Viber е популарна апликација за чет која ја користат 100 милиони активни корисници месечно. Тоа се 100 милиони телефонски броеви кои се регистрирале на сервисот. Тоа се и 100 милиони можни пропусти во приватноста бидејќи проблемот кој го има Viber е што ги користи телефонските броеви како идентификатор на корисникот. Зад тој телефонски број се скриени, навидум, сите ваши приватни разговори. Но, што ќе се случи доколку го смените или изгубите бројот?
Лошото искуство за жал го преживеа Митко Цабевски, ко-основачот на u:Plug. Тој на својот Facebook профил напиша дека „Viber не го боли за вашата приватност“ бидејќи сервисот наметна незгодна ситуација во која двајца корисници сакаат Viber профил, но делат еден телефонски број. Телефонскиот број под кој е регистриран Viber профилот на Mитко сега се најде во сопственост на другиот корисник. Митко се откажал од бројот пред една година, но Телеком го рециклирал како што е вообичаена пракса со сите стари броеви. Кога новиот корисник се приклучил на Viber за прв пат, тој се регистрирал со телефонскиот број и бидејќи Viber нема начин како да го препознае дека е нов корисник, го препознал како Митко кој ја регистрира апликација на друг уред. Ниту Митко, ниту новиот корисник сега не можат да го деактивираат профилот.
Интересно, ова не е пропуст од Viber. Тие се свесни дека ова се случува, напоменуваат дека твојот Viber ID е твојот телефонски број. Ова значи дека ако го изгубиш бројот, ти го украдат или ти го заменат, постои голема можност пораките и целата претходна историја во Viber да ја чита следниот сопственик на бројот.
Според Viber, „ако оставите стар профил да биде активен, кој и да го земе стариот телефонски број ќе има пристап до вашиот профил“. Новиот корисник нема да ги види старите пораки, но постои можност, поради синхронизација помеѓу разните уреди, да ги види сите идни. Решението што го предлага компанијата е едноставно, иако проблематично. Според Viber, ако го менувате бројот треба да го деактивирате профилот. Потоа пререгистрирајте се со новиот број.








