Несомнено е дека коронавирусот COVID-19 има огромно влијание врз случувањата во светот. Неодамна имавме текст за тоа како светските ИТ компании се справуваат со пандемијата и предизвиците кои ги носи.
Очекувано најголем дел од читателите беше позаинтересиран како со епидемијата се справуваат локалните компании. Па затоа, во серијал насловен “Како [локална компанија] #РаботиОдДома” од повеќе текстови ќе се обидеме да презентираме што прават најголем дел од ИТ компаниите кои се од Македонија или имаат канцеларии во Македонија.
Ова е праксата на компанијата Vrootok. Vrootok се експерти за дигитален маркетинг, со фокус на SaaS и е-трговија. За работата од далечина во случај на пандемија зборувавме со Теодора Николовска, основач и сопственик на Vrootok.
Како се справувате се овие отежнати услови за работа?
Со оглед на тоа што најголемиот дел од нашите клиенти се во странство, навикнати сме да користиме алатки за он-лајн комуникација. Транзицијата од работење во канцеларија до работење remote од дома ни беше прилично лесна.Во процесот поставивме неколку организациони правила кои ни помагаат полесно да се координираме со тимот.
Имаме среќа што нашите клиенти се од индустрии кои сега за сега се држат добро, така што би рекла дека сега за сега се’ се одвива во најдобар ред.
Од друга страна, нашата втора компанија Galeksia, која е лиценцирана за светски признати курсеви за дигитален маркетинг, мораше да ги префрли сите предавања од училница во он-лајн просторот односно дигитално. Бидејќи обуките имаат позади себе одлично развиен систем на функционирање и сите предавања се веќе прилагодени за он-лајн предавање, успеавме и оваа транзиција да ја направиме без проблем. Целата комуникација со студентите се одвива он-лајн, а по потреба организираме и информативни состаноци, кои се повторно он-лајн. :)
Какво е влијанието врз работата и клиентите?
Работата си тече како и досега, а во зависност од локацијата и индустријата на клиентите, некаде повеќе се забележува влијанието на ситуацијата, а некаде помалку. Најмногу забележуваме промена во поглед на тоа дека клиентите создаваат малку повеќе притисок од вообичаено за брзината за завршување на задачите, бидејќи не сакаат да ризикуваат ситуацијата да влијае на нивниот бизнис.

Кои алатки ги користите за да ја олесните работата од дома?
Ги користиме стандард алатките кои верувам ги користат повеќето компании периодов односно: Slack и Skype за секојдневна комуникација со тимот и клиентите, Zoom и Google Hangouts за состаноци со тимот и клиентите, Calendly за закажување состаноци и Google Drive како платформа за соработка на документи. Дополнително користиме и task management tools интерно и со клиентите, најчесто Trello или Monday.
Кои се предизвиците при работа од дома?
Моментално немаме некој специфичен предизвик во поглед на работата од дома, освен во случај кога некој има слаб интернет или му паѓа конекцијата на сред состанок. :) Како тим, најмногу ни недостига што не можеме да се собереме на дружба со тимот, но тоа го компензираме со организација на тимски онлајн дружби.

Имавте ли некој специфичен предизвик кој можеби не можевте да го предвидите?
Не, со оглед на тоа што сме компанија која дава услуги онлајн, немавме таков тип на предизвик.