EESTEC Academy е ИТ настан организиран од студентската организација EESTEC LC Skopje. Настанот традиционално го организираат веќе со неколку години, а годинава поради пандемијата Ковид-19 ќе се одржи онлајн. EESTEC Academy претставува серија од кратки обуки на актуелни теми од техничката област. Учеството на академијата е целосно бесплатно, а до крајот на годината ќе се одржат два модули.
„Главна цел на настанот е да се овозможи на студентите, паралелно со нивните студии, да добијат дополнително знаење и вештини кои ќе им отворат нови перспективи во нивниот понатамошен професионален развој“, велат организаторите.
Во првиот модул учесниците ќе можат да се запознаат со микроконтролерот Arduino. Модулот ќе се одржи за две недели од сега, викендот на 28-ми и 29-ти ноември во соработка со Машински факултет Скопје (МФС). Овој модул претставува одлична прилика да се научат основите на работата со светски познатиот микроконтролер, преку предавања на искусни професори од Машински факултет Скопје. Формата за пријавување е отворена и заинтересираните веќе може да го најават своето учество.
Вториот модул на овогодинешното издание ќе ја опфати актуелната тема „Енергија и одржлив развој“. Модулот ќе се одржи во соработка со Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), на средината на декември. Формата за пријавување ќе биде објавена наскоро.
За повеќе информации можете да ја следите Facebook страницата на EESTEC Academy.
Ги охрабруваме сите студенти и заинтересирани за овие области да се пријават и да го прошират своето знаење! Осмели се да научиш повеќе!