Изминатиот викенд во Охрид по четврти пат се одржа маратонот во кодирање Codefest, 32-часовен настан во организација на Здружението за развој Стартап зона Охрид.
Настанот покрај 24 панелисти и предавачи, имаше и кодерски маратон на кој учествуваа 32 тимови со своите идеи кои имаа 32 часа да создадат демо верзија.
Победник на Codefest 2016 е тимот на Dream Killers, кој е составен од четворица студенти на ФИНКИ, и тоа: Васко Теохаров, Христиан Илиоски, Никола Кусибојоски и Симеон Здравески.
Во продолжение е интервјуто кое го направивме со нив…
Честитки на победата. Како си поминавте на Codefest и какво искуство добивте од настанот?
На Codefest поминавме одлично, време поминато во работа, забава, одлична околина со навистина квалитетни и успешни луѓе. Запознавме голем број на успешни луѓе од различни земји од областа на технологијата, бизнис, маркетинг и слично, кои со задоволство ни ги пренесуваа нивните знаења и искуства. Запознавме и голем број на натпреварувачи, споделивме најразлични мислења и идеи. Освоивме вкупно три награди. Во категоријата на специјални награди ја освоивме наградата на Mladiinfo и mYouth, ја освоивме наградата за идеја со најголем бизнис потенцијал Gold Mine и го освоивме првото место на целиот натпревар. Се на се, едно прекрасно искуство за нас.
Дали хакатонот беше напорен?
Искрено, напорно е да се седи 32 часа пред компјутер и да се работи без престан. Но, желбата и мотивацијата да се успее во она што е замислено не одржа тие 32 часа да работиме и да го постигнеме тоа што го сакаме, да се претставиме ние како тим и нашата идеја во што е можно подобро светло.
Како девелопери, какво е вашето размислување за овие се позастапени кратки (обично траат 12 – 24 ч), интензивни хакатони каде што се развиваат идеи?
Овие хакатони се одлична можност за преставување на сопствената идеја пред луѓе кои се спремни несебично да понудат мислење, искуство и да помогнат во остварувањето на тие идеи. Сметаме дека треба да се одржуваат што е можно повеќе вакви настани каде што се собираат одлични луѓе со огромни знаења и вештини.
Зошто се одлучивте на друштвена мрежа за готвење? Дали имате јавно достапно демо?
Всушност, нашата идеја не претставува друштвена мрежа за готвење, туку е платформа која што ги поврзува луѓето кои што сакаат да продаваат, купуваат и донираат домашно припремена храна. Размислувајќи како студенти, купувањето и подготвувањето на домашна храна во студентски услови е она што нѐ натера да размислуваме токму на тоа поле, храна и готвење. Сметаме дека доколку еден ден стане успешна нашата апликација, луѓето ќе купуваат поевтина домашна храна, ќе донираат се повеќе храна и ќе им овозможиме да заработат и пари, притоа правејќи еден огромен социјален импакт во општеството.
Демо за тоа како ја замисливме и како би изгледала апликацијата во иднина е достапно во видеото:
Објаснете ни го малку потехнички вашиот проект. Технологиите, начинот на функционирање…
Проектот претставува Андроид мобилна апликација која што корисниците ќе можат да ја инсталираат на нивните мобилни уреди бесплатно. Функционира на многу едноставен начин, секој еден човек се регистрира на апликацијата и има свој профил. Доколку сака да понуди храна, ќе може да ја продава или да ја донира, да ја доставува, да ја подготвува за подигање од дома или пак да покани некој друг кај него дома на домашно приготвена храна. Доколку пак сака да купи храна, пребарува каде се околу него има некој што продава храна, купува преку самата апликација и во зависност од тоа како е понудена храната може да ја подигне, да му ја достават или да отиде на гости.
Освен мобилната апликација, се разбира ќе има и веб апликација за сите оние кои што би сакале да го направат истото преку веб или пак не се во можност да го направат преку мобилен уред.
Како вашата друштвена мрежа за готвење и споделување на совети за храна се разликува од постоечките, кои реално се многубројни?
Како што напоменавме претходно, нашата идеја е всушност платформа која ќе ги поврзe луѓето кои продаваат и донираат храна и оние на кои им е потребна храна. Според нашите истражувања, на пазарот не постојат голем број на вакви апликации, а и оние кои што ги има се локализирани само за одредени градови или држава и се насочени кон заработка од тие апликации, додека со нашата апликација сакаме да направиме и некакви промени во општеството и да ги поттикниме луѓето се повеќе да донираат храна. Исто така, сакаме и се надеваме дека апликацијата се прошири и ќе се користи во повеќе земји во светот.
Дали како тим претходно сте работеле на вакви заеднички проекти?
Како тим се познаваме и работиме заедно повеќе од 3 години. Се запознавме како колеги на ФИНКИ, сфативме дека успешно функционираме како тим и досега сме учествувале на различни натпревари и хакатони, сме работеле на различни проекти и семинарски работи во рамки на факултетот но и надвор од него.
Што е следно за DreamKillers, кои беа наградите и дали најдовте некој кој ќе ви го финансира проектот да стане вистински стартап? Дали воопшто имате желба од ова да направите стартап?
Она што следно ќе се случува е продолжување на напорната работа и вложување во самите себе, вложување во нашата идеја со цел таа да стане реалност. Сѐ уште немаме најдено некој кој би го финансирал овoј проект, но ќе направиме се што ќе бидe потребно за приказната за нашата апликација да стане вистинита. Наградите кои што ги добивме се всушност карти за различни светски конференции и стартапи, бесплатни тренинзи, канцелариски простор и бесплатен период на инкубација и акцелерација кои би требало да ни помогнат во остварувањето на нашата идеја.
Што би им препорачале на другите студенти кои ќе бидат мотивирани од вашата победа на CodeFest?
Она што би сакале да им го препорачаме е да веруваат во нивниот сон. Да веруваат во самите себеси дека тие се најдобри и дека можат да направат било што. Да ги следат нивните идеи, да ги гледаат како нивни деца кои треба да ги одгледаат правилно и постојано да ги развиваат. Би ги поттикнале да учествуваат на сите оние натпревари на кои што сметаат дека би требало и никогаш да не се откажуваат.
П.С. За фотографии од настанот, кликнете тука.
[…] сервисите за храна и нарачки, посебно идејата на DreamKillers, победничкиот тим на Codefest кои сакаат да направат […]
[…] Како гостин навистина уживав во Codeference и бев навистина изненадена колку напорно работат тимовите на своите проекти. Да ви ја доловам сликата, надвор имаше фантастично сончево време за целиот викенд, прекрасен поглед на езеро од терасата на ресторанот, но кога ќе влезете во работната соба ја чувствувавте атмосферата на напорна работа, луѓе кои кодираат, кои ги слушаат менторите и кои ги средуваат презентациите. Сесиите за претставување беа успешни за сите тимови, но најмногу за DreamKillers – победниците на Codefest 2016. […]
Zasto bi kupil hrana od nekogo sto ne go ni poznavam ? Koj garantira za kvalitetot, higienski standardi, itn ? Btw vakvo nesto ne e ni legalno, dokolku vrsis nekoja dejnost i imas profit, treba da si registriran kako praven subjekt i da plakjas danok.