Одржувањето и работата на големи платформи како Amazon или Shopify не е ниту лесно ниту едноставно. Некои од одлуките мора да се носат брзо и најчесто влијаат на илјадници трговци. Компаниите често се на удар на различни измами или притисоци, а одлуките ниту се едноставни за носење, ниту се очигледни. За како се справуваат со овие проблеми во Shopify, неодамна на својот блог на LinkedIn пишуваше Џес Херц, советник во Shopify.
Што се DMCA тролови
Digital Millennium Copyright Act (DMCA)
е американски закон за заштита на интелектуална сопственост. Законот се однесува на правата и на одговорностите на онлајн платформите како Shopify, провајдерите на интернет услуги и на сопствениците на авторските права. Со една од одредбите на законот се уредува начинот на кој сопствениците на авторски права може да ги известат платформите за нивно нарушување. Штом добијат вакво известување една од обврските на провајдерите е да ја отстранат содржината или да го оневозможат пристапот до неа.
Законот треба да ги заштити сопствениците на авторски права, но како што вообичаено се случува злонамерници успеаја да пронајдат начин да го злоупотребат. Корисници на Shopify со лажни пријави се обидуваат да ја уништат конкуренцијата. Тие пријавуваат различни елементи од страниците на производите на конкурентите дека ги нарушуваат авторските права. Пријавите се за делови од текст или слики, и во овие случаи се неосновани. Пријавените производи веднаш се отстрануваат, што е и крајната цел на злонамерниците. Законот овозможува тужба за лажни пријави, но најголем дел од жртвите решаваат дека тоа само ќе биде трошење на време и пари.

Ова секако се загубени пари за трговците, но се сериозен проблем и за големите платформи. Ако доволно трговци се жртви може да се обесхрабрат и да намалат или да престанат со користењето на платформите.
Во декември ко-основачот на Shopify Тоби Лутке на Twitter потврди дека забележале зголемен број на DMCA-барања за отстранување на содржини.
Што прави Shopify да се справи со DMCA-троловите
Овие лажни DMCA-пријави може да ја нарушат довербата која ја имаат корисниците, па мора да се пронајде решение. Shopify одговори преку додавање на секција во админ панелот во кои корисниците може да ги прегледаат DMCA-барањата. Ова овозможува побрз одговор и подобро искуство.
Ова не е сѐ што презема платформата. Shopify самиот започна со поднесување на тужби против DMCA-троловите. Платформата поднесе 3 тужби досега, а две од нив веќе имаат позитивен исход. Компанијата веќе доби отштета, а и јавно извинување поради нанесената штета.
Ваквите искуства ќе влијаат на DMCA-троловите кои во иднина двапати ќе размислат дали да ја злоупотребуваат платформата. Целта на Shopify е да бидат препознатливи како платформа која е најлошо можно место за лажни DMCA-барања, додава Херц.







