ИТ Кариера профил: Иван Величковски од InScale

ИТ Кариера профил е серијал преку кој ќе ја претставиме ИТ заедницата, начинот на работење, функционирање и динамиката на луѓето во ИТ секторот. 


1. Што работиш моментално и кои се твоите одговорности?
Моментално сум дел од InScale каде што работам за реномираниот дански клиент 3Shape, кој е еден од лидерите во производство на скенери и софтвер за забна практична работа и лаборатории. Нашиот тим во Македонија брои 15-тина луѓе со потенцијал за понатамошно ширење. Мојата одговорност како mobile developer е пред сè одржување и постојана надградба на Android апликацијата Communicate. Истовремено, парцијално сум  одговорен и за одржување на Android/iOS маркетинг апликациите на 3Shape.

2. Прати ни фотографија од твојата работна средина (без средување 😃)

3. Од каде научи да програмираш – факс, курсеви, или учење на своја рака?
Основата на програмирањето ја научив на ФИНКИ. Нашите професори и асистенти според мене нè спремаат солидно за она што не очекува понатаму во професионалниот живот.

Сепак, голем дел од нивните препораки и укажувања не ги сфаќаме сè додека не ги направиме почетничките грешки за кои сме биле предупредени. Затоа, сметам дека најголемиот прогрес во моите програмерски вештини го остварив (и остварувам) работејќи на различни проекти како дел од InScale (и EmbedSocial во минатото) каде што со помош на менторите секојдневно напредувам.

Мора да напоменам дека, исто така e поприлично забавно човек да се посвети и на некој сопствен мини-проект, или евентуално да ги искористи постојните факултетски обврски во своја полза – правејќи од нив мини-продукт. Од тој аспект би го издвоил учеството во правењето на забавната Екстерно апликација која своевремено беше саркастичен одговор на образовните политики како нешто кое ми претставуваше задоволство од кое истовремено научив многу работи.

Како заклучок, би рекол дека програмирањето не е нешто што еднаш се учи и засекогаш се знае. Напротив, како програмери сметам дека постојано треба да се надоградуваме. Најдобар начин да се направи тоа е преку учење на своја рака за остварување на соодветна цел (било да се работи на сопствен проект, или на проект за компанија).

4. Кои се 5-те сајтови кои највеќе ги посетуваш?
4.1
Google Play Music [еквивалент на Spotify за кој не треба VPN]
4.2 Product Hunt
4.3 Stack Overflow
4.4 Runner’s World
4.5 TED.com

5. Кој е твојот омилен technology stack?
Како mobile developer најчесто користам комбинација од следните technology stacks:

  • Android Studio/Java (native Android development)
  • XCode/Swift (native iOS development)
  • iOS + Xamarin.Android/C# или Xamarin.Forms/C# (cross-platform development)

6. Омилена алатка/софтвер?
Фокусиран сум на развивање на мобилни апликации што со други зборови значи дека токму тоа и ми е омилен софтвер. Алатките ги бирам врз база на тоа што го развивам во моментот.

7. Напиши ни неколку мудри зборови како совет  за оние кои сакаат да започнат со програмирање…
Доколку има некој што во истиов момент го чита ова и размислува дали сака да биде програмер имам една порака:

Кога ќе започнете да програмирате тоа можеби ќе ви се чини како да е најтешката работа на светот и дека вие сте најлошиот програмер. Ќе завршите факултет и ќе го мислите истото. Ќе се вработите и повторно – ќе го мислите истото. Во овој момент додека го пишувам ова – и јас го мислам истото! Но, според мене, убавината во оваа професија е што предизвиците со кои се соочуваме секојдневно не мотивираат да се подобруваме и да не „закржлавиме”. Јас програмерите ги споредувам со рок ѕвезди од кои се очекува секоја наредна песна да биде подобра, а од нас се очекува подобра нова линија код!

Затоа, не размислувајте, почнете!

8. Напиши ни неколку мудри зборови како совет за твоите колеги во индустријата…
И после речиси три години работа сметам дека искуството кое го имам не е ни приближно доволно за да делам совети. Единствено што можам да препорачам е дека треба да си го делиме знаењето едни со други, односно секогаш кога е потребно да му помогнеме на колегата кој нема соодветно знаење во „нашата” сфера, и обратно, тој да ни помогне нам кога ни се потребни материјали од „неговата” сфера. На тој начин тимовите функционираат најдобро и хармонично, а со организирање на настани за размена на искуства и слични на нив сите напредуваме уште повеќе!

9. Доврши ја реченицава: Иднината на програмирањето е во вештачката интелигенција, машинското учење, Internet of Things. Барем така сугерираат светските трендови. Но, тоа го чувствувам и на „мој” терен. Кога пред пола деценија се насочив кон развивање на мобилни апликации никој не зборуваше за креирање на паметни мобилни апликации. Денеска, речиси секоја втора тема е како мобилната апликација да се направи „попаметна” за корисникот, врз база на неговите преференции.


Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
0 Коментари
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments