Стартапите се убаво и возбудливо друштво, вели Дејан. Креативни луѓе кои работат на иновативни идеи, но кога ќе се соочат со практичен проблем тие тука се збунуваат. А такви проблеми ги чекаат веднаш од моментот кога ќе основаат компании.
Го запознав Дејан Алексов на coworking настанот Funky Friday каде и двајцата имавме иста мисија – да проучиме македонски стартапи, иако неговата работа е далеку посериозна. Дејан е правник во адвокатската канцеларија Чакаровска, на адвокатката Данче Чакаровска Гроздановска која е член на CEED клубот на инвеститори. Затоа и Brainster, стартапот во кој инвестираа македонските инвеститори, им беше првиот клиент од кој сфатија дека на стартапите им е потребна правна помош.
„На стартапите правото им е непознато. Не сакаат да чепкаат во него, често им е досадно; но од моментот кога ќе решат својата идеја oд PowerPoint презентација да ја тестираат на пазарот, да ја претворат во реална компанија која ќе генерира приходи, тогаш влегуваат во мојот домен – ќе мора да основаат фирма. Правото е неизбежен аспект од секој стартап“, вели тој.
Дејан е во право. Mакедонските стартапи имаат гoлеми идеи, иако често се потсопнуваат во бизнис планот, и вистинските предизвици кои не можат да ги избегнат. Македонија, велат, е правна држава, има закони кои мора да се почитуваат, и ако стартувате компанија мора да ги знаете правилата на игра.
„Основањето фирма е првиот контакт со правото“, вели Дејан. Следуваат еден куп други детали како кој вид на друштво ќе биде основано, дали флексибилно друштво со ограничена одговорност, или некоја друга форма; како да изберат управител, како основачите ќе го делат уделот во компанијата; во случај на инвестиција како ќе ги подготват договорите, и на кои обврски можат да се врзат; како тогаш ќе го поделат уделот, што е данок на добивка? кој мора да се плати бидејќи македонските закони не се запознаени со нешто налик на venture capital кој ќе дозволи поголема иновативност меѓу компаниите….
Можеби ќе ги разберете македонските стартапи зошто го игнорираат правото. Но, мора да се знае. „Порано или покасно, сите стартапи ќе имаат додир со правото“, вели Дејан. Македонските закони не препознаваат „стартапи“, такво нешто не постои; ниту пак ќе покажат милост ако се декларирате како „иновативни компании“. Ни такво нешто не постои, засега. Сите се само „компании“, од продавница на семки до стартап кој може да го промени светот.
Но, како да ги смениме македонските закони?
Не очекував дека во Македонија законодавците и правните експерти се грижат за стартапите. Се работи за мал број на експериментални компании, ниту пак имаме успешни приказни. Но, грешев. Дејан ме убеди дека во Македонија се прави хармонизација со европските закони, иако правото на хартија и спроведувањето на закони можат да бидат две различни нешта. Веќе се дебатира како да се поттикнат иновативните компании. „Има интерес од институциите да се креира ваква законска рамка, но тоа во моментот најмногу се разговара на отворени трибини, на конференции и дебати каде се разговара за идејата“, вели тој.
„Во Македонија во моментот „стартап“ како поим не постои во законодавството, но убаво би било да има посебна стартап регулатива во која одредени компании што исполнуваат услови ќе влезат во таа норматива“.
Дејан веќе ги проучува европските закони за стартапите, меѓу кои како добар пример ја издвои Италија. Во таа земја веќе постојат закони кои дефинираат што се иновативни стартапи и социјално претприемништво. Во законите се наведени услови како да се регулира иновацијата, пример, дека иновативен стартап кој се занимава со медицина мора да има вработени доктори на науки или магистри; дека 50 отсто од своите приходи треба да ги инвестира во понатамошно истражување, и други правила кои се дизајнирани да стимулираат иновација.
„Како што се популаризираат стартапите, така доаѓаме до потреба и во Македонија да воведеме некоја законска рамка која ќе им помогне. Но, и стартапите се тие што го водат тие промени“, вели тој. Идејата е дека колку повеќе стартапи има во Македонија, толку повеќе ќе има потреба да се сменат законите за да се поддржат новите идеи. Некои работи веќе се почнати, пример од пред две години стартуваше државниот Фонд за иновации и развој на технологии кој инвестира пари во стартапи и иновативни проекти. Веќе се зборува за идејата да се следи примерот од Албанија и да се понудат даночни ослободување на стартапите, или пак да се понудат олеснување за вработување на нови креативни умови што ќе го забрзаат развојот на стартапот.
Но, засега промените на законите се само идеи, какви што ги има секој стартап. До реализацијата на тие идеи ќе мора да се помине истиот пат што го имаат стартапите – да се проучи правото.
[…] партнери, за проблемите на ИКТ индустријата и новите идеи со застарената регулатива и правото, а каде и да е, наскоро посериозно ќе се зборува и за […]