Наскоро пред пратениците во Собранието ќе се појави нов предлог-Закон за електронски комуникации (.doc), кој во моментов е ставен на јавна расправа. Иако голем дел од предлог-законот е посветен на обврските кои ќе ги имаат операторите, во дел од него се разгледани и правата на крајните корисници како правото корисниците да се информираат за квалитетот на услугите и правото да знаат претходно за подолги прекини. Нацртот со посебен член ги штити и лицата со инвалидитет кои треба да ги имаат истите права како и мнозинството корисници. Исто така ќе биде вклучена и поддршка за единствениот европски број за итни повици – 112.
„Член 107 – Потрошувач или краен корисник кој бара приклучок и користење на јавна комуникациска мрежа и/или јавно достапни електронски комуникациски услуги има право да склучи договор со оператор за приклучок и користење на јавна комуникациска мрежа и/или јавно достапни електронски комуникациски услуги. Договорот кој треба да биде во јасна, сеопфатна и лесно достапна форма…“
Правата на крајните корисници се третирани во Главата 13 од нацрт-законот, која е посветен на проблемите кои досега ги имаа корисниците, на пример предолгото време за чекање на приклучување, членост 107 во законот налага да биде објавен рокот за почетно приклучување, но и минималниот загарантиран квалитет. Нацртот предвидува и објавување на ограничувањата наметнати од операторите во однос на користење на терминалната опрема.
„Член 109 – (1) Операторите се должни јавно да објавуваат споредливи, соодветни и ажурирани информации за квалитетот на нивните услуги и за преземените мерки за обезбедување еквивалентност во однос на пристапот на крајните корисници со инвалидитет. Пред да ги објават овие информации операторите се должни да и ги достават на Агенцијата, по нејзино барање.“
Законот има одредба дека крајниот корисник мора да биде информиран за сите предложени измени 30 дена пред измените и право за раскинување на договорот доколку корисникот не е задоволен од новите услуги, сепак доколку операторот не постапи во согласност со ставот (2) крајните корисници сепак ќе треба да си ги платат сметките. Со членот 108 се бара од операторите да бидат транспарентни во нивните информации, односно да ги објавуваат во „јасна, разбирлива и лесно достапна форма“, со цел да се спречат скриените трошоци, или оние со мали букви.
„Член 107 – Договорот од ставот (1) на овој член треба да содржи и одредби дека претплатникот мора да биде информиран за сите предложени измени во условите наведени во договорот во рок не пократок од 30 дена пред воведувањето на измените, како и за правото дека во истиот период, без известување или последици може да го раскине договорот доколку не се согласува со предложените измени. Формата и начинот на информирањето на претплатниците го утврдува Агенцијата со подзаконскиот акт од членот 108 став (2) на овој закон.
Доколку операторот не постапи во согласност со ставот (2) од овој член, тоа нема да ги ослободи претплатниците од плаќање на пристигнатите и неплатени обврски или исполнување на договорените обврски пристигнати пред извршените измени во условите наведени во договорот од ставот (1) на овој член.“
Сепак кога станува збор за квелитетот на услугата се чини дека тој е оставен во рацете на агенцијата која ќе се воспостави со овој закон. Агенцијата за комуникации со подзаконски акт ќе има право да ги опредлува параметрите за квалитет кои ќе се мерат, но и воведување на можни начини за сертификација на квалитет. Новитет во законот е обврската на операторот да ги извести корисниците за сите прекини кои ќе бидат подолги од 30 минути и тоа 48 часа пред планираната интервенција, а операторот треба да ги предземе сите мерки за што е можно побрзо отстранување на спорот.
Интересно нацрт-законот предвидува дека македонските оператори ќе можат да ги чуваат корисничките податоци и по раскинување на договорот во период од една година. Приватноста на корисниците се штити со дозволено користење само за склучување на договори и наплата на услуги. Но, податоците можат да се искористат за јавните телефонски именици со претходна согласност на корисниците.
„Член 107 – (7) При раскинување на договорот од ставот (1) на овој член, податоците наведени во ставот (5) на овој член се чуваат за период од една година од денот на издавање на последната сметка на претплатникот за обезбедените услуги, а доколку во тој период е издаден налог од страна на надлежниот орган за чување и пренос на таквите податоци, во период кој е наведен во налогот на надлежниот орган.“
Со посебен член 110 се гарантира правото на еквивалентност, односно правото на лицата со идентитет да имаат слободен пристап до електронски-комуникациски сулгуи, како што уживаат и мнозинството корисници.
„Член 110 – (1) Агенцијата може таму каде што е соодветно да утврди технички и функционални барања кои мора да ги исполнат операторите со цел на лицата со инвалидитет да им се обезбеди: пристап до електронски комуникациски услуги, еквивалентен на оној кој го ужива мнозинството крајни корисници, и избор на оператор и избор на услуги кои се достапни на мнозинството крајни корисници.“
Како усогласување со правилата на Европската Унија, и Македонија ќе го прифати единствениот европски број за итни повици – 112, иако истовремено ќе ги задржи досегашните локални броеви што се користат за повици кон брзата помош, полицијата и пожарникарите.
„Член 117 – (1) Сите оператори кои обезбедуваат започнување на повик до броеви од Планот за нумерација, согласно овој закон се обврзани на корисниците на овие услуги , вклучително и на крајните корисници на јавни телефонски говорници, да им обезбедат можност на бесплатен пристап до броевите на службите за итни повици и единствениот европски број за итни повици “112“.”
Нацрт-законот за електронски комуникации, и повеќе детали околу измените ќе ги најдете на Електронскиот регистар на прописи на Македонија.