Јован Андонов – инженер кој креира интерни алатки за вработените во Google [интервју]

Јован Андонов е програмер, страствен гејмер, фитнес ентузијаст и љубител на сè што е поврзано со ИТ светот. Започнал да програмира на 14 годишна возраст и веднаш се вљубил во проблематиката преку натпреварите програмирање за средношколци. По завршување на ФИНКИ, за време на магистерските студии на ETH Zurich имал пракса во IBM Research и Amazon. Кариерата по студиите ја продолжил во IBM Research Zurich како AI софтвер инженер. Од август 2022-ра е дел од тимот на Google, компанија во која некогаш сонувал да работи…

Која е причината поради која реши кариерата да ја градиш надвор од Македонија?

Отсекогаш бев екстремно компетитивен во што и да правев. Без разлика дали тоа беше фудбал во маало, „Не лути се чоече“ со моите дома, или карти со дедо ми, секогаш сакав да победам. За жал или за среќа, самото учество не ме правеше доволно среќен… Мислам дека оваа моја особина е задолжена за голем дел од моите успеси. Во конкретниов случај она за кое ја напуштив Македонија беа мастер студии. Уште како мал ми беше многу јако кога некој на филмовите ќе кажеше дека студирал на MIT, па така желбата да студирам на еден од најдобрите факултети во свет никогаш не исчезна од мене. Кога дојде време за тоа аплицирав на четири од најдобрите десет факултети во свет: MIT, Carnegie Mellon, ETH и Cambridge. За жал MIT не ме примија, меѓутоа ETH и Cambridge ме примија. На крајот се одлучив за ETH и тоа беше почетокот на мојата кариера надвор од државата.

Во моментов си дел од инженерскиот тим на Google, како стигна до таа позиција? Каков е процесот за регрутирање во Google… аплицираше или те пронајдоа?

Во Google почнав во август, 2022 после две години работа за IBM Research. Патот до Google, се состоеше воглавно од 2 етапи или интервју циклуси. Првиот беше веднаш по завршувањето на моите мастер студии кога барав работа. За жал тогаш ме известија дека сум бил граничен случај и одлучија да не ми дадат понуда за работа. Вториот циклус интервјуа беше после година и пол од првиот. Ме контактираше регрутерка и ме извести дека Google вработува луѓе и бидејќи сум бил граничен случај претходниот пат, сега сакаат повторно да ми дадат шанса. Процесот се состоеше од вкупно 6 интервјуа, неброејќи ги оние неформални разговори со регрутерката. Најпрво имав телефонско интервју од областа на алгоритми и структури на податоци. Откако го поминав тоа, бев повикан на „Onsite Interview“.

Обично праксата за овие интервјуа е да се повика кандидатот во самите канцеларии, меѓутоа бидејќи интервјуирав за време на Covid, сите интервјуа беа виртуелни. Овој дел од интервјуирањето се состоеше од 5 дела, каде што секој дел беше засебно интервју. Интервјуата ми беа поделени во 2 дена. Првиот ден имав 3 интервјуа од областа на алгоритми и структури на податоци, а вториот ден имав едно интервју од областа на System Design и едно од областа на Googliness and Leadership, односно HR интервју. По завршувањето на интервјуата беа потребни неколку денови за да ме известат дека сум ги поминал и да ми дадат понуда за работа. По кратко преговарање околу понудата, го потпишав договорот.

Кои се твоите рабoтни обврски во Google? На каков тип на проекти работиш или ќе работиш во блиска иднина?

Во Google сум дел од Core организацијата. Тоа е организација која што работи на развивање на интерни алатки и подобрување на внатрешната инфраструктура. Ние како организација немаме customer facing products, односно корисници на сите наши продукти се други Google инженери. Поточно јас сум дел од Core ML, а целото име на мојот тим е Core ML EngProd (Engineering Productivity). Тоа значи дека мојот тим е задолжен за развивање на алатки кои ја подобруваат продуктивноста на другите инженери користејќи ML (Machine Learning).

За жал не смеам да навлегувам во детали што точно работиме, меѓутоа можам да напоменам дека голем дел од алатките што ги развиваме се алатки кои или генерираат код или вршат одредени автоматски анализи на код.

Кои технологии и алатки ги користиш на дневна основа?

Во моментов најмногу работам со Python и Go. Овие два програмски јазици ги користам речиси секој ден, во зависност од проектот. Нормално за секој од јазиците имам дополнителни алатки/библиотеки кои поголемиот дел од времето се интерни.

Како изгледа работен ден на “noogler“ во Google? Колку е либерална компанијата во поглед на времето кое го остава на привикнување и како тече процесот на on-boarding?

Како Noogler (New Googler), најпрво имав 3-4 недели onboarding период. Тој период беше организиран така што сите Nooglers од цела Европа бевме поделени во тимови и работевме на конкретни продукти користејќи интерни Google технологии. По завршувањето на Noogler проектите отидов во сопствениот тим, каде што ме чекаше starter project, чија цел беше да се запознаам со алатките/технологиите што ги користиме во тимот. Откако навлегов малце повеќе во starter проектот и се привикнав на технологиите кои требаше да ги користам, на своја иницијатива земав да работам паралелно на втор проект. Најчесто е убаво во било кое време да имаш backup проект, на кој што можеш да работиш кога примарниот ти е on-hold поради code reviews, group permissions, resource allocation и така натаму.

Мислам дека времето за „привикнува“ зависи од повеќе фактори како: претходно искуство со технологиите/пргограмските јазици, претходно искуство со областа во која работи тимот, работната култура на тимот и строгоста на менаџерот. Мислам дека првата година секако работиш со успорено темпо, додека да се запознаеш со сите интерни работи кои не си ги сретнал на друго место. Јас сум веќе 9 месеци во Google. Од иницијалните 2 проекти еден ми е завршен, еден ми е во open beta и моментално работам на нов трет проект. И покрај ова сè уште осеќам дека има доста работи кои можам да ги научам во наредниот период, меѓутоа воопшто не се осеќам дека во тимот ме третираат како нуглер. Имам огромна поддршка од сите, вклучувајќи го и менаџерот.

Што ти е најголем предизвик во Google?

Најголем предизвик во Google ми е дефинитивно привикнувањето на сите нивни интерни алатки кои не можеш да ги сретнеш на друго место. Буквално сè она што им е познато на сите надвор од Google како: github, docker, kubernetes etc, има своја алтернатива во Google. Не е страшно, меѓутоа треба време да се навикнеш :))

Каков е режимот на работа? Започнаа ли вработените во Google да одат во канцеларии или уште се работи од дома?

Во Швајцарија правилото е дека понеделник и петок може да се работи remote, а вторник, среда и четврток се оди во канцеларија. Меѓутоа, мислам дека има голема разлика во Европа и Америка на тоа поле. Во Европа дел од луѓето одат во канцеларија дури и кога не мораат. Во Америка мислам дека многу е поголема преференцата за remote work. Во мојот тим менаџерот ни дозволува голема флексибилност и можеме да работиме од дома дури и вторник, среда и четврток, доколку имаме некоја причина за тоа, сè додека тоа не е постојан начин на работа. Јас обично почнувам со работа накај 10 наутро, и често работам од дома првите 2 саати. Тие ми се најчесто резервирани за некоја полабава работа како проверување мејлови, одговарање на пораки, закажување состаноци, читање новости и слично. После одам на ручек во 12 и од 13 до 18/19 работам од канцеларија.

Кој е твојот совет за инженерите кои сонуваат да се вработат во Google?

Мој совет за сите оние кои сакаат да се вработат во Google е најпрво да се запознаат со целиот процес на интервјуирање во Google. Ова е битно за да проценат во кои области се послаби и да посветат добар дел од своето време да се подобрат во истите. Дефинитивно препорачувам да се решат барем 100 задачи на Leetcode, дури и за оние кои имаат искуство со competitive programming и солидно ја владеат областа на Алгоритми и Структури на Податоци. Пример јас имам решено вкупно 470 задачи на Leetcode и покрај тоа што добар дел од времето кога бевме средно и факултет го имам посветено на competitive programming. Понатака добар ресурс за систем дизајн интервјуата е книгата Grokking The System Design Interview. Како за крај сметам дека најдобар начин да потврдат колку се спремни е да најдат некој вработен во Google да им направи mock interview.

Повеќе детали за Јован и неговиот кариерен пат може да проследите и во епизода од подкастот “Како да успееш од Македонија” на Иван Неделковски:

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
1 Коментар
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments
Miki98
1 year ago

алал ти вера,само напред и се најдобро…

види ги сите огласи на kariera.it.mk