Како Алекс Томовски стана првиот Македонец во најелитниот стартап акцелератор во светот

Алекс Томовски, 36-годишниот инженер од Битола и коосновач на стартапот Modern, оваа година влезе во историјата како првиот Македонец примен во Y Combinator, акцелераторот од кој произлегоа компании како Airbnb, Stripe, Dropbox и Reddit. Но приказната за тоа како Алекс стигнува таму е далеку од класичната „од гаража до милијарди“ нарација.

Повеќе наликува на еден долг пат низ Битола, Балтикот, Австралија, Сингапур и конечно Сан Франциско, исполнет со проблеми со визи, промени на континенти и бројни одбивања од инвеститори.

„Среќата ги следи храбрите. Постојат два начина на живот – едниот е да чекаш совршен момент и постојано да мислиш дека ќе дојде. Другиот е самиот да си ја создадеш среќата. Јас отсекогаш сум верувал во второто“, раскажува Алекс, кого го сретнавме во Сан Франциско.

Неговата приказна почнува во Битола, каде што дипломира на Техничкиот факултет. Подоцна живее и работи во Рига, Вилнус, Тел Авив, Сингапур, Хонг Конг и Австралија. Во меѓувреме станува дел од неколку брзорастечки компании, а последните три години пред да го основа Modern ги поминува во Canva како senior engineering менаџер, работејќи на развојот на нивниот core editor и на првите ВИ иницијативи во компанијата.

„Кога еднаш ќе те фати стартап вирусот, нема враќање назад. Додека бев во Canva веќе знаев дека мора повторно да се обидам.“ вели тој.

Алекс и Себ

Со својот коосновач Себастијан, кого го запознава во Австралија, две години експериментираат со различни идеи. Не бараат „магична инспирација“, туку пазар што е доволно голем и доволно нефункционален за да може да се промени. Така стигнуваат до enterprise service management, сектор вреден милијарди долари во кој денес доминираат играчи како ServiceNow.

Modern развива ВИ платформа што не функционира како обичен четбот, туку како систем од „ambient“ или постојано активни ВИ агенти кои преземаат реални задачи во компаниите.

„Денешните системи главно се системи на евиденција. Добиваш тикет, некој бара пристап до AWS или нов монитор, а системот само го бележи тоа. Ние сакаме да изградиме систем на акција, каде агентите имаат една цел: да го затворат тикетот, без разлика дали треба сами да завршат задача или да ги координираат луѓето во организацијата.“ објаснува Алекс.

Според него, најголемиот технолошки предизвик денес е да се спојат креативноста на големите јазични модели со детерминистичка сигурност. ВИ може да биде одличен кога пишува код или текст, но кога треба да одобри пристап до критична инфраструктура, не смее да греши.

„Не можете да си дозволите ВИ да импровизира кога некој бара администраторски пристап. Затоа градиме сопствен runtime и SDK што ги држи агентите во строго контролирана околина.“ вели тој.

Интересно е што поголемиот дел од производот е изграден за само три месеци, благодарение на новите генерации ВИ алатки. „Со објавувањето на Claude Code успеавме за три месеци да изградиме нешто за што претходно ќе ни требаа шест инженери и најмалку половина година работа.“

Приказната со Y Combinator не започнува со успех. Напротив, првата апликација ја испраќаат пред година и пол, кога сè уште биле во фазата на идеја и без функционален производ.

„Првиот пат бевме во ideation фаза и немавме ни демо. Вториот пат веќе бевме далеку поподготвени.“ раскажува Алекс.

Во меѓувреме компанијата започнува сопствена инвестициска рунда. Алекс и Себ имаат повеќе од 50 состаноци со инвеститори низ Австралија, Азија и САД.

„Имавме 50 повици со инвеститори за на крај само пет да кажат ‘да’. Ако ги слушавме првите триесет што нè одбија, ќе се откажевме.“ вели тој, додавајќи дека апликацијата за Y Combinator ја пополниле речиси попатно.

„Го имавме pitch deck-от подготвен, па си рековме ајде да аплицираме и да заборавиме на тоа. И буквално заборавивме.“ раскажува Алекс.

Повикот за интервју доаѓа на самиот крај од циклусот. Во меѓувреме тие веќе имаат затворено инвестиција со ангел инвеститори и фондови. „Интервјуто првиот пат беше опуштено. Вториот пат беше како Shark Tank. Десет минути интензивни прашања и одговори. Но ние веќе имавме тренинг од сите разговори со инвеститори, па знаевме како да ја раскажеме приказната.“ се присетува Алекс, раскажувајќи како по интервјуто се веднаш се вратиле на обврските околу финализирање на инвестицијата. 

„Му реков на Себ дека треба да се фокусираме на рундата. И буквално два часа подоцна ни се јавија и ни кажаа дека нè чекаат во Сан Франциско за две недели.“ 

Y Combinator, вели Алекс, е токму она што ќе направиш од него. Формално, програмата нуди менторство и почетна инвестиција од половина милион долари за 7 проценти од компанијата. Но вистинската вредност е околината.

„Таму е врвот на врвовите. Секоја недела има настани, запознаваш луѓе, разменуваш идеи. Неколку пати се сретнавме со Сем Алтман, со Брајан Чески, со луѓето од Anthropic.“

Најсилен впечаток, сепак, му оставил коосновачот на DeepMind, Демис Хасабис.

„Начинот на кој ја објаснува иднината, со таква јасност и сигурност за тоа каде се движиме, е навистина инспиративен. Има многу луѓе што продаваат магла, но кај него гледаш дека има и техничка длабочина, и визија, и способност сложени работи да ги објасни едноставно.“

Од друга страна, Сан Франциско знае да биде и своевиден балон.

„Сите се оптимисти, сите зборуваат за истите теми и лесно можеш да се изгубиш во тој еко-комора. Сакам да останам делумно тоа што сум и да не дозволам целосно да ме проголта оваа средина.“

Можеби најинтересниот дел од разговорот со Алекс не е технологијата, туку психологијата на основачите што доаѓаат од Балканот. Тој отворено зборува за impostor синдромот, за чувството дека не припаѓаш кога продаваш производ на мултимилионски компании во Силиконската долина.

„Две работи ми се најголем предизвик во моментов. Едната е ранливоста, а другата impostor syndrome. Но со секое ново искуство станува полесно.“ раскажува Алекс.

Според него, проблемот започнува многу порано, во начинот на кој се воспитуваат младите.

Алекс Томовски

„Ние сме научени да бидеме скромни, да си молчиме и да работиме. Кога како средношколец бев на размена во САД, имавме часови по јавно говорење. Тоа ти дава самодоверба. Тука младите растат со чувство дека можат да постигнат нешто големо, а нашиот балкански менталитет често е токму спротивното.“ додава тој.

Токму затоа смета дека стартап екосистемот во Македонија полека носи генерациска промена. „Постојат нови македонски стартапи кои се осмелуваат да сонуваат за големи работи. Секогаш е тешко кога ја почнуваш трката неколку круга зад другите, но тоа не значи дека не можеш да стигнеш.“

Иако денес живее помеѓу Сан Франциско, Европа и Австралија, и разговара со некои од највлијателните луѓе во светот на технологијата, Алекс не ја заборава почетната точка.

„Имав среќа што татко ми наместо да купи автомобил ми даде шанса за да поминам една година во САД. Тоа ми го смени животот. Но исто така верувам дека и образованието што го добив во Битола ми даде добра основа. Ако сакаш да учиш, ќе најдеш начин.“

На крајот, неговата порака до младите претприемачи во Македонија е едноставна, но можеби токму затоа е и моќна.

„Мислам дека можеме многу подобро како нација. Ги имаме сите предуслови да сонуваме големи работи. Можеш да се разбудиш на улица ‘Стив Наумов’ 20А во Битола, да го гледаш сивото битолско небо и сепак да сонуваш дека еден ден ќе бидеш дел од Y Combinator.“ порачува Алекс.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
2 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
EmpCloud
1 hour ago

Breaking barriers and representing Macedonia on a global stage is a remarkable accomplishment. As startups continue to grow, solutions like EMPCLOUD play an important role in supporting workforce management and operational excellence.

EmpCloud
1 hour ago

n inspiring achievement by Alex Tomovski. Stories like this show how innovation and entrepreneurship can create global opportunities. P