Судот во Подгорица објави дека се исполнети законските услови за екстрадиција на основачот на Terra и еден од најголемите крипто измамници До Квон (Квон До-Хјунг). Барања за екстрадиција на До Квон се пратени од САД и од Јужна Кореја. Црногорскиот министер за правда Андреј Миловиќ ќе треба да одлучи каде ќе го испрати.
До Квон и неговиот соработник Хан Чанг-џун беа уапсени на аеродромот во Подгорица на 23 март оваа година. Двајцата со фалсификувани патни исправи планирале да патуваат за Дубаи. На црногорските власти им било сомнително што Јужнокорејците – во тој момент барани од САД, Сингапур и Јужна Кореја – се обиделе да ја напуштат земјата користејќи костарикански пасоши. Двајцата немале никаков евидентиран влез во Црна Гора. Покрај пасошите со кои се обиделе да ја напуштат државата, во нивниот багаж се пронајдени и фалсификувани белгиски пасоши.
„Во образложението на наведеното решение e истакнато дека обвинетиот К.Д.Х. дал согласност за негово екстрадирање на надлежните органи на Република Јужна Кореја по скратена постапка, но Вишиот суд во Подгорица утврдил дека сепак треба да се одлучи како во формулацијата на релевантната одлука, бидејќи во конкретниот случај екстрадиција побараа повеќе држави, а таа сепак треба да ја добијат регулирано со одредбите од чл. 22 од Законот за меѓународна правна помош во кривичната материја, кога министерот ќе одлучи која земја има приоритет во случај на евентуална екстрадиција, од што произлегува дека министерот за правда на Црна Гора ќе ја донесе конечната одлука.“, пишува во соопштението на Вишиот суд од Подгорица.
Во моментов До Квон е на извршување на четиримесечна затворска казна изречена за фалсификување на исправа. Екстрадицијата ќе може да се направи дури откако До Квон ќе ја одлежи казната.
Американските власти го бараат До Квон поради наводна измама која тој ја направил за аспектите на блокчејнот Terra и функционирањето на неговата технологија. Соединетите Држави го обвинуваат Јужнокореецот за неколку кривични дела, вклучувајќи: заговор за извршување измама во врска со купување и продажба на хартии од вредност, измама со електронски (wire) трансакции и манипулација со цените на хартиите од вредност.
Јужнокорејските власти го бараат поради нарушување на Законот за финансиско-инвестициски услуги на пазарот на капитал во три точки – кривично дело измама, нефер тргување, измама и нарушување на јавната понуда.
Кој е До Квон
Квон До-Хјунг, попознат како До Квон, е поранешен јужнокорејски бизнисмен и софтверски инженер. Роден е во Сеул, Јужна Кореја, на 6 септември 1991 година. Откако ја доби својата диплома по компјутерски науки на Универзитетот Стенфорд, накратко работеше како софтверски инженер за Microsoft и Apple.
Во јануари 2016 година, Квон се врати во Јужна Кореја за да го развие и основа својот стартап, Anyfi. Во 2018 година со претприемачот Даниел Шин го основаа Terraform Labs Pte. Подоцна, во 2018 година, Terraform Labs ја објави криптовалутата Luna. Terraform започна да ја продава својата стабилна валута, TerraUSD (UST), во 2020 година.
TerraUSD и Luna пропаднаа во мај 2022 година.
- На 7 мај, цената на TerraUSD (UST), која требаше да биде стабилна и да изнесува 1 долар, почна да варира и на 9 мај падна на 35 центи.
- На 12 мај придружниот токен Luna кој требаше да ја стабилизира цената на UST, падна од 80 долари на само неколку центи.
- Во период од 24 часа Terra мрежата на двапати престана со процесирањето на трансакциите.
- Најголемата светска берза за крипто валути Binance привремено ги отстрани Luna и UST.
- Пазарната вредност на stablecoin падна од 18,6 милијарди долари на 2 милијарди долари за само една недела.
- Во истиот период Luna загуби 100% од својата вредност и од токен кој чинеше 80 долари станаа безвредни.
- Во август 2022 година во интервју за Coinage, До Квон потврди дека Terra е огромен неуспех во смисла на процена на ризик.
Падот на овој екосистем имаше и верижен ефект врз многу други криптовалути на пазарот, што предизвика загуби во вредност од 45 милијарди долари за многу инвеститори и луѓе кои со пропаѓањето на проектот изгубија животни заштеди.