Во потрага по таленти кои би можеле да ги вклопат во својот тим, македонската софтверска компанија Seavus организира две бесплатни обуки за програмскиот јазик Java и системот за развој на апликации .Net. Обуките се наменети за дипломирани студенти или апсолвенти на студии за информатички технологи и компјутерски науки.
Java обуката ќе се фокусира на детално изучување на Java, објаснување на концепти на основните елементи, работа со објекти, интерфејси, класи и методи, организација на класи и контрола на пристап, исклучоци (exceptions), влезни и излезни текови и конкурентност. Вториот дел се надоврзува на совладаниот материјал од првиот дел и продолжува со теми како што се работа со релациски бази на податоци и SQL, JDBC, и ОРМ (Hibernate), опфаќа концепти на веб-програмирање и завршува со напредна тема за автоматско тестирање на компоненти.
Обуката за .NET ќе ги обработи темите од областа на развој на софтверски процеси, алатки и архитектура; објектно-ориентирано програмирање во C#; развој на база на податоци во MS SQL Server; SPA со ASP.NET MVC; тестирање на компоненти, итн. Учесниците ќе ги истражат основните концепти и постепено ќе напредуваат кон напредни концепти кои ќе им овозможат да развијат еднострана апликација (Single-page application). Со учество во .NET обуката се стекнува пошироко познавање на .NET Framework и алатките за развој и тимска соработка и учесниците ќе можат да развијат апликации користејќи C#, MS SQL Server и JavaScript.
Обуките ќе траат 14 дена по 4 часа на ден со предавања, практични вежби водени од персоналот на Seavus. Целта е кандидатите да се стегнат со практично искуство кое може да им помогне да најдат вработување, вклучувајќи и во Seavus кој ќе им понуди на најдобрите место во компанијата. Пријавувањето трае до 4-ти на сајтот на Seavus. Пред да бидат прифатени учесниците ќе мора да поминат технички тест за Java и .Net и тест за англиски јазик.