Напредокот на технологијата за микроелектродни мрежи, нано-материјали и биосензори, како и напредокот на безжичната комуникација значително придонесоа во креирањето на модерен и корисен интерфејс помеѓу човекот и машината.
Најпозната компанија која работи на ова поле е Neuralink. Компанија основана од Елон Маск која веќе има 2 пациенти кои ги тестираат чиповите. Neuralink не е единствената компанија која развива BCI-технологија. Нивниот конкурент Synchron исто така го има првиот пациент, кој ја користи технологијата. Шеесет и четиригодишниот Марк кој боледува од АЛС веќе една година ја користи технологијата. Synchron оваа недела објави дека Марк е првиот пациент кој го користи нивниот интерфејс за да издава команди на Amazon Alexa, јави Wired.
АЛС или амиотрофична латерална склероза (ALS) е позната и како Лу Геригова болест. Таа невродегенеративна болест која ги напаѓа нервните клетки во мозокот и ‘рбетниот мозок, предизвикувајќи прогресивна парализа. Од оваа болест страдаше и Стивен Хокинг.
За разлика од Neuralink, интерфејсот на Synchron е многу помалку инвазивен. Наместо комплексна операција со која електродите се поставуваат директно во мозокот, сензорите се вметнуваат како стент во кој се распоредени електроди кои се сместени во артерија која „седи“ на моторниот кортекс во мозокот. Податоците кои ги вчитуваат овие сензори преку BCI се испраќаат до уредот кој го користи. Ова може да биде на пример телефон или таблет компјутер.
Благодарение на технологијата на Synchron, Марк веќе можеше да управува со iPad или iPhone. Можеше да прелистува по интернет, да праќа пораки и слично. Сепак благодарение на новата интеграција со Amazon Alexa бројот на работи кои може да ги прави значително се зголеми. Интеграцијата со Alexa му овозможува со мислите да управува со сите уреди на Amazon, од Kindle, до паметните камери Ring. Дополнително, оваа интеграција значително го олеснува купувањето на Amazon.
„Прилично е возбудливо и ослободува тоа што можам да ја задржам мојата независност“, вели Марк. „Некои денови може да биде потешко, особено во зависност од тоа како се чувствувам, но распоредот на таблетот Amazon ја олеснува интеракцијата и завршувањето на работите“.
Поврзувањето со Alexa е само една интеграција. Тимот на Synchron ги поврза командите и со ChatGPT и со Apple Vision Pro. Благодарение на интеграцијата со Apple Vision Pro, Марк може да игра Solitaire, да гледа Apple TV, или да праќа пораки, додава Wired.
Иако за развој на интерфејс помеѓу луѓето и машините, почесто се зборува последниве неколку години, научниците работат на нивниот развој уште од 70-тите години. Досега ниту еден од производите кои бил развиен не добил дозвола за комерцијална употреба.
Уредот на Synchron веќе го користат шест пациенти во САД и четири во Австралија. Сѐ уште станува збор за тестови кои се во рана фаза, но Марк се надева дека напредокот на технологијата ќе му овозможи повторно да слика.