи технологиите се менуваат секојдневно и треба да се пратат последните промени кој колку може во зависност од секојдневните обврски. Постојат доста блогови како и видео лекции каде што може да пратите кои се последните промени во технологиите кои што сте одбрале да ги користите, да ги видите последните текови и да се надоградите.
3. Прати ни фотографија од твојата работна средина (без средување :))
4. Од каде научи да програмираш – факс, курсеви, или учење на своја рака?
Најмногу искуство добив од едногодишниот престој во Холандија преку студентската организација AIESEC. Тоа беше отскочната даска каде прв пат се соочив со притисок на работа, рокови, очекувања од работа. Тоа ме натера да размислам малку поинаку и да излезам од комфорната зона во која се најголем дел од почетниците кај нас. Се после тоа беше напорна работа и учење самостојно за да се напредува со знаењето. Голем хендикеп за студентите кај нас е тоа што компаниите многу тешко се одлучуваат да вработат некој без работно искуство, се надевам дека тоа ќе се смени во блиска иднина. Би им препорачал и на студентите во завршните години на факултет да се одлучат да аплицираат за некоја пракса надвор од Македонија, да не чекаат да завршат прво факултет па потоа да бараат работа/пракса. Никој не ги брза да завршат факултет во рекордно време, потоа да седат дома и да чекаат работа, титулата студент дава далеку поголеми можности за надоградба доколку студентот знае што сака. Програмирањето се учи најлесно преку работа на проекти. Во денешно време, користам и видео курсеви од Pluralsight кога имам време, но најчесто сум преокупиран со работа и гледам викендот да избегам подалеку од компјутерот.
5. Кои се 5-те сајтови кои највеќе ги посетуваш?
5.1 Upwork
5.2 Gmail
5.3 Stack Overflow
5.4 Evernote
5.5 Time.mk
6. Кој е твојот омилен technology stack?
MS technology stack (.NET, SQL Server) во комбинација со Bootstrap и AngularJS/KnockoutJS
7. Омилена алатка/софтвер?
Visual Studio, SQL Server, Notepad++
8. Напиши ни неколку мудри зборови како совет за оние кои сакаат да започнат со програмирање…
Програмирањето е широк поим и постојат неколку групи на технологии кои може да се одберат пред да се започне да се програмира. Мој совет е да не се обидуваат да ги научат сите програмски јазици бидејќи тоа е тешко изводливо. Може да одберат пример Microsoft technology stack, LAMP, MEAN, мобилни апликации или некоја друга комбинација и да ги користат алатките само од тие технологии за да може да станат експерти во таа област и да се пробијат на пазарот.
9. Напиши ни неколку мудри зборови како совет за твоите колеги во индустријата…
Фриленс работењето не е за секого. Фриленсингот бара големи жртви посебно во првите неколку години додека “набилдаш” добар рејтинг на фриленс платформите. Најголем дел од луѓето кои се обидуваат да започнат со фриленсинг додека го разберат самиот модел на работа како фриленсер имаат потешкотии, треба да се знае дека клиентот е на прво место секогаш, треба да бидат флексибилни и да работат и повеќе од што е потребно, само за да се заврши проектот на време. Сум работел и по цел вечер некогаш а неретко мојот работен ден е од 8 сабајле до полноќ кога сме пред реализација на некоја поголема промена. Во последно време бидејќи фриленсингот станува се попопуларен насекаде, посебно е тешко за новите фриленсери да се докажат на пазарот бидејќи и конкуренцијата за проектите за почетници е доста голема, има фриленсери од Индија/Пакистан на пример кои би работеле и за без пари само и само да набилдат позитивен рејтинг на профилот кој потоа е клучен во добивањето на нови проекти. Никогаш не аплицирајте на проекти во кои се вклучени технологии за кои немате познавање а мислите дека ќе ги научете со работа, тоа може само да ви донесе негативни поени. Најдобар дел од фриленсингот е дека вие сами избирате на какви проекти ќе работите, никогаш нема да ви биде досадно и секогаш ќе се стремите да работите на нешто интересно што ќе ве предизика да напредувате во знаењето. Со фриленсингот можностите за заработка и напредување се неограничени се додека има желба кај вас да напредувате и знаете што сакате да ви биде следен чекор.
10. Доврши ја реченицава: Иднината на програмирањето е во Internet of Things. Очекувам се повеќе интернетот да еволуира и да го користиме во секојдневниот живот, не само на компјутер и телефон, туку и во уредите кои ги користиме дома. Вештачката интелигенција ќе се подобри и ќе биде уште повеќе користена од обичниот народ за поедноставување на работите кои ги правиме секојдневно.
[…] Целото интервју може да го прочитате тука. […]