Изминатава недела од 9-ти до 13-ти септември беше исполнета со повеќе IT настани на добро познатата локација Base42, а финалниот настан се одржа на 14-ти септември во МКЦ.
Првиот настан, Community day започна во понеделникот на 9-ти септември, потоа следуваа Auth and Security day, Mini bootcamp day, WebDev++ day и Angular day.
Во саботата на 14-ти септември, под мотото “од заедницата за заедницата” се одржа финалниот ден на конференцијата What The Stack.
Темата на овогодинешната конференција беше Web development, а учесниците имаа шанса да слушнат доста интересни работи на темата, да се дружат и да разменат по некое искуство со останатите.
Во саботата, конференцијата започна наутро во девет часот, траеше до попладневните часови и заврши со малку музика, за која се погрижи DJ Goce.
Дваесет предавачи, од кои 10 интернационални се појавија на 4 сцени, со предавања кои траеја по дваесетина минути. Додека пак за време на предавањата, присутните имаа можност да слушнат интересни работи од истакнатите професионалци од областа.
Покрај предавањата и техничкиот дел, настанот беше одлична можност и за запознавање на учесниците со IT компаниите кои што имаа свои штандови во МКЦ.
Конференцијата беше организирана од три невладини IT здруженија: DeveD, Base42 и Angular Macedonia и поддржана од повеќе IT организации, компании и иницијативи.
Волонтерите се неизоставен дел од секој настан, а во продолжените импресиите на еден од волонтерите на настанот…
Имав чест да бидам дел од What The Stack конференцијата во Скопје, каде што волонтирав како дел од организацискиот тим. Нашата главна задача беше да им помагаме на посетителите, да обезбедиме безбедност и чистота на просторот пред и по настанот, како и да асистираме при нивната регистрација.
Настанот беше исполнет со позитивна енергија, благодарение на присуството на искусни програмери и лидери од индустријата, кои одржаа инспиративни и интересни предавања.
Атмосферата беше неверојатна, а нетворкингот беше клучен дел од искуството. За време на паузите можеше да се слушне како посетителите веќе планираат и дискутираат за нивните идни проекти и идеи, инспирирани од говорите.
Беше навистина мотивирачки да се биде во средина каде што постојано се разменуваат идеи и се создаваат нови можности.
За мене, ова искуство беше непроценливо и инспиративно, поттикнувајќи ме да продолжам да се развивам во светот на технологијата, Берат Ахметај, студент на ФИНКИ и волонтер на конференцијата.
Тимот на IT.mk упатува честитки до организаторите на конференцијата и ги охрабрува оваа иницијатива да прерасне во традиција :)