Јас и ти – персонализирано веб решение кое ќе ви помогне во процесот на организирање на вашата свадба

Јас и ти е македонско веб решение кое ќе ви помогне да креирате пoфункционални покани за свадба. Со оглед на тоа дека сервисот е мотивиран од свадбата на неговите креатори, најверојатно ќе ви биде од корист, секако ако планирате свадба наскоро. Јас и ти е дело на Диме Мишков и Пандорка Чушкова кои го искористија својот сервис за да направат и сопствена веб страница. За сервисот разговоравме со Пандорка Чушкова Мишкова.

Од каде идејата за ваква платформа?

Идејата ја добивме во моментот кога и ние самите се соочивме со предизвикот на организирање на нашата свадба. Имавме гости од различни градови, па сфативме дека доставувањето на поканите ќе биде проблем, а и процесот на барање потврда за присуство бараше дополнителен ангажман.

На овој начин дојдовме до идејата за „Јас и Ти“ и креиравме наша персонализирана свадбена веб-страница. Таа ни помогна многу во процесот на организирање на свадбата и во потврдување на потенцијалот на идејата.

Гостите беа презадоволни од тоа што добија лична покана од нас младенците, која тогаш ја испративме по e-mail и Facebook Messenger, и можеа брзо и едноставно да ни одговорат. Покрај ова, на таа веб-страница гостите можеа да се информираат и за локацијата и времето на сите активности обележани на мапа (венчавка, матично, ресторан) и да пристигнат на вистинското место и време.

Кои се предностите на замената на поканите за свадба со веб-страница?

Брзиот и едноставен начин на дистрибуција на поканите е клучна, но не и единствена предност на ова решение. Веб-страницата е простор на кој младите на креативен начин можат да ја раскажат нивната љубовна приказна.

Важен сегмент за гостите е и делот каде младенците ја дефинираат програмата на свадбата детализирана со време и место од секоја активност, а ова како концепт потврдивме дека одлично работи кога и ние ја организиравме нашата свадба.

Голем дел од гостите за прв пат доаѓаа на тие локации, а мапите и информациите помогнаа сите, без исклучок, да стигнат на време. На денешно време, реално, предност е да имаш локацијата одбележана на Google maps, нешто што го нема со печатени покани. Покрај моментот на класича покана, свадбената веб-страница има и неколку дополнителни предности како галерија од 10GB и лесна контрола и манипулација со содржината. Во галеријата, младите можат да додадат слики од веридба, свадбена фото-сесија, прослава, меден месец…

Контролната табла, пак, нуди лесно менаџирање на секој сегмент од веб-страницата. Младите можат лесно да ја менуваат содржината, а истовремено и да си играат со дизајните. „Јас и Ти“ не ги ограничува на еден дизајн, туку ако сакаат можат да го заменат со друг, без да ја изгубат содржината која ја имаат внесено.

Со jasiti.mk одлучивме да им дадеме повеќе слобода во изборот на младите, за разлика од тоа кога се печатат покани, бидејќи сите дизајни се вклучени во пакетите и не треба да направат дополнителен трошок ако сакаат нешто друго.

И за крај, можеби и најважното, jasiti.mk е „зелено“ решение, кое ги охрабрува луѓето да го заменат класичното печатење на покани со електронска верзија. Зошто да печатите хартија, која пола ќе ја сликате и ќе ја пратите по Viber или нешто слично до гостите и на крај ќе ја чувате дома или ќе заврши во ѓубре, кога можете да дадете ситен еколошки придонес за целото општество.

Кој сѐ работеше на платформата?

Идејата за платформата започна од мене и мојот сопруг, Диме Мишков. Решението за кое иницијално разговаравме, заедно го проценивме како огромен потфат, а од таму и заклучокот дека ова нема да биде лесна задача само за нас двајца. Токму затоа се одлучивме за соработка со CodeArt, македонска ИТ компанија која ни помогна во развојот на платформата Јас и Ти – од процесот на купување до автоматско креирање на свадбена веб-страница.

Кои технологии ги користевте за изработка?

Финалното решение е WordPress Multisite платформа која автоматски генерира свадбена веб-страница веднаш по успешното купување. Во креирањето на решението размислувавме и како да ја подобриме безбедноста. Затоа, целата содржина, вклучувајќи го jasiti.mk и сите под-домени кои влегуваат, се безбедни и енкриптирани со https. Вложивме многу и во истражување на услуги од трети-лица кои ќе ја унапредат функционалноста и корисничкото искуство во работењето.

Планирате ли можеби наскоро нотификации со кои ќе се испраќаат покани до пријателите?

Моментално дистрибуцијата на покани оди преку контролната табла на системот. Во делот за покани се и формата за испраќање на нови покани и табела со листа на веќе испратени покани. Ни се допадна што уште во самиот почеток нашите клиенти беа конструктивни и ги споделуваа идеите како овој систем да стане подобар. За нотификациите како метод за комуникација со гостите планираме нешто друго. Ова е функционалност која ни е ставена на to-do листа. Истата е идеја од корисниците и сметаме дека ќе биде многу корисна.

Она што планираме е следното, ако гостинот позитивно одговори на поканата, да го понудиме да добива нотификации за настанот – односно да добие нотификација ако настане промена во програмата на настанот (промена на локација или време на некоја од активностите).

Досега имаш работено на неколку проекти, кои се предизвиците на развој на нови решенија?

Да, досега имам работено на голем број проекти кои имаат за цел да направат некаква промена во нашите навики. Еден таков пример е и апликацијата Claxi за такси индустријата. Морам да признаам дека и покрај тоа што сите сме свесни дека секоја IoT иновација се создава за да го унапреди и олесни нашиот живот, сепак најголем предизвик е токму нејзиното прифаќање.

Интересно е како сите ние живееме со навиките кои ги имаме и ни треба време за да прифатиме нешто ново, а секојдневно работиме на нешто што очекуваме да направи некаква промена и да остави наш траг во општеството. Маркетинг делот е мојот домен на работа и уживам во динамиката на секојдневно соочување со нови предизвици како да се стигне до корисниците, како да се објасни одредена иновација и како таа би им го променила (читај олеснила) животот.

Jasiti.mk како проект ме запозна и со еден нов предизвик покрај навиките, а тоа е поврзувањето на традицијата со технологијата. За нешто што има големи традиционални вредности барем за нашиот пазар, особен предизвик е задржувањето на истите преку креирање на „смарт“ решение.

Тоа е тешкиот дел на одржување на динамика кога се стремиме да одиме напред, без да заборавиме на тоа што е позади нас.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk