Напредокот на дисплеите, па и на камерите, со кои се снимаат видеата последниве 10, 20 години, значително влијае и на квалитетот на сликата на самата содржина. Полека, но сигурно 4К станува стандард, а претходните резолуции полека ќе престанеме да ги користиме.
Ова не треба да нè изненади, најголем дел од резолуциите кои беа стандард пред 10 години, денес речиси не се употребуваат. Kога случајно ќе налетаме на некое такво видео, изгледа лошо. Исто како што сега гледаме на видеата снимени во 240р или 480р, и се обидуваме да го најдеме истото видео, но со подобра резолуција ќе правиме и во иднина, со резолуции кои денес можеби и можат да поминат, пример 720р.
Во иднина веројатно ќе има и подобри решенија, но што се случува со овие постари видеа денес? YouTube корисникот познат под псевдонимот Revideo со помош на вештачка интелигенција го „оживеа“ Рик Естли и популарната меме песна „Never Gonna Give You Up“. Со оглед на тоа дека денес песната е стара повеќе од 40 година, веројатно може и да претпоставите дека оригиналните видеата не се со најдобар квалитет. Сепак со помош на две алатки, Topaz Video Enhance и RIFE Flowframe, „Revideo“ успеа да ја зголеми резолуцијата на видеото на 4К, и потоа на ова додаде и зголемување на бројот на фрејмови на 60fps. Резултатите се видливи во видеото подолу..
Секако технологијата не функционира идеално, па на моменти се забележуваат значителни искривувања и отстапувања од оригиналот. Квалитетот на обработените видеа зависи од резолуцијата на почетното видео, но како и со останатите примери од вештачката интелигенција и тука квалитетот се подобрува со зголемување на примената; па на крај колку повеќе видеа толку подобри ќе бидат резултатите.
Квалитетот на видеата не би требало да нè изненади. Видео ентузијастот Денис Ширјаев во минатото со истата технологија „оживуваше“ и постари видеа. Уште пред 2 години тој експериментираше со „upscale“ со помош на вештачка интелигенција. Видеото „L’Arrivée d’un train en gare de La Ciotat“ од 1895 година не само што беше ремастерирано во 4К туку благодарение на друг алгоритам е издадена и снимка во боја.
Дури и најдобрите примери на Topaz Video Enhance и RIFE Flowframe се далеку од можностите на алатките на Google. Вештачката интелигенција на Google може да направи „чуда“ кога зголемувањето на резолуцијата е во прашање. Алгоритамот од сликичка 32х32 пиксели може да достигне резолуција 1024х1024. Во иднина секако ќе има и поимпресивни алатки.

Topaz Video Enhance и RIFE Flowframe се бесплатно достапни за тестирање, па ако имате некоја идеа или видео кое сакате да го обработите може да си поиграте.