Во првите три месеци од 2013-та година, Windows одделот на Microsoft направи 5,7 милијарди долари, што е кул пораст од 24 отсто во споредба со 4,7-те милијарди лани во истиот период. Знаејќи дека Windows му носи 45 отсто од профитите на Microsoft, бројките би требало да бидат доживеани како успех. Но, аналитичарите велат дека моменталната ситуација е само маска за тоа што го чека Microsoft кој зависи од се полошиот PC пазар чии продажби се паднати за 14 отсто во првиот квартал.
Секако дека новиот Windows 8 си одигра своја улога за позитивните бројки, но продажбите сè уште се мали, само 3,4 отсто од корисниците се префрлија на „осумката“. Трикот во стратегијата на Microsoft за поголеми приходи се крие во неколку добри краткорочни потези. Првин компанијата понуди попуст во надоградбите oд Windows 7 во Windows 8 за само 15 долари, потег кој ги мотивираше корисниците да се префрлат, и кој на Microsoft му донесе околу 1 милијарда долари. Дополнително компанијата започна со обидите да го префрлат оперативниот систем на таблет компјутери предводени од Microsoft Surface. Surface одделот беше споен со Windows одделот, па на продажбите на оперативниот систем се додаваат и околу еден милион продадени таблет компјутери, што е нешто повеќе од Google Nexus 10. Според различните цени на уредот, грубите пресметки се дека Microsoft заработи нешто повеќе од 500 милиони долари, дури и една милијарда. Но, и тоа не ги исполнува условите за поголемиот пораст во приходите од Windows, се додека не земете во предвид дека ова е последната година за поддршка на XP, па куп бизниси се префрлуваат на Windows 7. Според проценките на CiteWorld, сега околу две-третини од бизнисите ја користат „седумката“.
Но, дали позитивните финансиски резултати на Microsoft се само маска за лошиот период што следува? Според Guardian, „бизнисот со Windows страда. Surface не придонесува многу, додека продажбата на традиционалниот PC опаѓа, и сè уште нема конкурентен таблет компјутер, и единственото нешто што им ја држи насмевката на лице е префрлувањето на бизнисите од XP.“
И Microsoft знае дека тие надоградби нема постојано да го потполнуваат дефицитот од продажбите на PC-ја. За компанијата можеби единствениот излез од лошиот пазар се чини дека ќе бидат таблет уредите.
„Мислам дека на долгорочен план, тоа што е поинтересно е долгорочната еволуција што ја гледаме на пазарот на уреди, што мислам дека ќе биде поголем двигател наместо привремениот циклус на надоградби… Затоа и го направивме Windows 8 за да може да го искористи тој пазар.“, вели шефот за финансии во Microsoft, Питер Клејн.