Хардвер новости од минатата недела: Intel, Tesla, Boston Dynamics и Samsung…

Иако минатата недела недостасуваа презентации од најголемите производители, сепак имаше интересни вести и интересен хардвер. Неколку процесори имаа тестови; Илон Маск може да биде задоволен од испорачаната бројка на возила; роботите на Boston Dynamics сè уште се супер интересни…

Intel Core i3-12100 и i5-12400 одлични перформанси и не премногу скапи

Последниве неколку години главно поради недостатокот на чипови немавме баш можност да погледнеме чипови кои ќе понудат добри перформанси и задоволителна цена. За среќа минатата недела, дел од првите тестови на i3-12100 и i5-12400 покажуваат дека овие времиња можеби се веќе зад нас.

Двата процесори чинат под 200 долари и доаѓаат со стандарден и F-модел. F-моделот е триесетина долари поевтин, но оваа серија на процесори доаѓа без интегрирана графичка картичка. Ова е добра вест за сите кои се задоволни од својата графичка картичка, па ќе можат овие пари да ги искористат за нешто друго. Intel Core i5-12400 чини 210 долари (180 за F моделот); Core i3-12100 чини 150 долари, или 120 долари за моделот без интегрирана графичка картичка.

Секако со оглед на тоа дека станува збор за буџет процесори не се надеваме баш на врвни перформанси, но очекуваме некакви прифатливи перформанси за гејминг. Intel Core i5-12400 доаѓа со шест P-јадра, а i3 моделот доаѓа со 4 P-јадра. Минатата недела Ars Technica имаше можност да ги тестира процесорите и она што го заклучија од резултатите е дека имаат одличен однос цена перформанси. Процесорите се и побрзи и поефикасни од претходните две генерации. За сите кои веќе поседуваат графичка, F-моделите на i3-12100 и i5-12400 се подобар избор.

Нови санкции за руските технички компании

Војната помеѓу Русија и Украина продолжува, а со тоа продолжуваат и санкциите за Русија. Последна „жртва“ на санкциите на Западот, во случајов на САД, е рускиот технички сектор. Во компаниите кои нема да можат повеќе да извезуваат во САД е руската компанија Mikron, која е најголем руски производител на чипови.

Mikron е технолошки партнер на руската војска. Покрај ова нивните чипови се користат во платежни картички, за RFID тагови, и чипови за регулирање на електричната моќност. Под санкции се и AO NII-Vektor руската компанија која работи на производство на сателити и производителите на суперкомпјутери T-Platforms.

Како последици на санкциите голем дел од западните компании ја прекинаа соработката со рускиот пребарувач Yandex. Дел од компаниите се од маркетинг секторот, но вклучен е и хардвер секторот, што ќе значи дека Yandex ќе има проблем да најде делови и нови сервери.

Роботите на Boston Dynamic го освојуваат светот

Компанијата за дизајн и производство на роботи Boston Dynamic го претстави вториот робот кој ќе биде комерцијално достапен. Strech – роботот кој е подвижна рака е достапен во продажба, иако речиси веднаш е распродаден. Веќе можевме да го видиме и како прототип, но оваа верзија која е достапна во продажба е значително подотерана од оригиналниот модел.

Овие роботи се дел од најчесто користените, но предноста на „Strech“ е што доаѓа со подвижна основа.

Компаниите кои веќе го купиле Strech се DHL, Gap, H&M, и Performance Team. Засега цената на роботот не јавно достапна, но и онака резервациите се отворени за роботи кои ќе можат да бидат испорачани дури во 2023 и 2024 година.

Другиот робот на Boston Dynamics, „кучето“ Spot ќе започне да патролира по улиците на разрушениот дел на Помпеја. Римскиот град во 79г. беше уништен во огромна ерупција на Везув. Вулканот го затрупал градот со многу слоеви пепел и самиот град денес е своевидна временска капсула.

„Spot“ е дел од проектот Smart@POMPEI кој преку различни алатки ќе го заштитува градот и археолошките наоѓалишта. Роботот ќе патролира по улиците и иако може да биде контролиран од оператори може и самостојно да следи определени рути. Spot може да се движи по различен терен, па дури може да се протне и во тунелите кои ги копаат ограбувачите на локалитетот.

Дел од Smart@POMPEI е и дрон за 3Д мапирање кој со помош на ласерски скенер ќе прелетува над локалитетот и ќе креира 3д-мапа од зоната.

Tesla испорача над 310000 возила

Покрај кусите прекини на работата во Шангај, Tesla успеа во последните 3 месеци да произведе над 305 000 возила. Ова е рекорд за производителот на електрични возила за тримесечје, а компанијата постави и рекорд во испораки со 310 048 возила.

Најголем дел од испорачаните возила се Model Y и Model 3, 295 324. Преостанатите 14 724 возила се Model S и Model X.

Оваа бројка може да очекуваме да расте во иднина. Компанијата во март отвори фабрика во Берлин. Дополнително фабриката во Шангај поради нови случаи на ковид во градот, неколку пати накратко ја прекинуваше својата работа. За април е закажано и отворање на нова Tesla Gigafactory, овојпат во Остин, Тексас.

„Робот“ од магнетна-слуз може да помогне со вадење на проголтани објекти од човековото тело

Не баш робот, колку нов материјал, чие движење може да се управува со магнетни полиња може да се користи во човековото тело. Материјалот е малку погуст од пудинг и може да се користи за вадење на предмети кои случајно се проголтани. Mоже да поминува низ тесен простор, да се прикачи на предмети, па дури и да спојува жици од електрични кола. „Слузта“ е составена од поливинил алкохол, боракс и неодимиумски магнетни честички.

Роботот е изработен од тим истражувачи од Универзитетот од Хонгконг, предводен од Ли Жанг. Засега тимот работи на зголемување на безбедноста и начин да се оневозможат отровните неодимиумски честички да протечат…

Сензори за мониторирање на шеќер во крвта

Паметните часовници наскоро би можеле да станат неколку пати покорисни, барем кога следењето на здравствената состојба е во прашање.

Директорот на Rockley Photonics објави дека компанијата е во преговори со шест производители на паметни часовници за додавање на нивните сензори. Сензорите на компанијата може да мерат температура, крвен притисок, хидратација, алкохол, лактат, и да ја следат состојбата со гликоза.

Технологијата на Rockley Photonics треба да овозможи неинвазивен начин за следење на шеќерот во крвта, но и можност за континуирано следење на крвниот притисок и сите останати биомаркери. Компанијата за оваа година ги најави своите уреди за следење на здравствената состојба, а веќе од следната година овие сензори би можеле да ги видиме и на паметните часовници.

Samsung и iFixit ќе го олеснат поправањето на Galaxy

Samsung објави дека работи на програма за сервисирање која на сопствениците на Galaxy уредите ќе им овозможи пристап до резервни делови, алатки и упатства за сервисирање за уредите. Производителот на овој проект соработува со iFixit.

Сите корисници ќе добијат упатства чекор-по-чекор кои треба да бидат лесни за следење и за користење. Веќе се завршени упатствата за Galaxy S20, а наскоро ќе пристигнат и S21 и Galaxy Tab 7. Првите резервни делови кои ќе бидат достапни се екраните, задното стакло и приклучоците за полнење.

Samsung работи на проширување на програмата и додавање на повеќе модели и нови различни делови за замена, вели претставник на компанијата за Verge.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk