Jusant е игра со преубав свет и уникатни механики за качување

Don’t Nod е едно од нашите омилени девелоперски студиа. Основано во 2008 година, девелоперите првично нѐ импресионираа со Remember Me, а потоа целосно нѐ освоија со Life Is Strange серијалот. Градејќи силна репутација со нудење квалитетни АА наслови каде фокусот е на впечатлива приказна и свежи механики, Don’t Nod го зацементираа нивното место во индустријата и со наслови како Vampyr, Tell Me Why и Twin Mirror. Но, Jusant? Jusant е целосно ново животно – уникатен симулатор за качување во огромен, застрашувачкo-преубав свет од кој се цеди суптилна приказна.

Jusant е една од 100 игри кои се вклучени во Game Pass претплатата на Xbox

Освојување на врвот!

За разлика од поголемиот дел од игрите на Don’t Nod, во Jusant нема длабока приказна, комплексни дијалози и донесување значајни одлуки. Во Jusant, целта е да се качувате нагоре, да го достигнете замислениот и навидум недостижниот врв и да се надевате дека таквото нешто ќе го излечи светот во кој се наоѓате. Од каде знаеме? Технички не знаеме. Jusant е мистериозна игра, со исклучително суптилна приказна во која на вас се остава да ги пополните наративните дупки онака како што вашата имагинација ви налага.

Постапокалиптично планинарење

Она што вие знаете е дека треба да се качувате. Во тој поглед Jusant е една од најреволуционерните игри, но, на PC препорачуваме да користите контролер доколку сакате максимално да ги искусите уникатните механики за качување. Имено, едниот тригер ја контролира едната рака, а другиот – другата. Со секое претискање на тригерот, гледате како раката се издолжува и цврсто зграпчува соодветен објект кој помага за понатамошно напредување.

Во одредени моменти поставувате клинци кои ви помагаат да не паднете, а доколку пределот не дозволува нормално качување, можете да се нишате, да скокате или пак да го користите вашето симпатично пријателче да создаде одредени привремени објекти кои можете да ги зграпчите.

Качувањето никогаш не е здодевно и секогаш нуди интересни предизвици кои целосно ја разбиваат секоја можна појава на монотонија. Вo Jusant првентвено мора да внимавате на два фактори: бројката на клинците и кондицијата. Често, качувањето од точка А до точка Б знае да потрае и потребно е стратешки да поставувате клинци за да, доколку паднете, лесно можете да продолжите од непосредната близина на поставениот клинец.

Од друга страна, константно морате да внимавате и на вашата кондиција која, слично на Breath of the Wild, Genshin Impact или Imortals: Fenix Rising, се троши како се качувате. Бидејќи Jusant е замислена како релаксирачка авантура, лесно ќе можете да застанете со качувањето и да повратите дел од кондицијата. Но, доколку не внимавате и не размислувате, одредени препреки често ќе ви се чинат недостижни.

Забавно вертикално и хоризонтално истражување

Како што напоменавме, тоа се двата клучни фактори на кои мора да внимавате, но, надвор од тоа, потребно е да ги земете во предвид и непредвидливите временски услови. Во многу жешки предели ќе забележите дека кондицијата значително побрзо опаѓа, а во ветровите места наидувате на меч со две острици. Имено, ветрот може да ви помогне да скокнете повисоко, доколку дува во правецот кој вам ви одговара. Но, пробајте да напредувате во спротивниот правец на ветрот и ќе наидете на огромен отпор. Вакви механики поврзани со времето значително допринесуваат да се размрда стандардната формула и да се понуди нешто повозбудливо напредување кон врвот. Секогаш кон врвот!

Качувањето не е единственото нешто што го правите во Jusant. Често ќе бидете поставувани во релаксирачки ситуации каде е потребно хоризонтално напредување за да се открие наредната точка на качување. Таквите моменти на чиста нирвана пружаат уникатна можност играчот интимно да се запознае со огромниот свет на Jusant, да види што има кон хоризонтот, да проба да открие дел од минатото и да пополни одредени празнини во долгата и, по се изгледа, болна историја на она што некогаш било. Графичкиот енџин преубаво ги прикажува ваквите работи, нешто што е значително потпомогнато и од богатиот арсенал од релаксирачки музички нумери и милозвучни звучни ефекти. Нема да сакате така лесно да си заминете од Jusant. Но, тоа не значи дека и Jusant нема да сака вие да си заминете.

Кратко, но слатко

Моментно, Jusant ужива во 96% позитивни рецензии на Steam. Единствена забелешка која ние ја упатуваме кон играта е кон нејзината должина. Jusant е болно кратка игра и по четири часа – баш кога ќе се удобно вклопите во светот и кога ќе помислите дека најдоброто допрва почнува – баш во тој момент – играта ќе заврши! Don’t Nod имаат направено уникатно ремек дело, но ремек дело со исклучително краток рок на траење.

Со оглед на тоа дека играта е целосно линеарна, ние ниту сакавме одново да започнеме ново преигрување, ниту пак сакавме целосно да се збогуваме со неа. И додека се надеваме дека пишувањето на оваа рецензија е најдобриот начин за имање некаков closure, би сакале најсрдечно да ви препорачаме и вие да ја проверите Jusant, особено доколку сакате уникатни игри со несекојдневни механики во графичко-импресивен свет и со одлични аудио ефекти.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: DON’T NOD
  • Издава: DON’T NOD
  • Жанр: Релаксирачка симулација со качување
  • Платформа: Microsoft Windows, конзоли
  • Излезена на: 31 октомври 2023

Оценка

  • Вкупна оценка: 9
  • Приказна: 8
  • Гејмплеј: 9
  • Графика: 9
  • Звук и музика: 10

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments