Новата верзија на својот мобилен оперативен систем iOS7, Apple ја претставија на овогодинешниот WWDC во јуни, а од денес iOS7 конечно е достапен за сите корисници. Откако имаше неколку бета верзии, пред сè наменети за развивачите, денес iOS7 може да го користат милиони корисници ширум светот.
Тоа што треба да го знаете за новата верзија е дека има целосно нов дизајн кој досега претрпе многу критики, но доколку го сакате вашиот iPhone ќе морате да се навикнете, бидејќи Apple цврсто верува дека иднината е во iOS7. Од другите промени може да се истакнат Air Drop, продавницата со апликации, камерата, контролниот центар, мулти-таскингот, iTunes радиото и друго за што можете подетално да прочитате во продолжение.
- Air Drop – состав за префрлување на датотеки помеѓу повеќе уреди на Apple кои се поврзани на иста WiFi мрежа, со што се олеснува размената на датотеки низ домот.
- App Store – концептот на продавницата останува ист, но додадени се неколку нови можности како што е новата секција „Near Me“ во која се наоѓаат сите апликации кои се популарни во вашиот регион. Исто така, возможно е и автоматско ажурирање на апликациите, па така нема да имате потреба да се грижите дали ја имате најновата верзија или не.
- Control Center – контролниот центар кој е нов дел во iOS овозможува брз пристап до WiFi, Bluetooth, подесувања за светлоста на екранот, Air Drop, менување на режимот на работа (Airplane) и слично. До контролниот центар може да се пристапи со лизгање оддолу спрема нагоре.
- Мулти-таскинг – попрегледен и побрз за користење, бидејќи сега се прикажува целата апликација и можете да видете до каде сте стигнати и што работите во другите апликации.
- iTunes Radio – ова е нов сервис кој би требало да биде пуштен при крајот на оваа година, а во Европа ќе биде достапен нешто подоцна. Оваа алатка ќе може да се користи за откривање на нова музика и претставува конкурент на Spotify и Pandora.
Од другите новости, додадени се динамички позадини, можност за избирање на мултимедијална датотека и прегледување со филтри во реално време, додека фотографиите во новиот оперативен систем ќе користат EXIF податоци кои ги сортираат фотографиите според датумот и локацијата. Прелистувачот Safari е целосно прилагоден за Maverics и поддржува отварање на безброј табови, родителска контрола и подобрени можности за споделување на Twitter и листа за читање.
Во продолжение можете да видете како изгледа iOS7.