Интервју со Здравко Николовски од Netcetera: Сѐ уште не е достигнат врвот на виртуелната реалност

Avatar img-thumbnail img-circle

во ИТ.МК

Виртуелната и проширената реалност се дел од најинтересните технологии чија популарност расте последниве години. За можностите за иднина и насоката на виртуелната реалност разговараме со Здравко Николовски, лидер на тимот за развој на апликации за проширена и виртуелна реалност во Netcetera.

Г. Николовски е во Netcetera веќе 13 години. Работел со многу технологии: .NET, iOS (ObjectiveC, Swift), Android, React Native, проширена реалност со Unity. Во слободно време сака да чита книги и стрипови, да игра игри, да гледа филмови и серии, и да спортува.

Која е вашата позиција во Netcetera?

Мојата главна позиција во Netcetera е соуправител на одделот за инженерство. Покрај тоа го водам техничкиот дел од нашиот тим што развива апликации за виртуелна и проширена реалност.

Кое е вашето искуство со виртуелната и проширена реалност?

Моето лично искуство е највеќе со проширената реалност. Приказната започна пред околу пет години, во 2016 година. Во тој период Microsoft ја најави првата генерација на HoloLens. Netcetera беше една од првите компании која доби пристап до уредот. Беше многу возбудлив и интересен почеток. Истражувавме што сѐ можеме да направиме со уредот. Прво развивавме протототипови за интерна употреба, за потоа да почнеме да разговараме и со клиенти. Дел од нив беа постоечки, дел беа нови.

Интересот беше огромен. Во изминативе неколку години излегоа многу уреди на кои работевме (и сѐ уште работиме): HoloLens (прва и втора генерација), MagicLeap One, RealWear HMT-1, Vuzix Blade, Google Glass, итн. Развиваме исто така и апликации за виртуелна реалност, со фокус на Oculus Quest.

Во поглед на алатките што ги користиме, најмногу го користиме Unity, иако понекогаш се спуштаме на ниво подолу и работиме со C++. Едноставно има некои можности што можеме да ги искористиме само на тој начин.

Што овозможуваат овие технологии?

Проширената реалност овозможува поставување и интеракција на дигитални објекти во вистинскиот свет. Таа интеракција може да се прави со специјализирани уреди преку кои гледате (како HoloLens и MagicLeap) или преку паметни телефони (Android, iOS). Интеракцијата со овие дигитални објекти може да се прави со гласовни команди или со гестикулации со раце. MagicLeap One и втората генерација на HoloLens овозможуваат одлична интеракција со помош на рацете на корисникот. Проширената реалност е одлична доколку сакате да правите работи и при тоа да останете поврзани со вистинскиот свет, без разлика дали станува збор за забава или за професионална работа.

Виртуелната реалност овозможува интеракција со комплетно виртуелна околина. Најчест начин на конзумирање на виртуелна реалност е преку користење на уред што е поврзан со компјутер. Најчесто прилично моќен компјутер.

Во последните години видовме дека се појавуваат и мобилни уреди за виртуелна реалност, почнувајќи од адаптација на паметните телефони (Samsung GearVR, Google Daydream, Google Cardboard), сѐ до уреди на кои виртуелната реалност им е примарна намена (Oculus Go, Oculus Quest). Виртуелната реалност може да се користи за многу работи, почнувајќи од забава, па сѐ до професионална работа. Контекстот е различен од проширената реалност, бидејќи тука можете да имате интеракција со работи што воопшто не се дел од вистинскиот свет.

Има ли некои проекти на кои работите во Necetera и може ли да споделите некои од нив?

Продуктот на кој работиме е Inspect AR. Inspect AR е комплентно решение кое овозможува дигитализација на процесот на проверка на најразлични листи. Мотивацијата за развој на овој продукт доаѓа од клиентите со кои соработуваме. Голем дел од нив сѐ уште користат хартија во процесот на извршување на различни проверки, без разлика дали станува збор за проверка на квалитет, редовен сервис, проверка на статусот на уредите што ги користат во секојдневната работа. Идејата е да се дигитализира процесот. Нашиот продукт нуди можност локацијата на различните точки за проверка да се види и преку проширена реалност. Оваа можност го скратува времето да се направи проверката и овозможува дури и неискусни вработени да ги прават проверките. Овој продукт работи на Android, iOS, HoloLens 2 и RealWear HMT-1.

Во однос на проекти кои ги развиваме за нашите клиенти, има повеќе. Најчесто ова се интересни проекти каде гледаме да извадиме максимум од уредите со кои работиме. Можам да спомнам неколку интересни проекти на кои работевме низ годините. Од секторот на забава, ја имаме Cubic Warfare. Тоа е игра што ја развивме уште на почетокот, кога се појави првата генерација на HoloLens. Во играта, играчот контролира брод кој кружи околу остров, чија главна цел е да сруши различни градби. Играта беше прифатена одлично од корисниците и доби награда на Швајцарскиот избор за најдобри апликации (Best of Swiss Apps) во категоријата за проширена и виртуелна реалност. Во бизнис секторот имаме многу поинтересни апликации. За еден од нашите клиенти развивме апликација со проширена реалност која овозможува контролирање на роботска рака. Апликацијата работи со MagicLeap One и со HoloLens. Друг интересен проект беше можноста да ги искористиме податоците од сензорите за длабочина на HoloLens 2 и да идентификуваме различни објекти во околината на корисникот (ѕидови, цевки, итн.). Во однос на виртуелна реалност, една од апликациите што ги развиваме е апликација која се употребува за подобрување на моторните способности на деца со посебни потреби.

Има навистина многу различни апликации кои ги развивме (и ги развиваме) за различните уреди.

Дали сте запознаени со некои други интересни проекти од Македонија?

За некои помали и индивидуални проекти, да. Најчесто овие проекти се фокусирани на паметните телефони.

Во моментов се чини дека фокусот на технологијата се игрите, има ли нешто повеќе што може да се понуди?

Забавата (игрите) се само дел од тоа што го нудат уредите за проширена и виртуелна реалност. Како што веќе споменав, примената на овие технологии е многу поголема од игрите.

Што е пречка за зголемување на интересот на корисниците за виртуелна и проширена реалност.

Доколку зборуваме за крајни корисници, а не за бизнис корисници, пречката обично се финансиите.

Според моето искуство, проширената реалност е најдобро да се искуси преку уредите како HoloLens или MagicLeap. Паметните телефони се исто добра опција, но едноставно не е исто да ги гледате работите преку специјализирани „очила“ и преку екранот на вашиот телефон. HoloLens и MagicLeap не се наменети за крајните корисници. Цената е прилично висока. Во однос на паметните телефони, доколку сакате одлично искуство, треба да користите некој од моделите од висока класа (пример iPhone 12 Pro со LiDAR сензор). Повторно, поради цената, овие уреди не се достапни за сите.

За виртуелна реалност постојат повеќе опции: PlayStation VR, Оculus Quest, како и еден куп уреди што работат на персонален компјутер. Овие уреди се подостапни за крајните корисници, и за тоа интересот е поголем. Виртуелната реалност се бори за популарност одамна. Мојот впечаток е дека во последните години тоа конечно се случува. Одличните игри како Beat Saber, Half Life: Alyx, Thumper VR и Superhot VR се само почеток.

Во однос на бизнис корисниците, мислам дека бројот на достапни уреди и можностите што тие ги нудат беше главна пречка. HoloLens го смени пејзажот за проширената реалност. Понуди многу нови работи кои пред тоа не беа достапни. Очекувам дека интересот само ќе расте.

Според вас како ќе изгледа иднината на оваа технологија?

Виртуелната реалност ќе земе уште поголем замав. Sony веќе го најави PlayStation VR за PlayStation 5. Постојат гласини дека Apple ќе биде следниот кој ќе се вклучи на пазарот.

За проширената реалност би рекол дека е сѐ уште во почетна фаза. Да, има многу апликации на Google Play и на AppStore. Да, има популарни игри како Pokemon Go. Меѓутоа сметам дека врвот сѐ уште не е достигнат. Во моментот кога ќе се појават очила кои се финансиски достапни за обичниот корисник, кои изгледаат стилски добро и нудат скоро сѐ што нудат уредите како HoloLens и MagicLeap, тогаш… тогаш ќе биде моментот кога ќе бидат широко прифатени и користени.

Oна што може да го очекуваме е нешто фантастично. Можност за поставување на огромен виртуелен екран било каде во вашиот дом, на кој може да ги гледате омилените филмови и серии или да ги играте омилените игри без потреба на конзола (веќе ги имаме Stadia, xCloud, Luna, GeForce NOW, итн). Можност да имате виртуелен календар било каде во вашата соба. Можност да имате виртуелен монитор и виртуелна тастатура, за да можете да работите. Зошто да не одиме и малку подалеку. Можност да имате виртуелен асистент кој изгледа како човек и ви помага при вашите спортски тренинзи. Можностите се огромни.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
1 Коментар
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
Ihanoidwhimdo
Ihanoidwhimdo
1 year ago

Интересно е начинот на кој го користи терминот “краен корисник”. Не е по дефиниција било кој корисник на продуктот краен корисник независно дали е за бизнис цели или за рекреативна употреба?

ит кариера

MDH Insurance Services DOOEL

Mid/Senior .NET Software Developer

Matrix IT Global Services Macedonia

Technical Support Specialist

Matrix IT Global Services Macedonia

Product Operations

види ги сите огласи на kariera.it.mk